Антикорупциска комисија утврдува случаи во кои функционери имаат конфликт на интереси и го прекршуваат на законот за спречување на корупција, но власта не постапува за сите нив. До сега власта по препорака на антикорупциска ги разреши директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ по наводите утврдени за непотизам. Но, иако Антикорупциската комисија упатила иницијативи за утврдување на одговорност до управните и надзорните одбори на јавните претпријатија за кои е посочено дека постои злоупотреба при вработување на блиски лица на познати функционери на раководни функции, тоа не се случило.
„Сите тие ни одговорија дека не утврдуваат одговорност кај тие директори, на очиглед на целата работа, мислам дека тоа не е добро, ние немаме понатаму алатки за постапување, освен да ги известиме Владата и Собранието што сега веќе нема ефект,“ вели претседателката на Комисијата за спречување на корупција Билјана Ивановска во интервју за Радио Слободна Европа кое вo целост ќе биде објавено в недела.
Таа смета дека за ова е потребно да се отвори јавна расправа после изборите за да се види како да се постапува во такви случаи.
„Која е одговорноста на управните и надзорните одбори, како се поставуваат, колку се тие стручни и колку тие можат реално да ја оценат работата на одредено лице кое е на висока работна позиција, како и дали е тоа партиско гласање дека не е утврдена одговорност или дека е реално, засновано врз аргумент“, вели Ивановска.
Ова не е прв пат власта да не ги почитува одлуките на антикорупциската комисија и да вели дека не се точни одлуките со кои се утврдува конфликт на интереси. Пред два месеци Комисијата утврди конфликт на интереси кај сега поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев за неговото учество во владината седница на која се донесоа мерки за укинување на царината за увоз на акумулатори со што најголем ќар има фирмата Брако во која тој е дел од сопственичката структура.
„Во овој случај не е утврдена повреда на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, поради што нема правен основ за поведување одговорност“, одговори писмено Владата.
Ивановска вели дека Комисијата имала конкретен доказ дека тој учествувал во расправата и врз основа на тоа донела и таква одлука. Пораката која Владата требала да ја извлече е дека „Ниту еден член на Владата не смее да си дозволи својот личен интерес да го стави пред јавниот интерес“.
„Нашата работа е јавна, документите се тука на располагање на јавноста и ние стоиме зад тој наод, тоа што Владата не утврдила одговорност, нејзината одговорност понатаму е пред граѓаните, хиерархиски тоа така е поставено“, вели Ивановска.
Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека власта мора да ги почитува своите институции кои се изградени во борбата против корупцијата.
„Извршната власт нема политичка волја да се бори против корупцијата и конфликтот на интереси. Институцијата ја третираат како декор, како исполнување на законска обврска за пристап на преговорите со Европската унија, ама апсолутно не го сработуваат тоа што се бара од нив како апсолутна власт“, вели Муса.
Тој додава дека за да почнат да се почитуваат одлуките на Антикорупциската комисија треба да возврати со иста мера.
„Антикорупциската треба да биде достојна, но арогантна како власта, значи ако тие покажуваат арогантност во непочитување, антикорупциската треба во иста мера да се однесува и секој ден да објавува, да се повика на име и преземе на функционерот, на партијата која што го именувала. Државната троши државни пари на комисијата, има закон и го спроведува законот и на крај нејзините одлуки не се почитуваат, па тоа е игра со институциите“, вели Муса.
Во изминатава година Антикорупциската комисија до Јавното обвинителство испратила осум предмети од кои два се одбиени, а за останатите се уште нема потврда за конкретна постапка.
Еден од клучните проблеми во државата и натаму е високата корупција, покажува последниот извештај на американскиот Стејт Департмент. Во него е нотирано дека борбата против корупцијата се нотира дека има одреден во борбата, но сепак доминантна улога на владата во економијата создала можност за корупција.