Достапни линкови

Македонските политичари станаа ТикТокери


Македонски политичари и нивните TikTok профили
Македонски политичари и нивните TikTok профили

Македонските политичари се почесто ги има на ТикТок, кој станува моќна алатка за политичка кампања. Оваа платформа „предизвика“ неочекуван пресврт во романските претседателски избори. Анализи и истражувања покажуваат дека се користи да се шири руско влијание и европските регулатори отворија истраги.

Политичарите ширум светот кои некогаш ја критикуваа социјалната платформа ТикТок (TikTok) сега и се придружуваат во обид да допрат до младите корисници. На овој светски тренд се приклучија и македонските политичари. Тие на оваа платформа по изборите лани во мај и натаму секојдневно споделуваат кратки видеа со политички пораки, од средби со граѓани, од настани, каде што зборуваат за „сработеното“.

ТикТок, лансиран на глобално ниво во 2017 година, сега е една од најпопуларните веб-платформи на интернет, а го надмина Гугл во 2021 година, со милиони следбеници привлечени од неговите кратки видеа со алгоритми кои работат на персонализирање на содржините за секој корисник.

Политичарите, чии ликови секојднево ги гледаме на телевизија, интернет портали и весници, на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер, сега се пробиваат и на ТикТок.

Премиерот Христијан Мицкоски во едно од последните видеа прикажува како дели новогодишни пакетчиња, пречекува странски делегации во Владата, но и дел од неговите патување во Брисел и средбите со колеги на Самитот посветен за Западен Балкан.

За разлика од неговите едноставни видеа во кои доминираат куси политички пораки искажани од собраниска говорница или прес конференција, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на поинаков начин и се приближува на младата публика.

Триесет и петгодишниот министер на младата публика и се прикажува како чекори по бриселските улици, а во позадина покрај драматичните музички тонови се слушаат неговите пораки.

„Следната година, мојата нација ќе одбележи 25 години откако стана кандидат за членство во ЕУ. 25 години поминати во реформи и жртвување. Проширувањето не е само стратегиска неопходност, туку е и морална обврска. Тоа значи исполнување на европското ветување“, вели Муцунски во пораката по обраќањето во Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.

Опозицискиот лидер Венко Филипче, пак на својот профил на ТикТок, нуди ред политички критики за власта, ред човечност. Последно објавено видео му е од посетата на „СОС Детското село“ за деца без родители, на кои им дели подароци. Неговите видеа каде што одговара на прашања „Зошто пак во политика, наместо во операциона сала“ додека вози, или пак со пиво во рака пред коперација разговара со граѓани, достигнуваат од 80 до сто илјади прегледи за разлика од видеата во кои испраќа куси критики за власта од говорница.

Профил на ТикТок направиле и министерот за здравство од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари и неговиот колега, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Нивните профили ги следат неколку илјади корисници.

Со видеата генерално им се обраќаат на етничките Албанци во Северна Македонија најчесто со пораки за националните празници и патриотски песни.

Дел од политички видео пораки достигаат и до десет илјади прегледи на платформата ТикТок, на која, според статистиките на ИТ експертите, се регистрирани околу сто илјади македонски корисници.

Најгледани им се оние малку видеа на кои се гледа како непосредно разговараат со граѓани на пазар или во спортска сала, каде што ја покажуваат својата несекојдневна слика за себе, надвор од онаа во костум од говорницата во Собрание или на прес-конференции. Неформалниот и пријателски тон на ТикТок им овозможува на политичарите да се приближат до младите избирачи и да изградат поблиска врска со нив.

И ТикТок го чекаат нови стандарди

Оваа кинеска платформа за кратки видеозаписи е една од најбрзо растечките и најсимнувани апликации, која станува извор на информации на младите корисници кои се на возраст до 25 години.

Оваа платформа не е најомилена кај македонските политичари, иако може да биде моќна алатка за политички кампањи, особено ако се искористи за борба против дезинформации, вели комуниколот Бојан Кордалов.

„Ова е дел од меѓународниот раст, не се случува само во Македонија, туку и во европските земји па и во САД. Колку ќе се употребува ТикТок како алатка понатаму ќе зависи од тоа како европските и американските регулатори ќе одлучат дали ТикТок ги исполнува стандардите или не. Да потсетиме дека и Гугл и Мета, па и Х со години, па и деценија наназад беа мета на овие регулатори додека не ги исполнија стандардите за заштита на граѓаните и податоците, се сеќавате имаше разноразни скандали и истражувања во комисиите поврзани со нив“, вели Кордалов.

Но, ТикТок е под зголемена контрола на западните регулаторни тела поради стравувањата дека корисничките податоци од апликацијата во сопственост на компанијата со седиште во Пекинг (ByteDance) би можеле да завршат во рацете на кинеската влада.

„Сериозни анализи и истражувањата покажуваат дека се шири странско влијание преку оваа мрежа и не случајно се преземаат такви мерки и активности. Индиции и одредни докази за тоа има и затоа не случајно во одредени европски па и американски држави е забранета употреба на апликацијата на ТикТок на службени електронски уреди“, додава Кордалов.

„Скибиди “ говор во австралискиот Сенат донесе милиони прегледи

ТикТок им овозможува на политичарите да ги заобиколат формалностите на традиционалната политичка комуникација и да ги презентираат своите пораки на релативен начин.

Тоа го покажа и докажа австралискиот опозицискиот лидер Питер Датон кој преку „предизвици“ успеа да се приклучи на ТикТок и со тоа означи голема промена во неговиот пристап кон политичката кампања.

Тој претходно ја критикуваше платформата поради безбедносни причини, но сега ја прифаќа и дури учествува во „безбедни предизвици“ со цел автентично привлекување публика.

Пример за тоа е и виралниот „скибиди“ говор на сенаторката Фатима Пејман кој покажа колку ефикасна политичка алатка може да биде ТикТок во пренесување на политичката порака.

„Скибиди“ говорот стана вирален во 2023 година откако јутјубер започна да објавува видеа кои се наменети за таканаречената „генерација Алфа“ која се однесува на млади родени по 2010 година.

Пејман го одржа овој говор во австралискиот Сенат, користејќи само сленг од ТикТок. Одекна со помлада демографија, а досега има повеќе од осум милиони прегледи. Како резултат на тоа, нејзиниот профил сега има повеќе од 160.000 следбеници и продолжува да добива значителни прегледи на сите објави. Таа по потекло е од Авганистан, а стана австралијанска сенаторка во 2022 година како дел од Работничката партија. Неодамна се повлече од партијата и мандатот го продолжи како независна по што во октомври 2024 година основа своја партија „Австралиски глас“.

Руско влијание преку Тик-Ток

Последен скандал кој ја разбранува европската јавност и ги поттикна регулаторите во Европската Унија посериозно да го истражуват принципот на работа на оваа кинеска социјална платформа беа изборите за претседател во Романија.

Соединетите Држави повикаа на темелна истрага за потезите на Москва да влијае на романските претседателски и парламентарни избори.

До ова дојде откако декласифицирани документи на 4 декември покажаа дека земјата била цел на „агресивна хибридна руска акција“ за време на ноемвриските изборни кампањи, вклучително и на неочекуваната победа на прорускиот кандидат на екстремната десница на првиот круг од изборите во Романија.

Калин Георгеску, малку познат политичар од екстремната десница во Романија, го искористи Тик-Ток за да ги шири своите антиевропски и анти-НАТО пораки и да победи во првиот круг од претседателските избори во Романија.

Без поддршка од партија, кампањата на Георгеску во голема мера се потпираше на платформата за социјални медиуми ТикТок каде што неговиот профил имаше 1,6 милиони допаѓања и каде тој објавуваше видеа на кои присуствува во црква, се занимава со џудо, јава коњ или трча на патека и зборува на подкасти.

Според декласифицираните документи, околу 25 000 профили на Тик-Ток, наводно користени за зголемување на популарноста на Георгеску, „станале многу активни две недели пред датумот на изборите“.

Друг метод што се користеше за промовирање на независниот кандидат вклучуваше креирање на профили кои лажно ги претставуваа институциите на романската држава. Откриени се десетици профили кои лажно го користеле логото на разузнавачката служба и насловот Антитерористичка бригада (BAT), секоја прикажувајќи илјадници следбеници и над 100 000 допаѓања.

Европската комисија на 16 декември отвори формална постапка против ТикТок за сомневање за прекршување на Законот за дигитални услуги (DSA) во врска со обврската правилно да ги процени и ублажи системските ризици поврзани со изборниот интегритет, особено во контекст на неодамнешните романски претседателски избори на 24 ноември. Ваквата ситуација доведе до доведе до поништување на претседателските избори.

„Мораме да ги заштитиме нашите демократии од секаков вид странско мешање. Треба да биде кристално јасно дека во ЕУ, сите онлајн платформи, вклучително и ТикТок, мора да одговараат“, изјави еврокомесарката за надворешна политика Урсула Фон дер Лајен на 16 декември.

Русија негира какво било мешање во изборите во Романија.

САД стравуваше и за претседателските избори

Еден месец претходно Тик-Ток забрани десетици профили поврзани со државните руски медиуми, вклучително и Раша Тудеј и Тв Новости, повикувајќи се на безбедносни грижи пред оддржувањето на претседателските избори во САД во ноември.

Тој потег следуваше по одлуката на технолошкиот гигант Мета кој ги поседува социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм издаде слична забрана, тврдејќи дека медиумите поддржани од Кремљ учествуваат во операции со измамнички влијанија.

Во соопштението објавено во ноември, ТикТок ги наведе операциите на влијание како причина за отстранување на профилите.

Американските истражувачи од утврдиле дека Русија сè повеќе го користела ТикТок во американскиот предизборен период за да ги шири пораките од Кремљ и на англиски и на шпански, при што профилите поврзани со Русија објавуваат многу почесто на оваа платформата отколку пред две години.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека е за продолжување на Тикток да работи во земјата барем на некое време, тврдејќи дека добил милијарди прегледи на платформата за социјалните медиуми за време на претседателската кампања. За време на предизборната кампања, свој профил на оваа мрежа имаше и противкандидатката на Трамп, демократката Камала Харис.

Тие продолжија да го користат ТикТок и покрај предложените забрани во Соединетите држави. Овие забрани во моментов се оспоруваат на суд, но треба да започнат во јануари 2025 година.

Иако повеќето одат на Тик-Ток за да се забавуваат, многу луѓе, особено помладата генерација, исто така добиваат информации таму. Според американскиот истражувачки центар Пју, во Соединетите Држави, околу половина од корисниците на Тик-Ток под 30 години велат дека го користат за следење политика и вести.

Северна Македонија, како една од земјите во регионот која тежнее кон евроинтеграции, е често предмет на анализи кога се зборува за руското влијание.

Обемот, фреквенцијата и интензитетот на забележаните наративи покажуваат дека Северна Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремљ, покажува последната студија на граѓанската иницијатива „Мост“, во која се анализирани руската пропаганда, влијание и дезинформациските наративи поврзани со војната во Украина, а присутни во онлајн просторот во Северна Македонија.

Руски медиуми и ботови на социјалните мрежи често шират лажни вести и наративи кои имаат за цел да ја поткопаат довербата во институциите, да ја засилат поделбата во општеството и да го одвратат вниманието од реалните проблеми.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG