Министре Дурмиши, привршува првата недела од акцијата Новогодишна кошничка. Има ли реално намалување на цените?
Новогодишната кошничка која стапи на сила на 15 декември ќе трае еден месец, до 15 јануари 2025 г. Од анализите што ги правиме првите денови, Државен пазарен инспекторат (ДПИ) секој ден е на терен, гледаме дали ја почитуваат нивната мерка – која сами ја нудеа производителите, дистрибутерите и трговците. Се виде дека се почитува и е применлива, овие први денови гледаме дека граѓаните се задоволни од оваа мерка која беше иницијатива на трговците.
Пријавуваат ли граѓаните некакви нерегуларности и манипулации?
Иако ние сме ги известиле да пријавуваат ако случајно најдат некои одредени маркети каде не се почитува оваа мерка, но од информациите што ги имаме досега од ДПИ уште нема пријавено некое непочитување. Јас и до крајот на мерката не верувам дека ќе има злоупотреба или изигрување на цените затоа што тоа самите трговци, производители и дистрибутери ја нудеа мерката. Тоа е иницијатива од нив, од коморите, која ние како Влада ја поддржавме.
Имате ли некаква пресметка колкав ќе биде ефектот, колку ќе заштеди еден граѓанин од оваа Новогодишна кошничка?
Според податоците што ги имавме од есенската кошница каде ги замрзнувавме цените на 10% на трговија на мало и на големо, таму беа опфатени околу 73 одредени групи на производи, таа мерка ги даде своите резултати. Цените беа намалени, заштедата за едно четиричлено семејство за еден месец доаѓаше околу 1.300 денари. Тоа го покажаа и синдикатите со својата синдикална кошница каде само во тој временски период кога беше во сила таа мерка, трошоците за храна и пијалаци кај семејствата беа намалени за 965 денари. Значи, ако ја земеме предвид таа мерка која имаше 73 групи на производи, нормално дека оваа мерка која поминува над 1.000 производи, дадени од 95 компании, ќе има големи резултати.
Вие лично поддржувате вакви мерки? На пример, кога беше есенската кошничка, министерката за финансии не се согласуваше со таа мерка.
Секој може да има свој став, нормално е тоа. Но, според податоците што ние ги земавме од Државен завод за статистика и синдикалната кошница точно се покажува дека цените беа намалени особено во насока на храна и пијалаци кои ги опфаќа потрошувачката кошница. Согласно податоците видовме дека таа ги даде своите ефекти. Сега имаме друг вид на мерка која сами ја нудат трговците, производителите и дистрибутерите. На 5 декември кога беше најавена оваа мерка, ние до тогаш имавме повеќе од 10 состаноци и беа опфатени 675 производи од 58 трговци. Сега додека зборуваме, уште повеќе се надополнуваше таа бројка. Стигна до 1.068 и кошницата е отворена до 15 јануари. Интересот е голем од трговците и уште повеќе сакаат да бидат вклучени во оваа мерка.
Кога се во прашање цените на производите, пред околу три месеци стапи во сила Законот за нефер трговски практики. Вие дадовте некој преоден рок од околу три месеци за трговците да се прилагодат. Кога ќе почне да се применува Законот?
Законот за нефер трговски практики стапи во сила од 28 септември и веќе е во сила, но поради тоа што е нов Закон нормално дека трговците имаа тешкотии да ги прилагодуваат цените. Дадовме преоден рок, но не само да не се пишуваат казни, туку да не се опишуваат опомени. Комисијата за заштита на конкуренцијата е на терен ги разгледува и нормално дека ги советува тие трговци кои уште не ги усогласиле фактурите со производителите. После Нова година, нормално дека за сите тие што не го почитуваат Законот за нефер трговски практики, ќе се пишуваат казни.
Според овој Закон, рабатот и другите дополнителни трошоци треба да се ограничат на 10 проценти. Порано беше до 20 и до 35% каде што индиректно влијаеше врз покачување на цените на малопродажните производи. Сега, кога ќе се прилагодуваат фактурите меѓу производителите и трговците, кога се ограничи на 10% проценти рабат и дополнителните трошоци, ќе се влијае на намалување на малопродажните цени на производите.
Има капацитет [Комисијата за заштита на конкуренцијата] поради тоа што ќе се разгледуваат само фактурите, дали се почитува рабатот и дополнителните трошоци. Ќе прават преглед на фактурите.
Ќе има ли потреба од вакви мерки како Новогодишната и есенската потрошувачка кошничка кога ќе почне да се применува Законот за нефер трговски практики?
Овие акции се акции каде во временски период кога се празниците, ние како Влада задно со бизнис комората излегуваме во пресрет на граѓаните за подобрување на животниот стандард и намалување на цените. Нормално дека ќе има и понатаму, како што е рамазанската, велигденската кошничка итн.
Ресорот труд е под ваша надлежност. Изминатиот период и Фискалниот совет и Светска банка препорачаа зголемување на старосната граница за пензионирање. Кој е вашиот личен став, треба ли да се зголеми старосната граница за пензионирање?
Согласно реорганизацијата на институциите, да, надлежноста на трудот доаѓа кај Министерство за економија и труд, но надлежностите за пензиите се на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас на прашањето, како член на Владата би го повторил ставот на премиерот дека не е предвидено зголемување на старосната граница за пензионирање. Но, да ве известам дека, како што знам, се прават анализи за реформа на пензискиот систем.
Тогаш, на кој начин би се полнел пензискиот фонд ако како Влада останете на став дека не треба да се зголеми старосната граница?
Повеќе работни места, повеќе инвестиции каде треба младите да ги вработиме, да имаме повеќе работна сила. Нормално дека од таму се плаќаат придонесите за Фондот за пензиско, за здравствено итн. Од таму се собираат парите да се исплаќаат пензиите. Знаете дека веднаш кога дојдовме на власт ги покачивме пензиите за 2.500 денари. И се очекува наредната година, негде во март или април, да се зголемат за уште 2.500 денари.
Синдикатите постојано инсистираат на тоа дека потребно е минималната плата да се зголеми на 450 евра. Можно ли е такво нешто?
Економско-социјалниот совет е трипартитно тело кое се формира од работодавците, синдикатите и Владата. Синдикатите бараат да се зголеми минималната, но од друга страна ги имаме и работодавците кои се против зголемување на секоја вредност на минималната плата додека не се зголеми продуктивноста.
Ние како Влада сме го отвориле како тема во рамки на Економско-социјалниот совет и сме оставиле тие да се усогласат. Како што се усогласени за Законот и правилата како да се зголемува минималната плата во март секоја година, пак ќе ги оставиме да се усогласат. Секоја одлука која ќе ја донесат работодавците и синдикатите, ние им стоиме на располагање и ќе ги поддржиме. Треба да се видат сите засегнати страни, треба да се видат и работодавците, на крај на краиштата тие се оние што ги отвораат работните места. Тие имаат барање да се зголеми прво продуктивноста, а потоа да се зголеми минималната плата.
Во предлог-буџетот за 2025 година има предвидено средства да се зголеми минималната плата. На крајот на месец февруари, кога ќе ги земеме крајните податоци ќе ги направиме анализите и ќе видиме колку ќе дојде тоа зголемување на минималната плата. Според податоците што ги имаме досега, до 11 месеци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари.
Дали во Економско-социјалниот совет разговарате и за ревизија на законското решение за „недела неработен ден“? Ќе има ли воопшто ревизија?
И тука има спротивставени страни. Работодавачите бараат да се укине „недела неработен ден“, но од друга страна ги имаме синдикатите кои бараат да остане така како што е. Одредени дејности на занаетчии, од коморите итн., бараат одредени дејности ние да ги ослободиме од недела да биде неработен ден. Така што, оваа тема се отвора во рамки на Економско-социјалниот совет. Секој месец се одржува по една седница и ќе видиме кои дејности треба да ги ослободиме за да може да ги вршат своите задачи и да имаат повеќе производи.
Вам како министер и воопшто како Влада, во која насока ви се размислувањата? Треба ли да има ревизија?
Одредени дејности во насока на работата треба да се ослободат за да може во недела да работат, но не да се укине целосно „недела неработен ден“. Да остане така како што е, но одредени дејности да ги ослободиме да може да работат. Да направиме некои измени.
Почнаа ли компаниите да аплицираат за парите од унгарскиот кредит?
Има голем интерес од компаниите. Таа процедура ќе се води во Министерството за финансии, како што знам договорено е со банките. Предвидено е компаниите да земаат кредит до 10 милиони евра ако ги исполнат условите, каматна стапка од 1,95% со три години грејс период и за 15 години да го вратат кредитот. Со овој чекор ќе направиме еден голем напредок кој ќе влијае врз зголемување на економијата.
Има ли компании што веќе аплицирале?
Постапката мислам дека ќе почне после Нова година, ќе биде објавено како мерка и да почне да аплицираат компаниите.
Дали врз македонската економија се одрази кризата во автомобилската индустрија во Европа?
Ние го имаме најголемиот трговски партнер Германија, таму се очекуваат тешкотии каде ќе се соочуваат со криза врз нивната економија. Нормално дека тоа ќе влијае врз нашата земја, ќе се рефлектира затоа што ни е најголемиот трговски партнер. Но, затоа овие шест месеци ние работевме посветено и за овие шест месеци сме склучиле договор со осум надворешни инвестиции каде бројката на инвестиции, на средства ќе стигне околу 700 милиони евра и потенцијално ќе вработат околу 2.008 граѓани. Затоа мислиме дека со оваа работа што ја правиме ќе ја надминеме кризата која може да влијае врз нашата земја.
Во фокусот изминатите денови е отворената истрага за Државна лотарија каде еден од опфатените е поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Како очекувате да заврши оваа постапка?
Не е само случајот на Артан Груби, имајте предвид дека Груби беше втор човек после Али Ахмети во ДУИ. Човек кој сите работи што ги направи ги направи со амин на Али Ахмети. Поради Груби во ДУИ има поделеност. Затоа оваа црна листа претставува голема состојба на корупција во партијата на Ахмети. Верувам дека на оваа листа нема да биде само Груби туку и други функционери кои беа од ДУИ кои се вмешани во корупција, криминал итн. Сега во ДУИ владее моментот на паника бидејќи сите со страв чекаат кои се тие што ќе бидат на црната листа.
Очекувате ли дека ќе се врати Груби?
Треба да се врати пред органите на прогонот и пред судиите да го каже тоа што треба да го каже.