Буџетот за следната година ќе биде развоен, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими на денешна прес-конференција во Владата претставувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година.
Владата најавува економски раст од 4,6 отсто, а Бесими рече дека државниот буџет за идната година ќе обезбеди редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
„Граѓаните треба да се сигурни дека во наредната година ќе има ликвидност во буџетот“, рече Бесеми
Буџетот за 2022 година ќе изнесува околу 4,4 милијарди евра, односно над 272 милијарди денари – пари кои државата планира да ги потроши, а истовремено планира да обезбеди приходи од нешто помалку од 3,9 милијарди евра (238,9 милијарди денари).
Тоа значи дека дефицитот е проектиран да изнесува околу 500 милиони евра, што е 4,3 отсто од БДП – пари за кои државата ќе се задолжи.
„Дефицитот единствено ќе се користи за поддршка на позначителниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 37,8 милијарди денари“, рече Бесими кој додаде дека за капиталните инвестиции државата дополнително ќе даде средства од сопствени приходи.
Буџетот беше усвоен во Владата и е доставен до Собранието. Бесими рече дека тој бил планиран во услови на ковид пандемијата, глобална енергетска криза и покачени цени.
Капиталните инвестиции ќе бидат зголемени за 27 отсто во однос на буџетот од минатата година, рече Бесими што е 14 отсто од новиот Буџет – „историски највисоко ниво“.
Издвоени се 6 милијарди денари за патна инфраструктура: за Коридорот 8, за патот Тетово-Гостивар, Требениште-Струга и други, рече Бесими. Планирани се пари за железничката пруга на Коридорите 10 и 8, за инвестиции за гасификација, регионални енергетски капацитети, проекти во здравството за борба против Ковид-19, набавка на вакцини и други лекови, за проекти во образованието, земјоделието, рурлана инфраструктура, програма за зелен развој...
Бесими наведе дека глобално се очекува да се вратат стапките на економски раст на ниво пред ковид пандемијата, а дека во Северна Македонија растот идната година ќе биде 4,6 проценти.
За отплата на долгот во Буџетот за 2022 планирани се 11,6 милијарди денари: за надворешниот 6,1 милијарди, а за домашниот 5,5 милијарди денари. Долгот ќе се плаќа комбинирано со домашни и странски средства, рече министерот за финаснии.
Моменталниот јавен долг изнесува 59,3 отсто од БДП. Во 2022 година државниот долг ќе биде 55,3 проценти, а јавниот 65,9 отсто од БДП, рече Бесими.
„Бруто инвестициите се очекува да се зголемат за 8,5 отсто на реална основа и се очекува да бидат значаен фактор на економскиот раст за 2022 година. Потрошувачката е проектирана да се зголеми за 3,1 отсто при раст на јавната и приватната потрошувачка која повторно ќе забележи реален раст од 3,5 проценти“, рече Бесими.
Тој додаде дека влијание на економскиот раст се очекува да има зголемното вработување и платите, кредитирањето и зголемувањето на дознаките од странство.
Извозната активност на домашните компании се очекува да се зголеми за 8,3 проценти во текот на следната година, а се сочекуваат позитивни движења на пазарот на трудот, наведе Бесими.
„Главните цели во остварувањето на Буџетот за 2022 година се продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, економско заздравување, забрзување на растот, зголемување на инвестициите, спроведување на фискална консолидација и непречено финансирање на основните функции на државата, поддршката на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции“, рече Бесими.
Според Бесими, поткрепа на наведените цели се стратешките документи врз чија основа бил планиран Буџетот за 2022 година. Тој ги посочи среднорочните документи донесени за периодот меѓу 2022-2026 година, меѓу кои Фискалната стратегија, Стратегијата за јавен долг, Планот за фискална одржливост и економски раст, Планот за забрзан економски раст, Планот за јавна администрација и Програмата за економски реформи.
Тој исто така рече дека е планирано намалување на расходите преку кратење на „неприоритетни, несуштински и непродуктивни трошоци“, а дека ќе се даде поголема поддршка на приватниот сектор и економијата и за финансирањето и отплатата на долгот.
Бесими наведе и дека главна цел на даночната политика останува обезбедувањето на одржлив економски раст и развој, истовремено да обезбеди правна сигурност за даночните обврзници, редовна наплата на јавните приходи и фер и транспарентерн даночен систем.