Достапни линкови

Разрешениот директор на МКЦ обвинува за притисоци од Град Скопје за вработување на Бени Шаќири


MKC
MKC

Финансиски инспекции, ревизии и намален буџет се дел од притисоците на кои се жалат вработените во Младинскиот Културен Центар. Разрешениот вд директор на МКЦ Ванчо Богоев јавно посочи дека од Град Скопје му било вршено притисок да потпише вработување на Бени Шаќири, па откако не потпишал на неговoто столче утре ќе седне дипломиран детектив со неколку дена работно искуство во МКЦ. Ни Шаќири ни град Скопје не одговорија на ваквите обвинувањ на Богоев.

Дипломиран детектив со два дена работно искуство во Младинскиот културен центар од утре па во наредните два месеци ќе биде новиот привремен директор на оваа скопска институција, откако претходниот директор Ванчо Богоев, како што вели самиот, не потклекнал на притисокот од генералниот секретар на Град Скопје да го потпише вработување на музичарот Арбен Шакири познат во јавноста како Бени.

Богоев кој 36 години е дел од институцијата и една година како е назначен за в.д директор денеска е разрешен од функцијата со официјално кратко образложение дека му истекол мандатот од 6 месеци. Тој за Радио Слободна Европа вели дека три часа против својата волја ги поминал во канцеларијата на генералниот секретар на град Скопје Зоран Глигоров каде му биле вршени директни закани и уцени за да потпише вработување на Бени Шаќири преку Агенција за привремени вработувања.

„ Јас на неколку пати сакав да заминам од тој состанок, и бев спречен во обидите во смисла – Не може да си одиш додека не го договориме ова. Заканата меѓу редови, па и во лице, значи дека нема да сум веќе в.д директор затоа што не сум ги исполнил нивните очекувања да го потпишам тоа вработување,“ вели Богоев.

Тој објаснува дека разговорот кој што го воделе во просториите на Град Скопје за него бил многу мачен.

„Тоа беа обиди на секретарот по секоја цена да ме убеди да потпишам, долг беше преку три часа, убедувања вербални закани од секаков вид кои не би ги коментирал, не е долично да го коментирам тој речник. Се чудам како и самиот успеав да не изреагирам, бидејќи во одредени моменти бев револтиран, осетив и еден психички притисок, побарав и вода да се напијам за да се смирам, не очекував таков настан од неговата страна. Но, бев решен дека такво нешто не можам да потпишам“, изјави Богоев.

Шаќири до објавувањето на овој текст е одговори на нашите повици и прашања на вибер за коментар на ваквите обвинувања, како и на тоа зошто толку години неговото име се спомнува во политичка конотација за избор на директорската позиција во МКЦ. Одговори нема нити од Град Скопје на поставените прашања поврзани со овие обвинувања.

Богоев состанокот во Град Скопје од понудените две вработувања, прифатил едно, а тоа е за дипломираниот детектив Никола Алексов, кој по само два работни дена поминати во МКЦ е назначен за в.д, директор од страна на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Неговиот договор за привремено вработување истекува за два месеца и неколку дена од вработувањето.

Арсов заминува од позицијата в.д. директор на МКЦ: Не издржа „срце јуначко“

Алексов не одговори на нашите прашања на смс пораката дали како дипломиран детектив смета дека има компетенции да раководи со културна младинска организација и дали има спремна програма за позицијата на која е назначен.

Според Статутот на МКЦ вршител на должноста директор на оваа институција може да биде само човек кој што е вработен во институцијата. Тоа е решение со кое градот Скопје без оглас може да именува директор во оваа институција. Со ова се отвара прашањето дали постои тенденција на ваков начин по истекот на договорот на Алексов да биде поставен како директор на МКЦ Бени Шаќири, ако се вработи во МКЦ.

Генералниот скопски секретар Глигоров од Богоев барал, како што вели тој, Шаќири да биде вработен во делот односи со јавноста, позиција која во тој момент била слободна според систематизацијата на МКЦ. Во петок Богоев повторно ќе дојде на работа во МКЦ, но како раководител на техничкиот сектор.

Партиски игри и притисоци врз грбот на МКЦ

Вработените во МКЦ се спротивставуваат на поставувањето нестручен директор во нивната институција. Тие велат дека се разочарани од несеризните игри кои се водат на нивниот грб. Филип Николовски од колегиумот на МКЦ вели дека повторно со притисоци се менува директор и се носи човек од надвор кој, како што вели, до вчера не влегол во МКЦ, а сега треба да ја води оваа институција. Тој додава дека колективот се сомнева во повторен обид за поставување на друг непрофесионален кадар кој што беше актуелен за позицијата директор на МКЦ во минатото преку политички игри.

„Ние сме изложени на притисоци веројатно веќе четири до пет години, уште од тогаш траат притисоците врз сите во МКЦ, од ревизии, финансиски полиции обвинители, постојано бевме на некој начин репресирани. Тие поминаа низ овие години и не утврдија никакви неправилности во Младинскиот културен центар, а МКЦ морам да кажам дека во овие изминати години процвета дури и во време на короната и програмски па дури и финансиски. МКЦ е една од ретките институции кои годината ја завршуваат со позитивно салдо“ вели Николовски.

Според него и кратењето на буџетот од град Скопјеза годинава за МКЦ е притисок врз вработените. Парите кои се предвидени за нивната работа од градскиот буџет се доволни за одржување на пола фестивал, дециден е Николовски.

„ Со буџет од 2 милиони денари во однос на претходните цирка 20 милиони денари не можеме да направиме ни половина фестивал. За споредба, изминативе години ако висината на парите од буџетот за фестивалите бил од 2 до 3 милиони денари, или колу 50 илјади евра во просек, сега буџетот за фестивалите е од 200 до 400 илјади денари, што е пресмешна сума. На пример во регионот, еден фестивалски буџет во Софија, Загреб или Љубљана се движи од 500 до 800 илјади евра. Ние и претходно бевме хендикепирани, а сепак бевме актуелни во регионот и меѓународни рамки. Сега со овој намален буџет за 5 илјади евра за креирање фестивал, пари колку за авионски билети за еден седум член бенд од Европа, е брутално како се девалвира работата, сега не принудуваат да застанеме, како да сакаат да ја уништат институцијата,“ вели Николовски.

Обидот за поставувањето на Бени Шаќири за директор на МКЦ беше актуелен на минатите локални избори кога Шаќири и тогашниот актуелен градоначалник Петре Шилегов на Топ Тема дебатираа зошто тоа не се случило.

„Цело Скопје знае дека се кандидирате за градоначалник затоа што не ве избравме за директор на МКЦ, му рече Шилегов на Шаќири.

На ова Бени одговори дека Шилегов лаже.

„Вие сте возразен човек не ве личи да лажете, вие ме викнавте да бидам директор на МКЦ“ му возврати на Шилегов.

Претходникот на Богоев а сега и на Алексов, Русе Арсов се повлече од функцијата од здравствени причини во 2021 година, при што посочи дека во изминативе четири години додека како што вели, ги граделе убавите работи и успеси на МКЦ, се дружеле и со Финансиската полиција, јавното обвинителство и разни ревизии, се ваделе документи и се „уништувале животи “ на крај едно по едно обвиненијата завршувале како неосновани.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG