Донка од „Врба“, Доста од „Кајмак“ или едноставно Сара Климоска од Македонија која Европа ја нарече актерска ѕвезда во подем, вели дека ако беше Сара од Њујорк наместо од Струга, сигурно немаше да биде оваа Сара што е денес, а можеби и немаше да се издвои таму.
„Локацијата ти скратува и ти додава. Ние сме сепак една земја со мали можности, но и со многу помалку глумци кои си помагаат едни со други. Има еден мал колектив во кој сите со сите се познаваат и ти се чини дека кога еден ќе падне има кој да го подигне. Во Њујорк не мислам дека е тоа така. Таа солидарност на помала група кај нас се доживува, а во Њујорк е натпревар едни со други“, вели Климоска за РСЕ.
Младата актерка, која иако е една од најангажираните кај нас, сепак е невработена, порачува дека уметноста не се раѓа од најдобрите услови, туку од она што е труло. Па, според неа, она што кај нас е проблем треба да биде извор на испирација за уметност и култура, a не нешто што се избегнува.
„Да не пробуваме да бидеме Њујорк или Берлин. Ние не знаеме како да го правиме тоа. Се надевам дека уметниците ќе ја најдат таа можност. Затоа и филмот 'Кајмак' ми се допаѓа и Милчо како режира, бидејќи секогаш не го избегнува она што го имаме овде. Тој потенцијал како приказна или како начин на раскажување на филм, тој потенцијал што го имаме од тука, од Македонија“, вели младата актерка.
„Немаме материјал за комични приказни“
Да се направи филм кој би бил чиста комедија, кај нас, на Сара ѝ се чини невозможно.
„Не е дел од нашата култура да направиме комедија која ќе биде холивудска. Ние сме општество кое секојдневно се соочува со социјални проблеми и нормално дека оттука доаѓа и уметничката инспирација. Дури и „Кајмак“ ако се погледне, тоа е сепак траги-комедија, бидејќи не знам на кој начин би се направило комедија којашто е чиста комедија на ова поднебје“, додаде Климоска.
За улогата во филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски таа чувствувала најголем притисок и одговорност досега, бидејќи глуми девојка со посебни потреби.
„Да се портетира еден таков лик без да се навреди некој и да биде најавтентично е навистина тешко. Си дадов на себе една задача- подобро помалку, отколку да портетираш нешто што навистина би било не дај Боже некаква пародија. Искрено се надевам дека тоа го направив добро, автентично и дека публиката едноставно веруваше во тој мој лик таков каков што е“, истакна 28-годишната Сара.
Притисокот на домашната премиера
Иако чекори и по странски црвени килими, премиера пред македонска публика за Сара е задача со поголема одговорност. А кога чекори по црвен килим секогаш сака да има парче на млад македонски дизајнер на себе, бидејќи смета дека тоа е е добро за заедничка мотивација и презентација во јавноста.
„Нашата публика го гледа тоа без никаква бариера. Секогаш кога се гледа филм на друг јазик ти се чини дека 30 % губи од содржината бидејќи не можеш да се поврзеш со некакви културни и јазични сличности. Црвениот тепих најмногу ми прави притисок кај нас, без разлика колку објективи за фотографирање повеќе има во странство. Тоа е навистина неважно“, изјави актерката.
Затвореноста на европските врати
Според платформата Европска филмска промоција (ЕФП), Сара е една од 10-те најдобри актерски таленти во подем во Европа. На минатогодишното Берлинале таа ја доби наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars). Но, досега не го почувствувала „ѕвездениот“ ефект од наградата директно.
„Ѕвезди во подем на ниво на Европа, во моментов е најдобрата награда за еден млад глумец. Има доста глумци од претходните години кои навистина стигнале до Холивуд или до не знам каде поради таа награда. Мене ми отвори доста кастинзи. Ништо особено, мора да признаам“, вели Сара.
Има чувство дека е различно да си ѕвезда во подем од Балканот и од другите места во Европа, гледајќи ги и примерите на претходните македонски добитници на наградата од ЕФП.
„Ми се чини дека тоа се здогледува и шансите и можностите се различни. Тоа не е само доказ со мене, туку и со Наташа Петровиќ и со Благој Веселинов. Ми се чини како да сè уште Европа има некоја затворена врата кон нас. Зошто е тоа така не знам, меѓутоа таа разлика се чувствува“, потенцираше Климоска во разговорот со РСЕ.
Холивуд сепак и не е премногу далеку, смета актерката.
„Во последните години ти се чини дека пазарот во однос на минатото е поблиску. Можам да кажам дека на некој начин сум стигнала блиску до тоа, бидејќи филмот кој го работев со Горан Столевски (Нема да си сама) што е австралиско- американска копродукција е во дистрибуција на Focus Features, што е дел од холивудски студија. Меѓутоа, сметам дека местото каде живееш, каде се развиваш многу значи во однос на тоа каде ќе стигнеш. Далеку е, не толку многу, некако помеѓу, така би се изразила“.
Таа вели дека би го променила местото на живеење ако тоа ѝ гарантира повеќе кастинзи и поголеми улоги. Но, во моментов ѝ е драго што е дома и што работи од тука бидејќи според неа многу е подобро кога актерот се изразува преку својот јазик и создава за својата култура. Па кога би бирала, би избрала да живее тука, а да патува за одредени проекти.
На младите глумци би им признала дека е тешко, но би ги мотивирала да мислат дека не е невозможно да им тргне.
„Важно е ако не ти е дадена шансата да пробаш да ја зграбиш, односно да пробаш да си ја направиш сам за себе. Се разбира дека е тешко и напорно и дека ние се соочуваме со многу работи кои би требало да одат глатко и со кои не би требало да се соочуваме. Меѓутоа, само преку таа борба, преку грабање и пробување да си го земеш тоа парче што ти припаѓа на тебе, така и уметноста и културата ќе одат напред. Инаку ако чекаме, ќе си тлее во место и ќе остане истата структура како до сега“, заклучува Климоска.