Достапни линкови

 
Сколиоза и деформитети на стапалата - сѐ почеста дијагноза кај учениците

Сколиоза и деформитети на стапалата - сѐ почеста дијагноза кај учениците


Илустрација - Средношколец на преглед кај ортопед
Илустрација - Средношколец на преглед кај ортопед

Сколиозата како деформација на 'рбетот е најчестa патолошка состојба меѓу македонските ученици, покажале ланските систематски прегледи. Лошото седење, тврдите подлоги, несоодветни обувки, како долгите часови на компјутер - главни проблеми. Студентите лани воопшто не биле на систематски прегледи.

„Ќерка ми има сколиоза, кифоза и лордоза. Ни алармираа на систематски преглед и веднаш тргнавме да бараме ортопеди. Тешко беше да се дојде до термин, бидејќи ординациите се преполни. Како да владее 'епидемија' на деформитети кај децава“, вели Зорица, мајка на основка од Скопје.

Нејзината ќерка е една од 8129 основци, кај кои на ланските систематски прегледи бил утврден деформитет на ’рбетен столб и граден кош.

Ваква патолошка состојба имале 16,6% од основците, покажуваат податоците за систематските прегледи за 2023/2024 година, кои РСЕ ги доби од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Процентот е помал во 2024 во однос на 2023, но ваквите деформитети и натаму водат меѓу патолошките состојби кај учениците утврдени на систематски, а во испитувањето не се опфатени сите ученици.

Инфографика - Утврдени патолошки состојби кај ученици во основно образование во РСМ, 2023 и 2024
Инфографика - Утврдени патолошки состојби кај ученици во основно образование во РСМ, 2023 и 2024

Близу до процентот на деформитетите на ‘рбетен столб, е оној за деформитети на стапало.

Зошто толку деформитети на стапалo?

Модерните генерации газат на тврди основи. Додека порано се газело на поеластични подлоги како паркети, даски, сега сите газиме на плочки, вели ортопедот доктор Златко Темелковски.

„На пример европскиве асоцијации за кошарка како ФИБА, не дозволуваат играње на линолеум. А ние, во Македонија, изградивме сали само со линолеум едно време. Мора да има еластичност, подот 'да враќа'. За жал, тоа го немаме. Се јавуваат таканаречени ентезитиси, болки и нешто што порано овде се нарекуваше дустабан, што е стар турски збор, веќе тоа се исфрла, сега е флексибилно рамно стапало. Тоа е голем проблем“, вели доктор Темелковски.

Освен што е важно на што се гази, важно е и што се носи додека се гази.

„На времето се носеа обувки со вградени влошки, сега дојдоа патики од Виетнам, од Камбоџа, од не знам каде, евтини, кои ниту имаат влошка, ниту имаат анатомија, ниту го третират стапалото... Сето тоа се собира во еден мозаик и доведува до вакви проблеми“, посочува ортопедот.

Основците најпогодени, студентите непрегледани

Дури четири пати повеќе патолошки состојби се утврдени кај основците отколку кај средношколците при систематските прегледи, стои во извештајот на Институтот во кој РСЕ имаше увид.

Но, кај средношколците пак, речиси по сите основи, во 2024 сликата е полоша споредено со годината пред неа и повторно на врвот се деформитетите на 'рбетен столб и граден кош, а веднаш по нив деформитетите на стапало.

Инфографика - Утврдени патолошки состојби кај ученици во средни училишта во РСМ, 2023 и 2024
Инфографика - Утврдени патолошки состојби кај ученици во средни училишта во РСМ, 2023 и 2024

Студентите, пак, речиси и да не биле прегледувани. На систематски минатата година биле само 54 студенти од Охрид, а во Скопје ниту еден, бидејќи не бил комплетиран тимот во Студентската поликлиника, односно немало офталмолог за вакви прегледи.

„Ова го нема ни во војска“

Систематските прегледи се прават побрзо отколку што треба, вели ортопедот, доктор Златко Темелковски. Според него, тие треба да бидат постручно организирани за проценките да бидат точни.

„Да не бидат 30 деца наеднаш. Внимавајте, тоа го нема никаде, ниту во армија. Секое дете треба да биде убаво видено, измерено, кога се прави систематски“, вели доктор Темелковски.

Навремената и точна проценка е клучна, се согласува Светислав Исаилов, кој 25 години работи како клиничар за протетика и ортотика.

Со ортопедски помагала какви што изработува тој завршуваат околу една третина од случаите, но, тие иако не се потребни кај сите, во последно време, вели, сe почесто се бараат.

„Често доаѓаат со потврда за ортопедско помагало, но ако јас видам дека рентген снимката на детето е коректна или клиничката слика е во ред, никогаш не изработувам. Не сакам да правам траума на детето за да направам за себе добробит, за некој бизнис. Во таков случај ги праќаме на физикална терапија и советуваме да се следи состојбата на секои три месеци кај соодветен доктор“, истакна Исаилов.

Искривување на 'рбетот наречено сколиоза е најчесто застапена деформација на 'рбетниот столб кај младите. Но, Исаилов истакна дека често не е едноставна за препознавање, а кога ќе се препознае, треба да се реагира.

„Доколку детето претходно имало некоја состојба на сколиоза што била минимална и не се преземало ништо, тогаш во следниот брз раст може да прогресира сериозно“, вели тој.

Зошто се појавува и што може да се преземе?

Што и да покажуваат официјалните бројки, од праксата е јасно дека деформитетите на 'рбетен столб и на стапала се постојано присутни, особено во пубертетските години кога растот е најбрз и експлозивен.

„Овие нови генерации растат најбрзо. А најбрзо децата растат во колената. Долната коска или тибија и горната коска, фемур, се најактивни зони на раст. Коските растат, а понекогаш мускулите не го следат растот на коската. Иако многу добар дел од децата се бават со спорт, со тоа се добива волумен на мускули, а не се добива должина“, вели ортопедот Темелковски.

Недоволната спортска активност може создаде млитава мускулатура која пак поради лошо седење и лошо држење, може да направи почетна сколиоза која понатака би можела да прогресира, порачува Исаилов.

Темелковски се согласува дека спортот е секако добар, но потенцира дека и тука е важен пристапот.

„Треба да се води сметка за методологијата на водење на спортски тренинзи од страна на тренерите. Тоа се деца и тие деца растат. Не се исти тие од 19 години и тие од 10 години, а тоа мора да се има предвид за да не ги уништиме помладите генерации“, додава ортопедот.

Дополнителен проблем може да направи и тоа што младите секојдневно долго време се во иста, принудна положба, додека ги користат електронските уреди.

„Тоа е начинот на живот на модерниве генерации. Тука, не знам дали ќе може да ги спречиме или не, но можеме, со одредени спортски активности, како на пример, велосипедски трки, скопски маратон и слично, да се стимулираат децата за да, ете, барем нешто имаат од тој групен заеднички живот и спортска активност во целост“, вели доктор Темелковски.

Според Програмата за систематски прегледи за 2023/2024година, прегледани се вкупно 65.700 ученици или 87,3% од предвидените за систематски прегледи во ланската учебна година и ова не го задоволува предвидениот стандард од 90-95% на прегледани ученици, наведуваат од Институтот за јавно здравје.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG