Достапни линкови

Како Тик-Ток му помогна на романскиот десничар да стигне до вториот круг од изборите?


Кампањата Тик-Ток на Калин Георгеску е заслужна за привлекување на младите гласачи
Кампањата Тик-Ток на Калин Георгеску е заслужна за привлекување на младите гласачи

Калин Георгеску, малку познат политичар од екстремната десница, го искористи Тик-Ток за да ги шири своите антиевропски и анти-НАТО пораки и да победи во првиот круг од претседателските избори во Романија. Во меѓувреме Агенцијата за телекомуникации го суспендираше Тик-Ток додека трае истрагата за наводни манипулации поврзани со изборите.

Малку познатата, екстремно десничарска политичка фигура Калин Георгеску, ги изненади анкетите и ги збуни експертите со победата на изборите на 24 ноември, победувајќи ги фаворитите, вклучително и левичарскиот премиер Марсело Чиолаку од Социјалдемократската партија, која е со децении доминантна романска партија.

Успехот на Георгеску во голема мера се должи на неговата кампања на социјалните мрежи, која очигледно беше под радарот на многу експерти. Додека беше присутен и на Фејсбук и на Јутјуб, тој водел вешта кампања на Тик-Ток, градејќи поддршка и поврзувајќи се со милионска публика.

Тик-Ток, лансиран на глобално ниво во 2017 година, сега е една од најпопуларните веб-платформи на интернет, дури и го надмина Гугл во 2021 година, со милиони следбеници привлечени од неговите кратки видеа со алгоритми кои работат на персонализирање на содржините за секој корисник.

Цел на младите гласачи

Иако повеќето одат на Тик-Ток за да се забавуваат, многу луѓе, особено помладата генерација, исто така добиваат информации таму. Според истражувачкиот центар Пју, во Соединетите Држави, околу половина од корисниците на Тик-Ток под 30 години велат дека го користат за следење политика и вести.

Како и на други места, популарноста на мрежата вртоглаво порасна во Романија. Од февруари 2019 година, имало само 175000 корисници на Тик-Ток на возраст меѓу 14 и 65 години. До почетокот на 2024 година, таа бројка порасна на 8,97 милиони корисници.

Многу од водечките романски претседателски кандидати имаат профили на Тик-Ток, вклучително и Чолаку и прозападниот либерал Елена Ласкони, кандидатка со која Георгеску ќе се соочи во вториот круг од претседателските избори на 8 декември.

Но, се чини дека само Георгеску успеа да го отклучи целосниот потенцијал на платформата за социјални медиуми, во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“ (ByteDance).

Многумина од гласачите на Георгеску беа млади. Во објава на Фејсбук, социологот Ремус Стефуреак рече дека податоците од анкетите покажуваат дека „31 отсто од 18-24-години гласале за Георгеску, наспроти само 8 отсто од гласачите кои биле над 65 години“.

Стефуреак, исто така, додаде дека гласачите помлади од 44 години имаат поголема веројатност да гласаат за Георгеску во споредба со гласачите над 45 години.

Георгеску ја искористи фрустрацијата на гласачите поради инфлацијата и корупцијата, ги обвини ЕУ и НАТО за поголемиот дел од неволјите на земјата и тврдеше дека романскиот „суверенитет“ бил нарушен. Тој, исто така, ги пофали и Јон Антонеску, де факто водачот на Романија во Втората светска војна, кој беше осуден на смрт за неговата улога во романскиот холокауст и Корнелиу Зелеа Кодреану, водачот на „Железната гарда“ пред Втората светска војна - еден од најголемите насилни антисемитските движења во Европа.

За време на неговата кампања, тој редовно го критикуваше членството на земјата во НАТО и ЕУ и нејзината поддршка за Украина во нејзината борба против инвазијата на руските сили.

Во телевизиско интервју само неколку дена пред претседателските избори на 24 ноември, Георгеску повика на прекин на помошта за Украина.

Рецепт за успех на Тик-Ток

Едно од неговите најпопуларни видеа на Тик-Ток вклучуваше лажни тврдења дека децата бегалци од Украина добивале повеќе владина помош од романските деца.

„Дали знаете колку е додатокот за дете во Украина? Што му нуди Романија, романската држава? Ќе ви кажам - 3700 леи (780 долари), а за романско дете истиот додаток е 248 леи, за иста возраст“, рече Георгеску во видеото на Тик-Ток објавено на 5 ноември.

Фактите што тој ги изнесе подоцна беа проверени и беше утврдено дека се лажни. И покрај лажните тврдења, видеото на Тик-Ток, клип од подолго интервју со Георгеску на државната телевизија, се покажа популарно, со 5,1 милиони прегледи и повеќе од 213.000 допаѓања.

Георгеску повеќе се потпираше на Тик-Ток отколку на кој било од неговите противници за да ги пренесе неговите пораки, рече Драгош Станка, медиумски експерт во Романија.

„Калин Георгеску е идеален за дигитални медиуми, особено за Тик-Ток. Продадете сон, продадете визија“, вели Станка во интервју за романскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Социјалните медиуми не се создадени за да не информираат, туку да нè претворат во клиенти... А предмет на продажба можат да бидат и идеите. А господин Георгеску продава идеи што се забележани на социјалните мрежи“, додаде Станка.

Создадена есента 2022 година, профилот на Тик-Ток на Георгеску сега има 260000 следбеници и 3,6 милиони допаѓања.

Една од неговите најуспешни стратегии е земање извадоци од интервјуа што ги давал на друго место, честопати на телевизија, и објавување клипови од нив на Тик-Ток.

Интервјуто на ТВ Диги24 на 13 ноември имаше нешто повеќе од 70000 прегледи на веб-страницата на каналот, но снимката од истата емисија објавена од Георгеску на Тик-Ток собра 4,1 милион прегледи, 241000 лајкови, 14000 споделувања и скоро 8000 коментари.

Друг клип на Тик-Ток од истото ТВ интервју покажува дека Георгеску избегнува да одговори на прашање за тоа што мисли за Путин.

„Гледам дека сте многу упорни по ова прашање. Зошто не инсистирате на проблемите на романскиот народ? Зошто не инсистирате на проблемот со сиромаштијата, на проблемот на лицата со посебни потреби, на проблемот на луѓе кои продаваат бубрези?“, вели тој во видеото кое имаше 3,1 милион прегледи.

Добро координирана кампања

Покрај искажувањето на своите политички ставови, Георгеску го користеше и Тик-Ток за објавување видеа на кои оди во црква, вежба џудо и трча, очигледно во обид да го разубави својот имиџ како чист христијанин.

За да се осигура дека неговите клипови од Тик-Ток ќе бидат видени од најшироката можна публика, Георгеску ги охрабри своите следбеници да ги споделат и промовираат со хаштагови кои го вклучуваат неговото име.

Во нешто што изгледаше како добро координирана кампања, на илјадници други профили беа споделени кратки видеа од критиките на Георгеску, некои со неговото име во насловот на профилот.

Хаштаговите и клучните зборови со името на екстремно десничарскиот популист се повеќе се ширea како што се приближуваше првиот круг од претседателските избори.

Бидејќи романскиот Тик-Ток беше бомбардиран со терминот „Калин Георгеску“, платформата почна автоматски да го вметнува неговото име во полето за пребарување, стандардна практика на мрежата со популарни и трендовски клучни зборови.

Стратегијата досега функционираше за аутсајдерот Георгеску.

Прашање за многу Романци е дали повторно ќе функционира на 8 декември, кога ќе се одржи вториот круг избори.

XS
SM
MD
LG