Украинската армија почна да регрутира луѓе на возраст од 18 до 24 години, на доброволна основа, бидејќи вооружените сили на земјата се соочуваат со сериозен недостиг на војници за да ja спречат инвазија на руските трупи.
Во својот последен обид да ги пополни редовите на армијата, исцрпена од тригодишната војна, Украина воведе нов план кој им овозможува на возрасните под задолжителна возраст од 25 години да се приклучат на армијата.
Какви поволности се нудат за приклучување кон украинската војска?
Иницијативата, наречена „Генерација што одлучува сега“, претставена минатиот месец, нуди стимулации кои вклучуваат бонус од еден милион гривни (24.000 долари), субвенционирани хипотекарни заеми, бесплатно универзитетско образование и право на патување во странство по отслужувањето.
Бидејќи има воена состојба, повеќето мажи на возраст меѓу 18 и 60 години не смеат да ја напуштат земјата.
Армијата, на младите волонтери им нуди и интензивна обука, право да ја изберат воената бригада на која сакаат да и припаѓаат и право да ја одложат мобилизацијата за една година - кога ќе наполнат 25 години.
Времетраењето на службата според ваквите договори е само една година, но може да се продолжи на доброволна основа, велат од Министерството за одбрана.
За споредба, повеќето други војници во Украина се очекува да служат на неодредено време, доколку преживеат.
Неколку дена по објавувањето на иницијативата, портпаролот на министерството Дмитро Лазуткин за Радио Слободна Европа изјави дека таа предизвикала „интерес“, што значи дека многу млади луѓе телефонски контактирале со воените центри за регрутирање и со Министерството за одбрана за повеќе информации.
Под целосен напад од својот многу поголем сосед од февруари 2022 година, Украина се соочува со проблеми, вклучувајќи недостиг на персонал, недостиг на оружје и муниција и воена корупција.
Кадровскиот проблем се појави за време на жестоката расправија меѓу претседателот Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џ. Венс во Белата куќа на 28 февруари.
Трамп му рекол на Зеленски дека неговата земја „има недостиг од војници“, додека Венс рече дека украинските власти „одат наоколу принудувајќи ги регрутите на фронтот бидејќи [тие] имаат проблем со персонал“.
Администрацијата на Бајден, која обезбеди десетици милијарди долари поддршка за Украина во нејзината војна против Русија, му рече на Киев во ноември дека Украина го има потребното оружје и дека треба значително да го зголеми бројот на своите војници.
„Ние сме, исто така, подготвени да ја зголемиме нашата обука доколку преземат соодветни чекори за да ги надополнат своите редови“, изјави тогаш портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савет.
Зошто Зеленски не ја мобилизира украинската младина?
Сепак, Украина се спротивстави на повиците на САД и другите западни сојузници за намалување на старосната граница за задолжителна воена служба од 25 на 18 години.
Владата на претседателот Володимир Зеленски тврди дека масовното испраќање на најмладата возрасна генерација во војна ќе ја остави Украина да се соочи со демографска криза во иднина и ќе ја попречи нејзината способност да ја обнови нацијата по завршувањето на борбите.
Минатиот април Украина ја намали возраста за регрутирање од 27 на 25 години, воведе построги казни за избегнување воена служба и ги намали физичките барања за воена служба, дозволувајќи им на мажите со ХИВ и туберкулоза да се пријават. Овие мерки имаа ограничен ефект.
Новата иницијатива веќе налути некои Украинци.
За Олег Симороз, активист и воен ветеран, планот е „дискриминаторски“ кон војниците кои немаат право на бенефиции.
Не смееме да ги делиме луѓето во армијата според нивната возраст“, напиша Симороз на Фејсбук.
„Хипотеките треба да бидат достапни за сите војници. Истото важи и за бесплатното универзитетско образование. Зошто на 55-годишниот наредник – кој нема универзитетско образование и бил отпуштен од војска откако бил ранет, да има полоша состојба од 20-годишник“, рече Симороз.
Десетици илјади Украинци, вклучително и оние кои живеат во странство, доброволно се приклучија на армијата за да ја одбранат својата земја кога Русија ја нападна во февруари 2022 година. Сепак, ентузијазмот се намали како што војната напредуваше.
Дали Украина успеа да го реши проблемот со воен персонал?
Откако Русија ја започна инвазијата, „Украина немаше проблем да најде војници за одбрана на земјата“, напиша во декември Симон Шлегел, висок аналитичар за Украина во Меѓународната кризна група.
Сепак, „напливот на волонтеризам што следеше по руската окупација на Крим во 2014 година и нејзината целосна инвазија во 2022 година, испари по три години брутална војна и во отсуство на јасен пат до победата за Украина“, напиша тој.
Украинските медиуми објавија за повеќе од 18.000 дезертери во периодот од јануари до септември минатата година, додека илјадници други војници наводно платиле мито за да ја напуштат земјата.
Сепак, многу Украинци велат дека ќе ја бранат својата земја онолку долго колку што е потребно.
Еден војник, кој се претстави како Виталиј, изјави за Радио Слободна Европа дека го поддржува владиниот план да им понуди стимулации на младите да се приклучат на армијата.
Иако има 21 година, Виталиј нема право на бенефиции бидејќи се пријавил пред да се објави проектот. Но, тој вели дека не жали бидејќи парите не му се мотив да се бори за својата земја.
„Не сум лут. Веќе бев на одмор, патував во странски земји“, рече тој. „Ќе го продолжам мојот воен договор додека не дојдеме до логичен крај на оваа војна.“