Достапни линкови

Политичари како инфлуенсери во изборната себепромоција на социјалните мрежи


Кампања на политичари на социјални медиуми
Кампања на политичари на социјални медиуми

Некои пијат кафиња, други се шетаат по дуќани, трети праќаат политички пораки, а некои и се водители на поткасти. Оваа активност на кандидатите за политички функции за дел од експертите е нормална предизборна себе промоција, но прашањето е и дали навлегува и во сината зона на почитувањето на законите?

Претседателскиот кандидат Бујар Османи како домаќин на поткасти, Моника Зајкова од ЛДП како Инстаграм инфлуенсерка, а Силјановска-Давкова со политички пораки на социјалната мрежа Тик-Ток...ова се само дел од обидите на политичките кандидати за претстојните парламентарни и претседателски избори да дојдат до глас повеќе.

Социјалните мрежи, пред се Фејсбук и Инстаграм, веќе извесен период се алатки кои им служат на политичарите да промовираат кратки исечоци од своите телевизиски интервјуа со клучните поенти од нивните излагања, каде оние кои го пропуштиле терминот на телевизија, подоцна ќе можат да видат што тој или таа имал да каже.

Но, во овој предизборен период, иако пред почеток на кампања, се почести се претставувањата на личните хобија на претендентите за власт како еден вид на самопромоција на популарните социјални мрежи.

Политичарите се обидуваат да станат инфлуенсери

Еклатантен пример за тоа е претседателскиот кандидат Бујар Османи кој започна да води поткаст, па публиката сега има прилика да го доживее и како своевиден телевизиски водител.

Османи кој по професија е доктор, а на политичката сцена е препознатлив како актуелен министер за надворешни работи, сега снима поткасти на албански јазик и ги објавува на социјалните мрежи.

Политиката секако е тема во неговите поткасти, но гости исто така се и музичари и спортисти со кои дебатира за сосема поинакви теми.

Иако средбите на политичарите во кои директно се вклучени и граѓани се карактеристични по официјалниот почеток на предизборната кампања, Османи веќе се снимаше како купува овошје и зеленчук од локално пазарче, а видеото го објави на Фејсбук.

Османи сепак не е единствениот кандидат кој практикува ваков вид на себе промоција користејќи ги социјалните алатки.

Претседателката на Либерално демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, веќе два месеци објавува видеа и фотографии на Инстаграм како познатите светски инфлуенсери.

Па така, на нејзиниот профил може да се види како таа го пие утринското кафе во старата скопска чаршија, како посетува занаетчиски дуќани во Охрид, но и видеа од нејзини утрински спортски активности покрај кејот на Вардар.

Активна на социјалните мрежи изминатиот период е и потпретседателката на СДСМ и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која на претстојните парламентарни избори ќе биде ко-носителка на петта изборна единица.

Таа на Инстаграм сакајќи да покаже дека се грижи за природата, објави кратко видео во кое заедно со неколку дечиња засадува дрвја.

Во овој своевиден модерен начин на промоција на кандидатите не изостануваат ниту повозрасните кандидати, а иако од нив можеби се очекува да бидат поактивни во традиционалните медиуми, сепак преку свој стил влегуваат во инфлуенсерските води.

Па така, претседателскиот кандидат од редовите на Левица, професорката Билјана Ванковска, која иако веќе извесен период е активна на Фејсбук, пред седум недели, во пресрет на објавувањето на нејзината кандидатура, си доби и Инстаграм профил.

Иако на овој профил најчесто објавува кратки видеа во кои пренесува политички пораки, сепак објавува и свои лични ставови и активности кои ги прави надвор од политичкиот свет.

Слично како и својата колешка, претседателскиот кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска-Давковка, покрај тоа што стана првата политичка фигура со Тик-Ток профил, неодамна се пофали дека е активна и на Инстаграм.

Дали промоцијата на личните активности на кандидатите може да се смета за кампања?

Секоја активност на политичар, а особено на официјален кандидат за одредена позиција е промотивна активност, тука нема никаква дилема“, вели за РСЕ комуникологот Бојан Кордалов, објаснувајќи дека во тоа нема ништо погрешно, но доколку се прави на начин во кој се инволвирани и самите граѓани.

„Две работи се клучни – првата е да се почитуваат законите и законските рокови и втората работа е да се изгради комуникациски план и комуникациска стратегија која ќе биде насочена кон вклучување на граѓаните во ваквите активности, а не кон таканаречен гол пи-ар, како што најголемиот дел од политичарите сметаат и се научени да прават“, додава Кордалов.

Во однос на тоа дека кандидатите за позиции се поактивно се обидуваат да се промовираат преку социјалните мрежи, Кордалов истакнува дека во 21 век тоа е сосема нормално, но според него многу е поважна суштината на кампањата отколку нејзината форма како и тоа на кои платформи таа ќе биде презентирана.

„Треба да се води кампања којашто е умесна, којашто дава квалитет, односно која нуди вклучување на луѓето во неа, која дава можност луѓето да се препознаат, да прашаат, да се инволвираат, тоа е добра кампања. Бидејќи и 100 дена да не се води кампања, ако 20 дена се води лоша кампања, сето тоа е бадијала. Ако пак 100 дена се води добра кампања којашто граѓаните нема да ја доживуваат како напад врз сите сетила исто така нема да има никаков проблем во една таква ситуација“, објаснува Кордалов.

За разлика од овој комуниколог, политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, смета дека со ваквиот начин на себепромоција, претендентите за позиции наоѓаат „дупки“ надвор од законските рокови и прописи за предвреме да им се доближат до граѓаните.

„За жал во Македонија и покрај позитивните законски одредби, кога официјално почнува кампањата, политичките кандидати наоѓаат законски,, дупки", тоа да го заобиколат и да се себепромовираат меѓу граѓаните, кажувајќи дека тоа не е дел од официјалната кампања која не е се уште започната, туку дека станува збор за редовни партиски состаноци или активности. За жал, се сведува на политичката (не) култура на сите кандидати кои постојано се во некоја промотивна кампања“, смета Атанасовски.

Но, на прашањето дали таквата себепромоција и водење на кампања пред кампања може навистина да им ги донесе посакуваните политички поени на кандидатите, Атанасовски изразува доза на песимизам.

„Сепак, сметам дека граѓаните се доволно изморени и веќе им се видени тие партиски промоции, и воопшто или премалку може да им влијаат за да го придобијат нивниот глас, без разлика на која публика станува збор: Дали од возрасна, социјална или образовна категорија како своевидна целна група кон која се таргетира одредено гласачко тело“, додава Атанасовски.

Водењето кампања пред кампања не е ништо ново

Изборната кампања официјално започнува 20 дена пред изборите и трае до 24 часа пред денот на изборите. Но, истовременото одржување на претседателски и парламентарни избори де факто може да резултира со порано водење на кампања отколку што тоа е пропишано, стои на страницата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во однос на претстојните парламентарни и претседателски избори во Северна Македонија.

Доколку се погледнат и претходните извештаи на ОБСЕ во однос на забелешките за изборните процеси во минатото, ќе се забележи дека водењето кампања пред официјалниот почеток не е ништо ново за политичарите во Северна Македонија.

„Неколку изборни кандидати започнаа да ги вклучуваат гласачите во активности пред официјалниот почеток на кампањата“, се вели во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2021 година.

Првиот круг претседателски избори во земјава ќе се одржат на 24 април, а во тој термин ќе се одржат и парламентарните избори, што значи дека почетокот на кампањата кога политичките партии и согласно закон ќе може да се промовираат започнува на 4 април.

Но, адвокатот Александар Новаковски, кој е поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК), вели дека постои таканаречена „сива зона“ во правниот систем којашто ја користат партиите за постојано да бидат во кампања, иако таа официјално не е започната.

Тој вели дека тоа многупати го прават не само преку социјалните мрежи, туку и со истакнување билборди уште пред тоа да биде законски возможно.

Поради недореченостите во законот, партиите се нонстоп во изборна кампања и ниту една институција не може да утврди дали е тоа редовна партиска активност или изборна кампања, вели тој.

„На пример, истакнуваат билборд со содржина, а нарачател стои одредена политичка партија. Потоа таа партија официјално се пријавува во ДИК како коалиција и таа листа се потврдува. Така правното лице кое може да биде санкционирано за време на изборите е само онаа листа која е потврдена од страна на ДИК“, истакнува Новаковски за РСЕ.

Праксата за предвремено започнување на кампањите во Северна Македонија мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ја забележува во секој извештај по изборните процеси уште од 2011 година.

XS
SM
MD
LG