Двојните избори што претстојат во Романија, не само што треба да ја одредат политиката дома, туку ќе влијаат и на надворешната политика, вклучително и евентуално омекнување на моменталната поддршка на Букурешт за Украина во нејзината борба против руската инвазија.
Кога се изборите?
Прво ќе се одржат претседателските избори во земјата. Актуелниот централнодесничар во заминување Клаус Јоханис го завршува својот втор мандат и една деценија на функцијата. За негово место се кандидираат повеќе од десетина кандидати.
Првиот круг е на 24 ноември, а доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, првите двајца кандидати за претседател ќе одат во вториот круг на 8 декември. Во меѓувреме, Романија одржува парламентарни избори на 1 декември, кога се празнува Националниот ден на земјата.
Што е во прашање?
Влогот во двете анкети е голем, според Оана Попеску-Замфир, директорка на Центарот Глобал Фокус, тинк-тенк со седиште во Букурешт.
Прво, таа вели дека „Романија се соочува со две важни реалности следната година: закана од понатамошна нестабилност и конфликт во регионот и на глобално ниво, особено во контекст на Белата куќа и на [новоизбраниот претседател Доналд] Трамп“.
И второ, „ризиците од продлабочување на економската и финансиската криза, имајќи предвид дека [Романија] моментално има еден од највисоките двојни буџетски дефицити и стапки на инфлација во ЕУ, а цената на стоките продолжи да се зголемува, додека државните расходи останаа високи. (во голема мера поради преголемиот државен апарат)“, изјави Попеску-Замфир за РСЕ во забелешки испратени по е-пошта.
За што се грижат гласачите?
Се чини дека економијата и корупцијата се на врвот на листата на она за што повеќето гласачи силно се загрижени.
„Гласачите се грижат за трошоците за живот, за намалување на инфлацијата и за буџетскиот дефицит, кои се меѓу највисоките во ЕУ“, рече Попеску-Замфир.
Тие, исто така, се грижат за „фискалната предвидливост и избегнување на потенцијално многу строги мерки за штедење“, додаде таа.
Романија е потресена од висока инфлација во последниве години. Во 2022 година стапката беше 13,8 отсто, а во 2023 година бројката падна на 10,4 отсто, покажуваат податоците на романскиот институт за статистика. Во 2024 година, стапката, досега е нешто повеќе од 5 проценти, што е поголем пад, но сепак меѓу највисоките и барем во август највисока во ЕУ.
Корупцијата, во јавната или во приватната сфера, долго време ја измачува Романија. Во државниот здравствен сектор, во болниците и клиниките ширум земјата сè уште нашироко се тврди дека е потребен поткуп, или за пацентите да стигнат до лекар или за да се лекуваат, и покрај одреден напредок во ограничувањето на оваа практика.
Што е со надворешната политика?
Додека домашната загриженост доминира, гласачите се исто така загрижени за надворешните работи, особено за тековната војна на Русија против романскиот сосед, Украина, и како тој конфликт би можел да се промени со промената во Вашингтон, од американскиот претседател Џо Бајден, кој постојано го поддржуваше Киев, на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој сугерираше дека поддршката може да се ограничи.
„Заканата од регионална нестабилност и војна, исто така, предизвикува загриженост. Гласачите се грижат за позициите на кандидатите за Украина, Русија, Трамп, степенот на нивната евроатлантска ориентација“, рече Попеску-Замфир, додавајќи дека гласачите биле фокусирани и на „способноста на претседателските кандидати да ја водат земјата во случај на ескалација на тензиите со Русија“.
Романија стана клучен сојузник на Украина и не само што обезбедува обука и воена опрема, вклучувајќи го и ракетниот одбранбен систем Патриот, туку игра клучна улога во транспортот на украинското жито и другите земјоделски стоки на глобалните пазари. Голем дел од заслугата за проукраинскиот став на Букурешт оди кај актуелниот претседател Јоханис.
За НАТО, Романија е клучен сојузник на нејзиното источно крило, а Алијансата таму ја гради својата најголема воена база. Иако нема извршна улога, романскиот претседател има значителни овластувања за одлучување, вклучително и за прашања од националната безбедност и надворешната политика. Избран за петгодишен мандат, претседателот може да ги отфрли и партиските кандидати за премиер и владините кандидати за назначувања во судството.
Како може изборите да влијаат на поддршката за Украина?
Навестувањата дека новиот претседател можеби нема да биде толку постојан поддржувач на Украина, можеа да се забележат за време на тричасовната телевизиска претседателска дебата на 18 ноември, кога речиси сите кандидати рекоа дека Украина ќе треба да му отстапи територија на рускиот претседател Владимир Путин за да го прекине конфликтот, позицијата што ја предложи Трамп како единствениот пат напред.
„Очигледно е дека Украина нема ресурси да ја врати целата изгубена територија. Крим е речиси невозможно да се врати, а Донбас е веќе русизиран“, рече Мирчеа Џоана, поранешен заменик генерален секретар на НАТО, кој се кандидираше како независен кандидат. Џоана, исто така, тврдеше дека Украина треба да го задржи својот суверенитет и западната ориентација доколку се откаже од територија.
Елена Ласкони од централнодесничарскиот сојуз „Спаси ја Романија“ беше единствениот претседателски кандидат што се спротивстави на идејата Украина да се откаже од територија, велејќи дека тоа ќе го охрабри рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако Украина отстапи територија, Путин нема да запре“, рече таа. „Треба да и помогнеме на Украина да победи во оваа војна“, додаде таа.
Џорџ Симион, лидерот на екстремната десница, ултранационалистичка Алијанса за единство на Романците (АУР), рече дека доколку биде избран, ќе му каже на Трамп дека е време за мир, но треба да размисли да дозволи Украина да се приклучи на НАТО.
Од петте најсериозни предизвикувачи, Ласкони е најжесток за НАТО, повикувајќи на воената алијанса да има поголемо присуство во Романија. На другата крајност е Симион кој е критикуван од некои ривали како проруски и анти-ЕУ кој понуди Романија да остане во НАТО, но да биде „неутрална“.
Кој е веројатно да победи?
Забележливо отсутни од претседателската дебата беа романскиот премиер и лидер на Социјалдемократската партија Марсел Чиолаку и поранешниот премиер од десниот центар Николае Чиука, кој го води романскиот Сенат и беше дел од владината коалиција со партијата на Чиолаку.
Отсуството на Чиолаку беше образложено со неговата релативна доверба во гласањето. Анкетата покажува дека тој е фаворит меѓу првите пет од вкупно 14 претседателски кандидати. Така е и покрај фактот што Чиолаку се соочи со обвиненија за лажење во врска со измамничка компанија за недвижности, по што дури имаше повици за негова оставка.
Во евентуалното гласање во вториот круг, Чиолаку би можел да се соочи со Симион, соочување кое според Попеску-Замфир го претпочитаат социјалдемократите.
„Социјалдемократите сметаат на расчистување на патот за Симион да помине во вториот круг, а не кој било од другите кандидати, надевајќи се дека луѓето потоа ќе се соберат на гласачките места за да се спротивстават на победата на лидерот на [екстремната десница ] АУР“, вели Попеску-Замфир.
Попеску-Замфир додава дека, за многу Романци, победа на Симион ќе биде „загарантиран пресврт кон стилот и идеологијата на владеење на [унгарскиот премиер] Виктор Орбан: антизападен, проруски, автократски, социјално конзервативен, кој ќе го стесни просторот за граѓански права и слободи“.
Социјалдемократската партија на Чиолаку, исто така, се очекува да ги надмине другите партии на парламентарните избори на 1 декември и најверојатно ќе биде прва во формирањето на нов кабинет, забележа аналитичарката Вероника Ангел на X.
Каков и да е исходот, „Романија е подготвена најмногу за политички континуитет, за стегање на ременот во фискална и економска смисла за да се поправат дефицитот и инфлацијата“, рече Попеску-Замфир.
Во исто време, аналитичарката рече дека Букурешт ќе „бара соработка со администрацијата на Трамп, додека ќе остане на курсот за поддршка за Украина колку што е можно повеќе“.