Најдоцна до крајот на јануари ќе станат оперативни 250 милиони евра кои се дел од првата транша од унгарскиот кредит наменети за бизнисот, велат од Владата во одговор за Радио Слободна Европа.
Во вторник, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, договорот наменет за компаниите треба да помине и на владина седница.
Парите за бизнисот прво ќе бидат префрлени во Развојната банка на Северна Македонија и потоа фирмите ќе можат да почнат со апликации во комерцијалните банки. Претходните прогнози на комерцијалните банки беа дека компаниите најверојатно парите ќе можат да ги користат од февруари.
Иако од Владата ги дадоа овој рок, од Сојузот на стопански комори кусо ни одговорија дека немаат „никакви оперативни податоци“ кога фирмите ќе можат да почнат да ги користат кредитите.
Со парите од кредитот според најавите, фирмите треба да отворат нови производствени капацитети за подобрување на продуктивноста за раст на македонската економија.
Деновиве Владата ја прошири листата за тоа кои фирми ќе можат да конкурираат. Според последните промени, компаниите ќе можат да градат и комерцијални енергетски објекти, а не само за свои потреби како што беше првично предвидено.
Владата овие промени на условите ги донесе на седница одржана на 17 јануари со што дозволи да може да конкурира секоја компанија која сака да гради енергетски објекти од обновливи извори.
Економскиот аналитичар Арбен Халили за РСЕ вели дека првичните услови само за проширување на бизнис капацитетите на компаниите ги ограничувале можностите за повеќе апликации, но посочува дека овие релативно евтини кредити мора да донесат развој на домашното стопанство и да нема злоупотреби.
„Таргетот треба да биде раст на домашното производство и зголемување на извозот“, вели Халили.
Највисоката сума за која ќе можат да аплицираат фирмите е 10 милиони евра, но ќе треба да дадат 20 отсто учество за кредитот, со камата кон банката од 1,95 проценти. Меѓу условите кои ќе се бараат од фирмите што ќе сакаат да земат од парите, е тие да имаат раст на производството и вработеноста.
Парите од кредитот наменети за бизнисот од Министерството за финансии ќе се префрлат во Развојната банка, од каде преку комерцијалните банки ќе завршат кај компаниите.
Општините веќе ги користат парите
Договорот за кредитот во име на Владата го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 8 октомври минатата година во Будимпешта со унгарската Експорт-импорт банка.
Главната камата на кредитот од вкупно милијарда евра што Владата го подигна од унгарската Експорт-импорт банка е 3,25 отсто. Освен овие 250 милиони евра за бизнисот, уште толку пари се наменети за општините и тие веќе ги користат. Со останатите 500 милиони од втората транша државата ја плати еврообврзницата од 2018 година.
Со парите за општините, ќе бидат реализирани вкупно 288 договори за проекти кои ќе бидат финансирани од кредитот. За 200 проекти веќе се склучени договори, а четири се почнати, како што изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.
„Само два од овие 288 договори ќе треба повторно да се објават заради технички проблеми заради јавните набавки. Очекуваме со подобрување на временските услови, градежна и економска експанзија на целата територија“, рече Перински.
Платени 500 милиони за еврообврзница
Со парите од втората транша од унгарскиот кредит Министерството за финансии веќе ја исплати Еврообврзницата издадена во 2018 година.
Оттаму велат дека со Договорот за заем со унгарската Експорт-импорт државата ги добила средствата од 500 милиони евра за сервисирање на долгот од Еврообврзницата која доспеваше на 18 јануари 2025 година. Каматата за кредитот е 3,25 отсто и грејс период од три години и 12 години рок на отплата.
„Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа додаде дека оваа година ја почнуваат со ликвидни и стабилни јавни финансии.
Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест веќе се исплатени, а во наредните години доспеваат за отплата уште три издадени во 2021, 2022 и 2023 година со вкупен износ од 1,9 милијарди евра, како што соопшти Министерството за финансии.
Пред плаќањето на Еврообврзницата од 2018 година, собранието на крајот на декември по итна постапка ги донесе измените на Законот за јавен долг.
Пратениците на опозициската СДСМ критикуваа дека власта сака да ги протне измените за, како што рекоа, да се санираат низа на институционални слабости, пропусти и грешки поврзани со реализацијата на кредитот од Унгарија.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи изјави дека целта на измените е да се создаде можност да се покријат дел од долговите на јавните претпријатија кои според него се проценуваат на околу 1 милијарда евра. Тој вели дека долговите ќе се покријат со нереализирани средства од унгарскиот кредит.
Откако беше потпишан договорот за унгарскиот кредит, СДСМ обвинуваше дека договорот за заем е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а нивните сомжени се дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари.
Унгарскиот кредит го договорија македонскиот премиер Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, во јули 2024 година. Пред потпишувањето на договорот на 8 октомври, Собранието изгласа Закон за заемот на 17 септември 2024 година.