Достапни линкови

Проценките за економски раст меѓу реалноста и предизборниот маркетинг


Професорката Марија Зарезанкова-Потевска вели дека очекувањата за раст од 4, 1 проценти и стапка на инфлација од 2,1 процент се нереални и тешко остварливи во услови на пандемија. Според поранешниот министер Хајредини пак, оптимистичките прогнози на властите се дел од предизборната сценографија

За економските експерти проекциите на Министерството за финансии за економски раст од 4,1 отсто и стапка на инфлација од 2,1 отсто се нереални и неостварливи. Во услови на пандемија, кога многу фирми се затворија, голем број работници беа отпуштени од работа, кога граѓаните се соочуваат со се повисоки цени на храната, а производството е мало, речиси е невозможно да се остварат проекциите на надлежните во оваа област, посочува професорката Марија Зарезанкова-Потевска од ФОН.

„Па ние не сме имале повисока стапка на раст кога немало пандемија, а не пак сега. Во услови кога имаме 5000 фирми затворени, многу отпуштени, да очекуваш така висок раст, тоа е невозможно. Насекаде околу нас гледаме затворени дуќани, трговијата не е на завидно ниво, Македонија е мал производител, повеќе увезуваме отколку што извезуваме, како тогаш може да очекуваме така висок раст? Од друга страна, инфлација од 2 проценти е исто така нереално бидејќи се гледа дека таа стапка е повисока, а тоа го наложуваат глобалните фактори, изјави професорката Зарезанкова-Потевска.

За поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини пак, бројките кои ги предвидуваат финансиските власти се предизборен маркетинг.

„Ова го прават поинтензивно сега пред изборите. На пример повторуваат дека е потврден кредитниот рејтинг на земјава, а тој е истиот веќе 30 години. Потоа велат дека растот ќе биде 4 проценти, дека се оствариле инвестиции. Непотребно е тие да се фалат за работите за коишто се платени. Тоа никој од нив не го бара, но тие имаат намера секој ден да се на екраните“, посочува Хајредини.

Тој вели дека во овој момент, никој не може да се дадат сигурни прогнози во период кога не знаеме какви ќе се последиците од ковид кризата.

„Мислам дека без потреба некои министри им служат на пропагандата на партиите и владата. Јас не можам во овие услови да прогнозирам колкав ќе биде растот. Ако растот е помал нема да биде вина на Владата, а ако е поголем нема да биде нивна заслуга. Едноставно такви се околностите“, вели Хајредини.

Зарезанкова-Потевска пак е убедена дека заздравувањето на економјата нема да се случи годинава.

„Догодина можеби ќе биде подобро. Но засега кога епидемијата е во полн ек, и секој ден се зголемува бројот на заразени и починати, не верувам дека економијата ќе се опорави од ковид последиците“, смета Зарезанкова -Потевска.

Инаку вчера Министерството за финансии излезе со податок дека државата годинава излегува од криза и влегува во раст и заздравување истакнувајќи дека се стабилни очекувањата за раст од 4,1 проценти и инфлација од 2,1 процент годинава. Министерот за финасии Фатмир Бесими инофрмираше дека министерството има конзистентен пристап за остварување на поставените цели за зголемување на растот од 2,5 на 5 проценти, како и за фискалната консолидрација до 2026 година, односно јавен долг под 60 проценти и три проценти буџетски дефицит.

Во последниот квартален извештај на Народната Банка се посочува дека показателите за глобалната економска активност се поволни. Оттаму нагласуваат дека големата променливост на цените на светските пазари и понатаму е главниот извор на неизвесност околу идните движења на домашните цени.

„Последните макроекономски показатели од домашната економија главно се движат во очекуваните рамки. Проценетите податоци за БДП за првиот квартал од 2021 година покажуваат намалување од 1,9 отсто, што претставува продлабочување на годишниот пад, коешто беше очекувано и при априлската проекција. Во однос на инфлацијата, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина на годината изнесува 2,4 отсто, што е очекувана динамика со оглед на растот на светските цени на примарните производи“, соопшти НБ.

Во јунскиот извештај Светската банка пак предвиде раст на македонската економија годинава од 3,6 отсто, следната година растот е проектиран на 3,5 проценти, а во 2023 на 3,4 отсто.

Според Банката, и покрај закрепнувањето, глобалното производство до крајот на оваа година ќе биде на ниво од околу два проценти под проекциите поставени во периодот пред пандемијата. Банката посочува дека во сиромашните земји, каде процесот на вакцинација е бавен, ефектите од пандемијата се одразиле негативно на напорите за намалување на сиромаштијата и ја влошиле несигурноста и другите долгорочни предизвици.

Според Меѓународниот Монетарен Фонд пак, последниот раст на инфлацијата најмногу се должни на глобалните фактори и е привремен. Оттаму сметаат дека растот на глобалните цени на енергијата и на храната влијаеше врз инфлацијата и дека монетарната политика е соодветна, но се уште треба да биде олабавена.

И Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја зголеми прогнозата за економски раст на Македонија на четири проценти за годинава. Тоа е за еден отсто повеќе од проценката во септември 2020. ЕБОР предвидува делумно закрепнување годинава како резултат на закрепнувањето на извозот и приватната потрошувачка, како и одржливата потрошувачка на Владата.

„Интензитетот на растот се очекува да продолжи во 2022 година со четири проценти како резултат на продолжувањето на приватните инвестиции. Сепак, предвидувањата се неизвесни. Ризиците има пред сè во брзината на враќање на надворешната побарувачка и во способноста на Владата да ја реализира својата амбициозна агенда за инфраструктурата“, се наведува во Извештајот на ЕБОР.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG