По подолго време пауза на Парламентот и откако се формираше ново парламентарно мнозинство денеска пратниците повторно се вратија во собраниската сала. Собранието на почетокот ги констатираше оставките на министерот за земјоделство Арјанит Хоџа и на заменик-министрите за образование и за култура Арафат Шабани и Седат Сулејмани.
Дополнителниот предлог на Буџетот за следната година е една од точките кои се најдоа на дневниот ред на 54-тата собраниска седница, на која треба да се расправа и за продолжување на кризната состојба што ја одобруваат пратениците поради мигрантската, ковид и енергетската криза.
Инаку по амандманската расправа во комисиите во Собранието, Владата од вкупниот број амандмани кои се однесуваат на Предлог буџетот зa 2022 година прифати 23, во вкупен износ од 350 милиони денари, што е проценето како една од најголемите измени направена преку амандманската расправа.
„Она што е специфика е тоа што во овој буџет беа прифатени амандмани во висина од 350 милиони денари, што е историско највисоко ниво, неспоредено со претходните години. Овој износ на прифатени амандмани е колку сите заедно во последните 15 години. Да не зборувам кога ние бевме опозиција и се прифаќаа измени од само 2,3 или 5 милиони денари, изјави за Утрински брифинг, координаторот на пратеничката група на СДСМ“, Јован Митрески.
Митрески не очекува нова блокада од страна на пратениците од опозицијата, судејќи по договорот од неформалните состаноци на координаторите на пратеничките групи. Расправата по дополнетиот Предлог – буџет на пленарна седница трае пет дена. Сите пратенички групи во Парламентот се согласни дека буџетот треба да се донесе пред крајот на годината. Дури и најавите за формирање на нова влада, како што велат, нема да го променат ставот дека Буџетот треба да се донесе.
Со дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година расходите се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што претставува раст од 1,4 процент во споредба со 2021 година и се на ниво од 35,2 отсто од БДП. Приходите се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 отсто повисоки од 2021 година. Оттука, буџетскиот дефицит се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП.
Дополнително, на предлог на Министерството за финансии, Владата усвои и измени како дополнување на Буџетот и тоа за зголемување на средствата во Министерството за информатичко општество и администрација во износ од 250 милиони денари за реализација на програмските активности на Македонската радио телевизија, потоа за зголемување на средствата во Уставен суд во износ од еден милион денари за избор на нови уставни судии и зголемување на средствата во Финансиска полиција во износ од еден милион денари за преземени обврски за набавка на возило.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно оценија дека предлог-буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци. Сметаат дека ќе следи ребаланс во првиот квартал, поради што и поднесоа повеќе од 200 амандмани на текстот, меѓу кои пет против енергетската криза.
Од владејачката СДСМ пак апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции. Порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Од СДСМ посочуваат дека вака конструиран, буџетот обезбедува редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења.
Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека наредната година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Бесими рече дека тој бил планиран во услови на ковид пандемијата, глобална енергетска криза и покачените цени, но дека капиталните инвестиции ќе бидат зголемени за 27 отсто во однос на буџетот од минатата година.
Буџетот на Македонија за 2022 година ќе изнесува 4,4 милијарди евра – пари кои државата планира да ги потроши, а истворемено планира да обезбеди приходи од околу 3,9 милијарди евра. Дефицитот е проектиран на 500 милиони евра што е 4,3 отсто од БДП – средства кои ќе бидат обезбедени преку задолжување. Министерот Бесими потенцираше дека дефицитот ќе се користи „единствено“ за поддршка на позначајниот дел од капиталните инвестиции кои е планирано да изнесуваат над 600 милиони ерва.
Извозната активност на домашните компании се очекува да се зголеми за 8,3 проценти во текот на следната година, а се сочекуваат позитивни движења на пазарот на трудот, наведе Бесими.
Моменталниот јавен долг изнесува 59,3 отсто од БДП. Во 2022 година државниот долг ќе биде 55,3 проценти, а јавниот 65,9 отсто од БДП, рече министерот за финансии.
Министерот за финансии исто така рече дека е планирано намалување на расходите преку кратење на „неприоритетни, несуштински и непродуктивни трошоци“, а дека ќе се даде поголема поддршка на приватниот сектор и економијата и за финансирањето и отплатата на долгот.
Власта уверува дека главна цел на даночната политика останува обезбедувањето на одржлив економски раст и развој, истовремено да обезбеди правна сигурност за даночните обврзници, редовна наплата на јавните приходи и фер и транспарентен даночен систем.