Достапни линкови

Ковид-19 зема замав, и во земјава, но и во цела Европа


Болнички коли превезуваат заболени од ковид во болница во Скопје
Болнички коли превезуваат заболени од ковид во болница во Скопје

Пандемијата со коронавирус зема замав во земјава и можно е воведување полициски час. Засилено ширење има во цела Европа, а дел од земјите веќе воведуваат нови рестриктивни мерки.


Не е сјајно: Болниците ни се кнап, а повеќето внатре се на кислородна маска. Со интензитетот на хоспитализации, уште неколку дена нѐ делат од моментот кога и модуларната болница ќе се исполни максимално со пациенти од ковид-19. Откако ќе се пополнат и останатите болнички легла, на сила ќе стапи полицискиот час, најави министерот за здравство, Венко Филипче. Вака Слободен печат ја сумира ситуацијата со секојдневното зголемување новозаразени во земјава, најмногу во Скопје, во Општина Аеродром.

Сите електронски и печатени медиуми ја објавуваат последната бројка од предминатото деноноќие, 640 новозаразени од 2.634 тестови и уште 12 починати. Слободен печат го објавува и апелот на министерот Филипче на Фејсбук: „За продолжениот викенд по повод празникот 23 Октомври без групирање, забавите, собиранките оставете ги за некое друго време. Влегуваме во исклучително ризична фаза“, порачува министерот за здравство.


На порталите СДК.МК, Република и Вечер читаме: „Администрацијата ќе работи од дома или во смени, кафулињата до 23 часот, одлучи Владата“.

ВМРО-ДПМНЕ со критика во партиското соопштение што го објавува Курир.мк и некои други портали: „Комисијата за заразни болести потфрли, цело лето не направи план, затоа сега имаме 2.000 заболени во една недела“.

Инаку, сите портали се преполни со наслови што се случува во Европа: дека ковид-19 во Шпанија е надвор од контрола, дека Италија ја разгледува и опцијата за целосна блокада на државата, дека Грција воведува полициски час во Атина и задолжително носење маска на отворено, дека Франција го прошири полицискиот час во неколку региони на уште 46 милиони луѓе...

Во меѓувреме, „НАТО издвојува 1 милион и 400 илјади евра за борбата со пандемијата во Македонија“ – наслови Слободен печат информирајќи за учеството на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на првата работна министерска видео-конференција на Северноатлантскиот совет на Алијансата.

Неделникот Капитал со критички текст за народните избраници во Собранието: „Наместо да се караат како да работат можеа просто – да работат!

Вечер во наслов пишува: „Заев нема да даде оставка ако Бугарија ни стави вето“, користејќи го одговорот на премиерот Зоран Заев на новинарско прашање:

„Апсолутно не се согласувам со тезата дека треба да понесам одговорност и да поднесам оставка (поради тоа)... Денес сме членка на НАТО и по 15 години имаме одлука за почеток на преговори со ЕУ, како и да се спореди ова со претходните владејачки политички структури, сепак сме светлосни години понапред од она што претставува алтернатива во нашата земја“, рече Заев.

На насловната, пак, Слободен печат објавува: „Дипломатска офанзива на македонската Влада – посилно ли е бугарското „не“ од европското „да“?“

Онлајн магазинот Глобус ја објавува анализата на бугарската новинарка Емилија Милчева објавена на Дојче Веле на бугарски јазик со наслов: „ʼМакедонското малцинствоʻ: плашило за внатрешно-политички потреби“. Покрај другото бугарската новинарка Милчева вели: „Се чини дека бугарската Влада никогаш не разбрала дека заштитата на малцинствата е суштински елемент на интегративната политика на ЕУ со цел да се зачува културната разновидност на европскиот континент и соодветниот идентитет на овие групи... Сепак плашилата останаа живи“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG