Странските компании во слободните економски зони не само што ја вратија трговската размена со странство на преткризно ниво, туку во првата половина од годинава има раст од 9 отсто во однос на 2019 година, пред да почне пандемијата на коронавирус.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во првата половина од годинава трговската размена со странство била над 8 милијарди евра. Извозот бил 3,4 милијарди евра, а увозот над 4,6 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извоз била над 73 отсто.
Трговската размена со странство во првото полугодие е за скоро 40 отсто повисока во однос на истиот период лани, што е очекувано, со оглед на тоа што минатата година речиси целиот свет беше во карантин поради појавата на пандемијата. Она што е интересно е што годинава има раст и во однос на првото полугодие од 2019 година.
Економскиот аналитичар Арбен Халили, кој беше и директор на Технолошко индустриската развојна зона во Тетово, вели дека големите бројки во најголем дел се должат на трговската размена што ја генерираат фабриките од слободните економски зони.
„Извозот оди токму во тие земји каде што овие компании коишто оперираат во слободните економски зони имаат своја мајка-компанија или други поврзани правни субјекти, каде што се извезуваат производите како финален производ или како полупроизвод“, вели Халили.
Со сличен став е и професор Зоран Ивановски. Тој вели дека над половина од македонскиот извоз се генерира од слободните економски зони. Овие капацитети работат за големи компании и на сигурни пазари, вели тој.
„Јасно е дека ковид-кризата ги погоди и тие капацитети, меѓутоа со олабавување на мерките и со стабилизација на нивното производство, а секако и со делумното отворање на странските пазари, се зголеми нивното производство и оттука не е за изненадување што овие капацитети покажуваат поголема одржливост, стабилност и динамичност и сето тоа резултира со пораст на надворешно трговската размена“, вели Ивановски.
Халили вели дека резултатите за трговската размена се добри, но ефектот би бил поголем ако домашните компании би биле добавувачи на странските компании.
„И репроматеријалите, односно суровините за странските компании генерално доаѓаат од надвор, се обработува кај нас и излегува како финален производ во земјата од каде што се увезува суровината“, вели тој.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали.
Македонија има најголема трговска размена со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.