Пандемијата од ковид 19 ги погоди тешко некои од македонски компании во индустријата, а тие мораа да го намалат бројот на работници, вели Мендерес Кучи претстедател на собранието на Северозападната комора на Македонија.
До неговиот коментар доаѓа откако Државниот завод за статистика објави дека бројот на работниците во индустријата е намален за три проценти во март оваа година во споредба со истиот месец минатата година.
Дел од стопанствениците сметаат дека до намалувањето на работници во индустријата придонело и доцнењето на петиот пакет со финансиска помош за плати за февруари и март, но други сметаат дека пандемијата ја покажала и ранливоста на индустријата и оти се непоходни промени во начинот на работа преку поддршка во трансформацијата за создадвање на високо квалитетни работни места.
Мендерес Кучи кој е и бизнисмен смета дека намалувањето на бројот на работници се должи на намалувањето на обемот на работа поради пандемијата, но тој вели падот на вработените во индустријата е резултат и на и на расчекорот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила. Според него, по една година од почетокот на пандемијата кога земјата и светот се соочија со намалена потрошувачка, очекувано е да има и намалена потрошувачка во некои индустрии, додавајќи дека компаниите не можат повеќе да издржат, немаат доволно работа за сите и не можат да ги зачуваат сите работници.
Но, од друга страна, тој укажува дека на пазарот на трудот има и профили кои немаат образование и вештини какви што се потребни со новите трендови и смета дека во иднина треба да има и трансформации во начинот на работа.
"Тоа е одраз на севкупната политика што се води во земјата, но и пазарот на трудот го прави своето. Некогаш работниците си бегаат зашто не се соодветно платени, или пак, иако работадавачот има потреба од работна сила, принуден е да отпушти некој кој не е способен за таа работа. Сега кога доаѓа ситуација које е покритична како сега, кога се стеснува пазарот и нема можност да се покријат трошоците, први на удар се тие работници кои биле под знак на прашалник и не се прилагодиле, дали врз основа на ефикасност, а и возрастa на вработените игра улога, како и ред други потешкотии. Ова треба да се глада подлабоко и не може бргу да се реши, треба да се посветиме и на образованието на кадарот",вели Мендерес Кучи.
Според статистика, најголем пад има кај секторот Рударство и вадење камен од 6,6 отсто, по што следува секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со пад до 3 проценти, па Преработувачката индустрија каде што бројот на работниците се намали за 2,7 отсто.
За економистите овие бројки за индустриските движења не се добар показател.
Преседателот на Синдикатот за рударство и енергетика при ССМ, Игор Герасов ,меѓутоа, ни кажа дека во рудниците кои членуваат кај нив нема отпуштање на работници и дека тие рудници дури се покажале отпорни на кризата. Тој вели и дека вработените се заштитени со колективни договори, дополнувајќи дека во моментов во рудниците кои ги застапуваат тие има дури и зголемен обем на работа. Според неговите зборови, веројатно бројот за отпуштени работници кој го потврди статистика зборува за состојби во некои рудници кои ССМ не ги застапува, каде работници веројатно немаат потпишани колективни договори со кои би биле заштитени.
"За тие рудари во тие компании сигурно имаат голем удел и работодавачот кoј им дава откази по потреба, а таму кај што сме застапени ние досега сме немале никаков проблем. Како синдикат не с е согласуваме со тоа намалување, но кај нашите рудници дури е зголемено производството како што е во металната индустрија", вели Игор Герасов.
Сепак над 40 проценти од обраќањата на работниците од сите сектори кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.
Коментирајќи го податокот дека бројот на работниците во индустријата е намален за три проценти, професорот Зоран Ивановски вели дека тоа еден од основните показатели за тоа како реагира економијата на заканите од ковид кризата.
“Јасно е дека на удар се најде индустријата каде намалените нарачки, а исто така, затворањето и паѓањето на потрошувачката во традиционалните земји трговски партнери, предизвикува намалување на производството, а со тоа и на вработените”,вели професорот Ивановски.
Сепак, тој вели дека овие негативни бројки не се неочекувани во време на криза кога потрошувачката е намалена, а за производите кои ги создаваат некои сектори нема доволен број купувачи, па работниците с е одлучуваат да го намалат бројот на вработени.
Пандемијата и натаму е закана за севкупното стопанство, но професорот Ивановски вели дека причини за отимизам треба да се бараат во очекувањата дека кризата предизвикана од ковид 19 ќе заврши побрзо, а со тоа дека ќе се нормализираат состојбите и компаните повторно ќе ги освојат традиционалните пазари.
Инаку, Светска банка во најновиот извештај прогнозираше закрепнување на економијата од пандемијата дури догодина.
Според тие податоци, македонската економија годинава ќе забележи раст од 3,6 отсто, а за следната година, предвидувањата на Светска банка се дека економијата ќе порасне за 3,5 отсто.