Бојкотот на изборите за градоначалник во Штип и во Пласница не може да ѝ донесе ништо добро на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но може да ја одложи внатрепартиската дебата за успешноста на раководството на партијата, велат политичките аналитичари со кои разговаравме по одлуката на најголемата опозициска партија да не предложи свои кандидати на изборите во овие две општини кои треба да се одржат на 13 декември.
Предвремените избори во овие две општини се одржуваат зашто досегашните градоначалници беа избрани на други функции. Благој Бочварски од Штип, кој е од СДСМ, стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски од Пласница стана дел од пратеничката група на ДУИ. Новите градоначалници ќе имаат мандат од само 10 месеци до одржувањето на редовните локални избори во октомври догодина.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека причина за нивната одлука е „апокалиптичната состојба со пандемијата на ковид-19“ и оти изборите во ваква ситуација се „свесно втурнување на граѓаните во опасност“. СДСМ, пак, обвинува дека Мицкоски „бега од уште еден изборен дебакл“ и „тера морбидна партиско-политичка кампања на тема ковид“.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека досегашното искуство покажува дека бојкотот на изборите никогаш не му донело ништо добро на оној што бојкотира.
„Можно е ова да е обид на Мицкоски да ја одложи дебатата за неговата успешност во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е можност Мицкоски да ја држи партијата под висока политичка тензија и де факто да ги избегне сè погласните најави од таму дека некои од партиските членови и функционери сакаат да разговараат за ефикасноста на неговата работа. Така што, главниот бенефит за опозицијата од неучеството на изборите е тоа што нема да има соочување, а потоа и отчет од изборите и дека тоа нема да го загрози сегашното раководство. Зијанот е неучеството во политичката борба и можноста дел од јавноста да перцепира дека тоа е индиција дека тие имаат послаб рејтинг“, вели Арсовски.
Инаку, високи поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ бараат предвремен конгрес на партијата и промена на раководството по поразот на предвремените парламентарни избори што се одржаа летоска.
Политичкиот аналитичар Александар Кржаловски вели дека бојкотот е погрешна работа, особено имајќи предвид дека во јули, и во ек на пандемија, се одржаа парламентарни избори. Со неучеството, тие му ја препуштаат градоначалничката функција на СДСМ, вели тој.
„Не верувам дека поради бојкотот изборите ќе се одложат, односно дека ќе се отстапи од изборот на градоначалници. Со самото тоа, за очекување е дека СДСМ ќе ја задржи власта во Штип, а ДУИ во Пласница. Така што, веројатно проценката е дека можеби не може да се добие таму, па и тоа влијаело на одлуката да се бојкотира. Сè на сè, секогаш сметам дека бојкотот е погрешна опција“, вели Кржаловски.
На изборите за градоначалник на Штип се пријавиле петмина кандидати – актуелниот пратеник Сашко Николов од СДСМ, Лазар Наумов од ТМРО, Гоце Ангелов од коалицијата на Демократи и МОРО – Работничка партија, независниот Трајче Митев и Симон Поликарп, познат на штипјани како Џими, како кандидат на Интегра. Поликарп, кој е роден во Нигерија, е првиот Македонец со африканско потекло, кој се кандидира за висока политичка функција во државата.
На предвремените парламентари избори што се одржаа на 15 јули годинава, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Штип беше многу тесна. Двете партии освоија по нешто над 10 илјади гласа, а ВМРО-ДПМНЕ победи со разлика од само 64 гласа.