Достапни линкови

Антикорупциска и нереалните очекувања на јавноста


Антикорупциска комисија / ДКСК
Антикорупциска комисија / ДКСК

За повидливи резултати во борбата против корупцијата потребна е целосна вклученост на сите институции, а не само на Антикорупциската комисија. Експертите велат дека ДКСК работи со недостиг на кадар и средства, а во такви услови невозможно е да се одговори на преголемите очекувања во јавноста

За поголемиот дел од стручната јавност амбициозниот старт на Државната комисија за спречување на корупцијата, со новиот состав кој беше избран на осми февруари годинава, беше добар сигнал во процесот на реформи во борбата против корупцијата. Комисијата отвори многу случаи, покажувајќи на тој начин детерминираност во справувањето со овој проблем, но впечатокот на јавноста, на крајот од годината, е дека резултатите не ги оправдаа очекувањата.

Слаѓана Тасева од организацијата „Транспаренси Интернешнал“ не сака да избрзува со заклучокот дека темпото со кое работи комисијата забавува и укажува на фактот дека е невозможно да се очекува од тој број на членови на комисијата, без дополнителен персонал и без дополнителни ресурси да може успешно да се извршува работата на оваа комисија.

„Во целата оваа година не се направи исчекор во обезбедување на соодветни услови за работа на оваа Комисијата. Тие се уште немаат адекватен простор. Опремата набавена од проект на ЕК, компјутери кои треба да ги користат, не се инсталирани затоа што немаат простории, а тоа значи дека се уште немаат ни софтвер за пребарување на базите на податоци кои им се на располагање. Мислам дека повторно на некој начин се појавува неподготвеноста на државата да поддржи работа на една ваква институција. Затоа јас би се воздржала од оценката дека имаат помалку ентузијазам. Работат доста, отворија многу сериозни случаи, доставија многу предмети до ОЈО, работат на новата стратегија итн“, вели Тасева.

И од Институтот за демократија, кој е еден од членките на Платформата за борба против корупцијата, не се согласуваат со впечатокот дека ДКСК потфрли во работата, туку дека впечатокот е резултат на нереалните очекувања на јавноста кон оваа комисија.

Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, потсетува дека работата на ДКСК е да иницира, разоткрива и поттикнува случаи на корупција, но не и да ги решава. По нив постапува обвинителството или во некои случаи дури и Владата.

„Оваа комисија во споредба со претходните направи огромен напредок во однос на поттикнати и отворени случаи, имајќи предвид колку ресурси и кадар имаат, односно некомплетираноста со човечки ресурси и пари кои комисијата ја чини многу од (не)ефикасноста, резултира со тоа таа да не може својата работа да ја работи со полн капацитет. Затоа апелирам до политичките елити дека оставањето на оваа комисија без средства и понатаму, само дополнително негативно ќе се одрази на борбата против корупцијата“, заклучува Трошановски.

Тасева објаснува дека законските ингеренции на комисијата се значително зголемени во однос на претходниот Закон за спречување корупција и судир на интереси, но дека за предметите да добијат разрешница потребна е одлучност и на другите институции во борбата против корупцијата.

„Сите институции треба во рамки на своите надлежности да ја поддржуваат борбата против корупцијата и да поведуваат постапки според препораките на Комисијата. Исто така имаме ситуации каде што некои од нивните одлуки имаа одговор преку Управниот суд, тоа за прв пат им се случува и треба да се најде решение како понатаму. Јавниот обвинител многу малку или воопшто не постапува. Имаме информации дека експресно ги отфрла иницијативите од ДКСК што исто така повеќе зборува за сите други околу комисијата дека се уште не ја сфатиле својата улога во борбата проти корупцијата“, вели Тасева.

Експертите посочуваат дека не е важно колкав ќе биде бројот на случаи што Антикорупциска комисија ќе ги отвори, туку колку случаи на корупција ќе се затворат и каков ќе биде нивниот придонес во колективниот имунитет на институциите.

Антикорупциска комисија отвори над 40 предмети за сомневање за непотизам. На листата се најдоа роднини на актуелни и поранешни државни функционери. Постапки покрена и против премиерот Зоран Заев и уште двајца членови на владата, по претставки поднесени од ВМРО-ДПМНЕ.

ДКСК покрена прекршочна постапка и против поранешниот претседател Ѓорге Иванов за именувањата во Армијата пред претседателските избори. Иванов пак, ја доби тужбата пред Управен суд против Комисијата. Во изминатите месеци беа отворени и постапки против градоначалникот Мерко, претседателот на Врховниот суд, Вангеловски, против директорката на Хематологија, Пановска, како и за парцелите кај Холидеј Ин.

Актуелниот состав на Антикорупциската комисија го сочинуваат претседателката Билјана Ивановска и членовите Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеновски, Шемши Салаи. Мандатот на членовите трае пет години, без право на повторен реизбор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG