Достапни линкови

Реформа на изборниот модел - реалност или празни ветувања?


Локални избори во Северна Македонија.
Локални избори во Северна Македонија.

Како што се приближува рокот за парламентарните избори, дискусијата за промената на Изборниот законик се вжештува. Додека помалите партии се залагаат за голема реформa со која би ја прекинале доминацијата на големите, правните експерти остануваат скептични околу шансите за нов изборен модел.

Ќе биде ли променет политичкиот пејзаж со реформа на изборното законодавство или една изборна единица е уште едно празно ветување?

На една години до рокот за парламентарни избори, партиите разговараат за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но исто така на маса е промената на изборниот модел кој треба да значи запирање на доминацијата на големите партии.

Дебатата е фокусирана на изборните единици, изборниот праг, изборната формула, избирачкиот список и бројот на пратеници. Но помалите парламентарни партии бараат крупна реформа со донесување на нов Изборен законик што ќе значи промена на изборниот модел.

Сепак, правните експерти се скептични дека големите партии се подготвени да прифатат ваков чекор. Според Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, фокусот ќе биде на решенијата во однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Тој додава дека во услови на ниска политичка култура, нестабилни влади и чести предвремени избори, нов модел кој ќе донесе поголема раслоеност во Парламентот, дополнително ќе резултира со понестабилна политичка клима.

„Препораките на ОБСЕ/ОДИХР секако се важни и требаше уште во претходниот циклус целосно да бидат усвоени, но не се. Тука акцентот исто така треба да се стави на што поголемо овозможувачка законска рамка за граѓански независни иницијативи коишто би можеле да се понудат на претстојните избори. Додека сегашниот изборниот модел, според нашето последно истражување, е меѓу најпропорционалните во Европа“, вели Трошановски.

Демократскиот сојуз, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП се меѓу помалите парламентарни партии кои се залагаат за една изборна единица, наместо сегашниот модел со шест изборни единици со пропорционален систем. Од друга страна, главните забелешки на ОБСЕ/ОДИХР се да запре доминацијата на големите партии во медиумскиот простор, но и буџетскиот колач.

Во однос на промената на изборниот модел, коалицискиот партнер на СДСМ во Владата, ДУИ, на 8 мај соопшти дека прифаќаат една изборна единица со пет отсто праг и со отворени листи, што за малите партии е неприфатливо.

Пратеникот на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми рече дека прагот од пет отсто го предлагаат за да се обезбеди политичка стабилност во државата. Моника Зајкова од ЛДП одговори дека овој предлог е погубен за малите партии. Тие бараат воопшто да нема изборен праг.

За имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР е формирана работна група за реформи во изборното законодавство. Ова тело паралелно треба да работи и на Нов изборен законик. Во процесот учествуваат партии, експерти, невладини организации, но засега не и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на работната група е поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Новаковски, кој рече дека е оптимист дека ќе успеат да го запазат рокот законски измени да бидат донесени шест месеци пред да се одржат изборите.

И политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека нема волја за компромис кај големите партии за промена на изборниот модел. Но, според него, воведување на една изборна единица нема да биде соодветно решение.

„Овој изборен модел им дава можност на поголемите партии да бидат удобни во коалициите кои ги преговараат, но и во добивањето на гласовите и избегнувањето на реалната конкуренција од помалите политички партии. Според мене, една изборна единица и така не е добар модел за нашата реалност и отсликувањето на реалноста, но ако се преговара за таков модел, секако дека ќе треба да се дојде до компромис за евентуален праг за помалите политички партии“, вели Селими.

Измените на изборниот законик е ветување на владејачката СДСМ, уште од изборите во 2016 година. ВМРО-ДПМНЕ сега бара власта да излезе со решение и вели дека се согласува да учествува во изработката на евентуален конечен текст на Изборниот законик.

Сепак и министерот за правда Кренар Лога потенцира дека не може да се промени изборниот модел и законодавството без претходен договор на големите политички партии.

„Изборниот модел треба да добие консензус во Собранието. Тој дел останува на политичките парии да најдат консензус внатре. Нас како министерство ни е потребен делот на технички работи, на функционалноста на ДИК и на другите тековни работи кои се врзуваат со Изборниот законик, како финансирање на политичките партии, програмата и другите проблеми кои се случуваат на денот на изборите“, вели Лога.

Ставот на СДСМ е дека поддржува измени на Изборниот законик, но укажуваат дека за тоа е потребен консензус. Од ВМРО-ДПМНЕ велат партијата ќе даде поддршка за една изборна единица, но откако ќе се договорат другите работи од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG