Достапни линкови

Нацоски - Само со продукција секој ден, театрите ќе си ги покријат долговите


Нацоски - Уметноста е зависна од државата
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:44 0:00

Нацоски - Уметноста е зависна од државата

Културните институции минусите на сметката може да ги покријат со повеќе настапи, барем шест дена во неделата. Не можам да замислам дека во Операта понекогаш имаме два-три настана во месецот. Тоа не е добро за уметниците, за оркестарот, за хорот, за балетот. Тоа е како да земете еден фудбалски тим и еден недела да нема тренинзи, се разбира дека нема добро да го одигра натпреварот, вели тенорот Благој Нацоски.

Нацоски настапивте во Скопје во „Сафи“ „Меѓа“ и во „Кармина бурана“. Како е да се настапува тука, а како во странство, како на пример во Италија која се смета за лулка на операта?

Нема некоја голем разлика, барем што се однесува од гледна точна на изведувачот. Мојата посветеност кон секој настап е еднаква, и да се работи за мал концерт или за мега оперска претстава. Но се разбира настапите во мојот роден град, во мојата татковина, се со посебни емоции, бидејќи секогаш ја чувствувам македонската публика блиска до мене и тоа може, пред се, да го почувствувам благодарение на социјалните мрежи. Денес колку публиката во Македонија сака да присуствува на моите настапи, тоа ме прави особено среќен, ме исполнува, ми дава поголема сила, односно ентузијазам за што почесто да настапувам во Скопје. Би сакал тоа да биде и почесто, меѓутоа се разбира не е толку можно.

Има ли разлика во пристапот на публиката?

Македонската публика е сепак топла, и знае подобро да ги поздрави уметниците и тие што настапуваат, сепак оној медитерански менталитет придонесува кон сето тоа, не се разликуваме многу од останатите медитерански земји, вклучувајќи ја се разбира и Италија.

Концертите „Сафи“ и „Меѓа“ се одржаа во филхармонија и беа поддржани од Италијанската Амбасада во Скопје и од Италијанскиот Институт за култура од Белград. Колку уметноста е зависна од ваквиот тип на поддршка?

За жал уметноста секаде во светот е зависна, доста зависна од јавните средства, значи од државата, како што се вели популарно кај нас, и тоа мора да биде така, бидејќи оние што ја водат државата, оние што ја водат културата во државата, зборувам на глобално ниво, треба да укапираат дека колку повеќе инвестираат во културата, односно во младите коишто се доближуваат до културата, инвестираат во иднината на земјата, инвестираат во подобрување на општеството, да се тргнат младите од улица, од можни разни пороци и да се донесат во институциите на културата. Колку повеќе ја посетуваат, чувствуваат и засакуваат, толку повеќе и нивниот карактер се гради, меѓутоа и нивната свест кон поубави цели. И ако имаме такви млади генерации, тоа е добро за развитокот на државата, како што се вели светот останува на младите, затоа политиката, односно водачите на државите треба секогаш да бидат со широки, односно долги гледања и на сите полиња. Јас можам да зборувам пред се за културата, колку е таа битна. Јас би одел дури и на формирање на повеќе оркестри, хорови, аматерски, полуаматерски, да се најде занимација на младите, се разбира на начин на којшто би го засакале тоа, којшто би бил интересен, денеска имаме многу инструменти на располагање.

Ги спомнавте политичарите. Во Рим годинава имавте концерт во чест на свети Кирил и Методиј. На него присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадинова - Стојчевска, како и други министри. Се грижи ли државата доволно за своите уметници и амбасадори на културата како Вас?

Одредени поединци да, меѓутоа генерално, може да се направи повеќе. Јас тогаш за првпат се запознав со министерката за култура, додека министерот за надворешни го познавав добро. Ете да речеме од министерот за надворешни секогаш сум имал секогаш одличен прием и поддршка, меѓутоа генерално земено треба да укапираат политичарите дека треба повеќе да се грижат.

Од друга страна имавме настап на „Кармина бурана“ во МОБ. Институцијата во август остана без струја поради неплатени сметки. Колку тоа говори за состојбата на културните институции во земјава?

Не сакам да ги бранам, меѓутоа не се единствени, и надвор од Македонија се случуваат такви нешта, не дека им се исклучува струја, меѓутоа за жал познавам повеќе театри кои знаат да бидат во минус на нивните сметки. Особено во последните 10-15 години кога поради различните кризни периоди, прво економската криза во 2008 - 2009, почна да се крати многу од културата. Кога еден театар планира за пет години што би правел и знаејќи колку од прилика ќе има пари за пет години и почнува да го реализира сето тоа и одеднаш снемува пари и е нормално дека се оди во минус. Не сум толку добар од административна гледна точка, би рекол, и не би знаел, односно веројатно би знаел, но не сакам многу да се замарам како да се покријат сите тие долгови, но од моја гледна точка тоа е со повеќе продукција, продукција, продукција, театарот треба да биде отворен секој ден, треба да има претстави и настани барем шест дена во неделата. Тоа ми недостига тука, не можам да замислам дека во Операта понекогаш имаме два-три настана во месецот. Тоа не може, не е возможно. Тоа не е добро за уметниците, за оркестарот, за хорот, за балетот. Тоа е како да земете еден фудбалски тим и еден недела да нема тренинзи, се разбира дека нема добро да го одигра натпреварот. Треба постојано да се настапува, постојано, не мора секогаш да бидат претстави, треба да се најдат начини да бидат инволвирани што е можно повеќе.


За настапот во Миланската скала моравте да ја избричите главата.
Да, и така останав до ден денес.

Освен што го задржавте имиџот до денес, какви промени ви донесе настапот во вашата кариера.

Кога на некој во својата биографија, во својот курикулум му стои дека настапил во Скала, нештата се поинакви, особено дека настапив во претстава која одеше директно на телевизија во повеќе држави, еден битен настан и на пример јас повеќе не полагам аудиции со години низ театрите, туку сум поканет, викнат директно. До тој момент се уште морав во некои театри да одам на аудиција пред да бидат ангажиран.

Да, ми го смени животот во тој поглед, меѓутоа и мене лично, бидејќи успеав да видам како се работи на високо ниво и на највисоко можно ниво, успеав да ги почувствувам духовите од минатото, сите тие светски премиери во 19 век на најпознатите опери, што ги изведуваме денеска, се случиле таму, значи успеав да ги доживеам тие нешта, навистина во Скала се чувствува една посебна атмосфера.

Сега се потсетив и на мојот прв настап во Прага, бидејќи Моцарт премиерата на својата опера Дон Џовани ја направил во Прага, во еден од трите театри, имаат три оперски театри во Прага, тоа ме возбудува позитивно гледано и во еден од тие била светската премиера, и таа иста претстава имав задоволство, чест и можност јас да ја пеам во Прага, во тој исти театар и диригентот Чех ми велеше – Замисли таму во онаа ложа седел Моцарт, замисли дека сега те гледа и те слуша!.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG