Поефикасно и ажурно судство, неограничен пристап до правдата и намалување на корупцијата во правосудството. Првиот човек на комисијата за дигитализација на судството, судијата Лазар Нанев уверува дека дигитализацијата ќе ги подобри состојбите во судството. Сепак признава дека спроведувањето на овој проект на терен би можел да биде соочен со предизвици имајќи го предвид фактот што во некои судови недостасуваат компјутери или солидна интернет покриеност.
„Се согласувам и неспорно е дека немаме доволно човечки ресурси односно човечки капацитети коишто можат да одговорат на потребата, но истовремено потенцирам дека заедно со донесувањето на оперативниот план донесени се и заклучоци во коишто државата гарантира дека во наредниот временски период почнувајќи од 2021 година, ќе овозможи вработување на нов човечки потенцијал, како што се информатичари и стручни соработници коишто ќе имаат обврска да ги користат современите оперативни алатки, но истовремено ќе можат да ја гарантираат и обезбедуваат одржливоста на целокупната опрема“, вели судијата Лазар Нанев, претседател на Основниот суд Кавадарци во неделното интервју на радио Слободна Европа.
Оперативниот план за дигитализација на судството ќе се одвива во неколку фази а ќе се започне со измени на постојната легислатива, како што е користење (е-пошта и е-достава) со учесниците во постапките, како и обезбедување опрема за онлајн-судења или за изведување само на некои докази на тој начин.
До крајот на годината би требало да се опремат повеќе од 100 судници низ 34 суда во целата држава (27 основни суда, четири Апелациски суда, Управен и Виш управен, како и Врховниот суд), една судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители, како и во затворот „Идризово“.
Процесот на дигитализацијата се поврзува со процесот на аудио-визуелните снимања, со процесот на пристап до правдата преку обезбедување на електронските потврди или сите поднесоци кои граѓаните ги бараат од судовите. Дигитализација треба да воспостави двонасочна комуникација меѓу странките, систем на електронска достава, мобилни апликации кои директно ќе им овозможат на адвокатите да пристапуваат до електронското досие на предметот.
Најниска оценка за независноста и непристрасноста на правосудството
Процесот на интерперабилност ќе овозможи хоризонтална и вертикална поврзаност не само внатре во правосудниот систем туку генерално со сите државни институции зошто со овој процес е овозможено ефикасно и брзо користење на базите на податоци со кои располагаат институциите. Со тоа се зголемува пристапот до правдата. Една од суштинските добивки е водењето на аудио-визуелните записи во судските постапки, односно електронски пристап до соодветниот медиум каде ќе се води тој запис, објаснува Нанев.
Професорката Беса Кадриу од Штуловиот универзитет очекува дигитализацијата да ја зголеми транспарентноста на судските инстанци, но како негативна страна го посочува недостигот од соодветен кадар за успешно спроведување на проектот.
„Би требало исто така постоечкиот кадар да се тренира за да ги усвои современите технологии, со цел да бидат успешно реформирани и во тек со современите концепти на начинот на усовршување на судскиот систем, односно електронската форма на извршување на надлежностите и придонесите во смисла на транспарентност на институциите“, вели професорката Кадриу.
Еден сегмент од дигитализацијата се и онлајн судењата. За онлајн-судења се размислува уште со почетокот на пандемијата, откако поради тоа што меѓу обвинетите имаше позитивни или во изолација, рочиштата често беа одложувани. Ваков вид судење веќе беше одржано во Основниот суд Кавадарци во периодот на пандемијата.
Како една од пречките поради која се доведува во прашање спроведувањето на ваквата идеја, се смета и согласноста на обвинетиот за ваков тип судење.
Меѓутоа, освен законските пречки за одржување онлајн-судења, друг проблем со кој се соочуваат судовите, ако веќе се создаваат услови за ваков начин на судење е фактот дека поголемиот дел од судовите во државата не се технички опремени за вакви постапки.