Достапни линкови

Дали ќе имаат завршница отворените предмети на Антикорупциска?


Седница на Државната комисија за спречување на корупцијата
Седница на Државната комисија за спречување на корупцијата

Сомневања за корупција, непотизам, судир на интереси. ДКСК интензивно работи на предмети во кои има сомневања за законски прекршувања, но според експертите ќе биде сосема неважно дали тие отвориле постапка и дали донеле заклучок, ако од тоа нема ефект понатаму.

Откако Државната комисија за спречување корупција поведе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на општина Сарај поради дивоградбите на Матка, на потег е Основното јавно обвинителство кое има законски рок од 30 дена да и одговори на Антикорупциска дали нејзините наводи за овој предмет се оправдани или неосновани. Во исто време комисијата оформи предмети за дивоградбите во општина Охрид и за спорниот тендер на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за набавка и инсталација на АТМ систем за управување со воздушен сообраќај.

Според правните експерти, она што сега треба да се очекува е останатите институции да постапат по барањата на ДКСК.

„Сега сите институции и тие кои се во кривично правниот систем и оние коишто прават институционален инспекциски надзор, второстепени комисии и сл. сите треба да се вклучат во исполнување на барањата од Антикорупциска или доставување на сите информации коишто им се потребни за да донесат конкретни заклучоци. Ако нема ефект од нивното работење тогаш целосно ќе се дерогира и работата на ДКСК. Тогаш ќе биде сосема неважно дали тие отвориле постапка и дали донеле постапка и дали донеле заклучок, ако од тоа нема исход понатаму“, изјави Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси Интернешанал“.

Во врска со предметот за дивоградбите од Матка, Антикоруциска соопшти дека ќе испрати и предлог до Владата обврските на општината да ги превземе Министерството за транспорт и врски, а Министерството за животна средина и просторно планирање да ја прогласи Матка за заштитено подрачје. Во однос на другите два предмети, за дивоградбите во Охрид и за спорниот тендер на Рашковски, Комисијата има рок од 60 дена да ги прибере потребните податоци и документација.

Упатените не очекуваат опструкции од институциите од кои Комисијата би побарала евентуални документи, иако укажуваат на бавната реакција на дел од нив.

„Досега комисијата не се пожалила на опструкции, туку кажала дека некои институции се побавни во доставување на потребните информации, но досега биле задоволни од соработката со другите институции. Очекувам таа соработка да продолжи и понатаму, а ако не е таков случајот тогаш треба јасно и гласно да ја посочат институцијата која не соработува“, вели Тасева.

Според упатените добро е тоа што ДКСК поведува иницијативи за прекршочно или кривично гонење, но ефектот би бил целосен само кога и другите повикани институции би работеле на целосно расветлување и завршување на предметите.

Неодамнешниот пример на постапување на претседателот Стево Пендаровски којпотпиша 6 укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата на Македонија, со што постапи по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која пак утврди дека поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов со донесените укази за армиските унапредувања, сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес, покажува дека ДКСК не е повеќе „безгласна“, што беше случај во минатото.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG