Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара лидерска средба за проблемот што го предизвикува Бугарија во врска со историските прашања, СДСМ одговори дека нема причина за одржување таква средба, оценувајќи дека Христијан Мицкоски досега немал став за ниту едно национално или стратешко прашање. Славица Зајковска кратко постирала „Браво, Зоки“, но Каменко Крстевски смета дека „одговорот е одраз на степенот на демократија во Македонија, исклучивост, јас на власт ти седи си и ќе ти кажам кога ќе ми требаш, а кога не и не постоиш. И така во круг, демек одиме во ЕУ“. Предраг Прентовиќ вели: „Пошто е шпицен кандидат нека си седи сега мирен... постои Собрание“, а Соња Данева со прашања: „Ти ли ќе разговараш за проблемот со Бугарија? На бугарски јазик што добро го знаеш?“
Уште една информација го предизвикала вниманието на читателите. Бугарската новинска агенција БГНЕС пишува, а македонската информативна агенција, МИА пренесува дека Љубчо Георгиевски наскоро ќе патува во Софија во објаснувачка мисија со цел „да разбие некои тези кои во моментот се шират во Бугарија“. Бугарската агенција исто така пишува дека Георгиевски неодамна имал средба со премиерот Зоран Заев. Но, посетителите на нашата ФБ страница изгледа не забораваат, па Славчо Малиновски коментирал: „Поранешниот македонски предавник“. И Петре Николовски со свое мислење, но со уште понавредливи зборови: „Зошто мора секогаш немакедонци да одлучуваат за судбината на Македонија...“ – останатото нема да го цитираме.
Во неделното интервју за РСЕ, директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, покрај другото вели дека „луѓето ќе почнат да веруваат во корона кога ќе им се разболи некој близок“. Мукрем Саитоски како да го дополнува кажаното: „Не некој близок, пак не ќе веруваат, туку кога лично ќе падне во јаслите на ковидот е тогаш ќе го раскажува чувството!“ Драги Арабаџиев смета дека „вирусот никој не го негира ама ги нервира што не можат да ги покорат ʼнепослушнитеʻ“. Сенад Пурковиќ во подолг коментар му одговара на Арабаџиев: „Маските се носат во цел свет! Ги измислиле ли нашите доктори – не! Има ли специјален лек против корона што нашите доктори нарочно не го даваат – нема! ... За „непослушноста“: што претставува таа? Непочитување на мерките на некој попаметен од мене и од тебе... меродавен ги пропишал зашто загрозува други лица. Не класо, тоа е егоизам и анархија! И самиот бев болен иако ги почитував мерките, ама да можам некако да дознаам од кого и како сум заразен... За жал, се дознаваат само жртвите, а не и неодговорните преносители!!!!“ Илија Иле Крстески смета дека ситуацијата била „пренапумпана“, а Тони Надица Стојанови ѝ препорачува на РСЕ „да се позанимава со криминалот што се прави во позадина. Ќе го затворат народот по дома, демек за наше добро мислат, а ваму пари од ЕУ се перат ли се перат“.