Достапни линкови

Магичниот Верди во фокусот на 47-ми Мајски оперски вечери


Со премиерата на „Аида“, магичното дело на Џузепе Верди, утревечер на 9 мај, во Националната опера и балет свечено ќе бидат отворени 47 Мајски оперски вечери. До 31 мај публиката ќе има можност да проследи уште неколку бисери од оперската уметност со врвни светски солисти.

На Скопје, во веќе традиционалниот термин од 9 до 31 мај по 47-ми пат ќе му се случат неговите Мајски оперски вечери, фестивалот кој од година во година стекнува се нови и нови приврзаници и за кој стана привилегија да се најде карта повеќе. А, воведот и затворањето на актуелното издание овојпат ќе бидат сторени со еден ист оперски бисер и две различни читања на „Аида“, магичното дело на големиот Џузепе Верди.

Премиерата е планирано на публиката овојпат да и дари несекојдневен спој на традицијата со визуелната иновација. Футуристички виртуелната сценографија ќе ги поведе присутните на патување низ древниот Египет раскажувајќи ја познатата приказна за љубовта онака како што ја замислија продуцентите од Театарот Карло Феличе од Џенова, Италија.

Режијата на нивната свежа постановка ја пренесе и адаптира Дејан Прошев, кореографијата е на Луиза Балдинети додека асистент кореограф е Саша Евтимова. Во главните улоги ќе настапат Благица Поп Томова како Аида, се попознатиот Амади Лага (Франција/Тунис) како Радамес, Ирена Кавкалевска како Амнерис и Борис Трајанов како Амонсаро. Улогата на Рамфис ќе ја толкува Владимир Саздовски, додека како фараонот ќе настапи Евгениј Станимиров од Бугарија.

„Годинава, Мајските оперски вечери ќе ги отвориме со грандиозната, триумфална и моќна „Аида“, операта која вообичаено е резервирана за затворањето на фестивалот. Со овој чин симболично ја 65-годишнината од македонската премиера на една од најпознатите Вердиеви опери, која во 1954 година на македонската сцена ја изведоа основоположниците на нашата национална оперска куќа. Во нивна чест, а на задоволство на сите љубители на операта, годинава „Аида“ ќе ја видиме во ново руво – со комплетно нова поделба на улогите, освежена и визуелно, низ призмата на креативните, сценографски и костимографски решенија“, вели во пресрет на премиерата и почетокот на Фестивалот маестра Бисера Чадловска, уметнички раководител на операта.

И, кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека диригент на премиерната изведна на новата „Аида“ ќе биде Енрико Довико од Италија, кој во НОБ доаѓа по пауза од цели осум години. Говорејќи за проектот тој ќе рече дека „различно во однос на изведбата на матичната сцена во Џенова е тоа што оркестарот не е целосно на сцена, туку дел е во т.н. оркестарска школка“.

„Претставата е микс на традиционалното и модерното и за мене најголем предизвик беше музиката да се координира со 3-Д проекциите, односно тие да се приспособат на темпото“, смета италијанскиот диригент.

А, кога сме веќе кај програмата на 47-то издание на Мајски оперски вечери, генерално тоа поминува во знакот на италијанскиот класик Џузепе Верди. Така на 18 мај на програмата е уште едно негово ремек дело „Риголето“ чиј режисер е Нина Најденова од Бугарија, диригент Алесандро Д’Агостини од Италија, а во насловната улога ќе го видиме неговиот сонародник, баритонот Алберто Гаѕале кој зад себе има блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги и настапи во Миланска Скала, Виенската „Штац“ опера, Арена ди Верона како и во повеќе претижни оперски куќи низ Европа. Конечно во пресрет на затворањето со „Аида“, во која овојпат ќе настапи поинаква интернационална екипа што е новина за која се заложи организаторот, на 28 мај публиката ќе има можност да ја проследи и „Травијата“, уште една од прочуените опери на големиот композитор чие либрето е напишано според романот „Дамата со камелии“ на Александар Дима. Со оркестарот ќе диригира Филип Павишиќ од Хрватска, додека режијата е на Верена Штојбер од Германија. Главната улога на преубавата Виолета Валери ќе ја толкува Сања Керкез, оперската дива од Белград, Србија. Благој Нацоски си доаѓа дома за да ја отпее улогата на Алфред Жермон, додека за ликот на Жорж Жермон е ангажиран Отар Накашидзе од Грузија.

И, по сево ова тука се и величенственото дело „Боеми“ на Џакомо Пучини, операта која ќе биде изведена на 22 мај под диригентската палка на нашиот Оливер Балабурски, во режија на Дејан Прошев и каде во улогата на Родолфо ќе настапи добро познатиот бугарски тенор Иван Момиров од Бугарија.

Конечно, на 15 мај, е предвидено прикажувањето на „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети. Со оркестарот ќе диригира Најден Тодоров од Бугарија, режијата е на Лев Пулиезе од Италија, а костимограф е Марија Пупучевска. И во неа насловната ролја ќе ја пее првенката на НОБ - Ана Дурловски која зад себе има успешна светска кариера, за ликот на Енрико е викнат италијанскиот баритон Франческо Вултаџо, инаку добитник на бројни интернационални награди, а Едгардо ќе го отелотвори романскиот тенор Ифрим Космин.

На Фестивалот и годинава простор за љубителите на балетот. На 12 мај ќе биде изведена класиката „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски, бисерот на балетската уметност, со во случајов прочуени гости. Во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека за ликот на принцот Зигфрид ќе се погрижи Артур Шестериков од Русија, двајцата првенци на Холандскиот национален балет и уметници со голема балетска кариера.

Кон овие информации уште и тоа дека од 15 па се до 31 мај, во делот најавен како оф-програма, ќе биде поставена изложба во чест на примадоната и еден од основоположниците на оперската уметност во Македонија, мецосопранот Ана Липша Тофовиќ. Проектот има за цел да ги презентира на јавноста животните стории и фрагментите од дејствувањето на легендарната оперска певица на овие простори преку изложба на нејзините предмети, фотографии, костими, плакати и се* што е зачувано за неа.

И, уште нешто на 20 мај, пак, на платото на Националната опера и балет на видео екран ќе биде прикажана „Ана Болена“ од Доницети во изведба на Виенската државна опера, по повод 150-те години од основањето на оваа оперска институција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG