Достапни линкови

И „Супермен“ не може да го контролира Тик-ток


Илустрација.
Илустрација.

Учениците да се насочат кон предизвици од образованието, наместо на Тик-ток, порача министерката за образование Јаневска откако опасниот „Супермен“ зеде замав меѓу најмладите. Ако Тик-ток се забрани или се селектира содржината, корисниците пак ќе најдат начин да го користат, сметаат ИТ експертите.

Најмалку 11 деца се примени само во градската болница во Скопје поради повреди со предизвикот „Супермен“ кој вирално се шири меѓу најмладите на социјалната платформа Тик-ток. Не е првпат опасен предизвик вирално да се шири не само меѓу учениците во Северна Македонија туку и нивните врсници ширум светот.

Албанија разгледува опција за целосна забрана на Тик-токот и Снепчет по убиството на 14-годишник поради кавга на социјалните мрежи. Австралија е на чекор да донесе закон за забрана на социјални мрежи за младите под 16 години. Дали и Северна Македонија разгледува некакви мерки, но и дали тие воопшто се можни?

На хартија, бланко забрана е можна, но и таа може да се заобиколи. Забрана на одредени содржини, пак, бара многу пари, време и ресурси, а гаранција за ефикасност би немало, сметаат ИТ експертите.

Од власта, засега упатија само повик кон учениците, родителите и наставниците, децата да се насочуваат кон поинакви, образовни предизвици.

„Ги повикувам средношколците наместо да имаат Тик-ток натпревари, да се насочат на натпревари во образованието и науката. Телефоните ние во училиштата можеме и да ги забраниме, но тие ќе им бидат достапни дома, во маало и во други средини. Децата треба предизвици да прифаќаат во образование и наука, а нивните родители заедно со наставниците да ги насочат кон тоа“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Од Владата во одговор до РСЕ го потенцираат ставот на Јаневска и посочуваат дека „ги следат состојбите со социјалните мрежи и размислуваат во насока како да се пренасочи фокусот на младите со цел да не се случуваат вакви состојби“.

Актуелниот хит на Тик-ток меѓу учениците – „Супермен“, ги предизвикува децата да скокнат имитирајќи го истоимениот херој. Врсниците го чекаат со раце и го исфрлаат назад додека тој што скока треба да застане на нозе.

Од 11-те деца кои досега завршиле во градската болница во Скопје, повеќето се со набиеници, но две од нив завршиле и со скршени раце.

„Ако ова продолжи, може да има пострашни повреди. Доколку детето падне на глава, ќе има потешки повреди“, вели директорот на болницата „Св. Наум Охридски“, докторот Небојшта Настов.

И забраната може да се заобиколи

Ако, пак, се забрани оваа или друга мрежа за да се превенираат вакви инциденти, има начин да се заобиколи вели инженерот за информациска безбедност, Божидар Спировски, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Ако која и да е држава забрани на ниво на телеком оператори, да речеме дека тие ќе го почитуваат ама тоа ќе го испочитуваат како бланко блокада бидејќи не може да знаат дали сурфа дете од десет години или 40-годишен маж. Не оди така интернетот. Но, и ако државата реши да направи нешто како бланко забрана преку телеком операторите, и за тоа веќе има заобиколница која се вика ’випиен‘. Ако некој оди преку тоа, телеком операторот нема да знае каде вие ќе излезете преку него и што ќе сурфате“, вели Спировски.

Друга мерка која би можела да се воведе е селекција на содржините, но и тоа во пракса речиси е невозможно да се изведе. Меѓутоа, смета Спировски, компанијата сопственик на социјалната мрежа и да сака да соработува, не би го правела тоа сама зашто ќе троши многу пари и ресурси за блокирање на конкретни содржини.

„Она што најверојатно ќе го направи е ќе рече добро еве ви вас интерфејс на кој ќе кликате и забранувате што не ви се допаѓа за луѓето кои ние ќе ги идентификуваме дека доаѓаат откај вас. Тоа значи дека некој кај нас ќе треба да вработи луѓе кои ќе бидат одговорни да ги блокираат тие работи цело време, 24 часа на ден. Тоа е напорна работа, луѓето кои работат на такви задачи во Фејсбук, на пример, си заминуваат за помалку од еден месец“, посочува Спировски.

Но, и во вакво сценарио, како што наведува, се отвораат прашањето дали ќе биде ефикасно бидејќи и во овој случај може да се користи „випиен“ за некој да не биде лоциран дека е од таа држава.

„Едноставно доаѓаме до ситуација каде државите сакаат да го направат тоа, го пишуваат тоа во закони ама се надеваат дека некој друг ќе реши како тоа навистина да се направи или сите чекаат некаква идна технологија што некој треба да ја измисли, а што ќе овозможи некаква идентификација на корисниците“, додава тој.

Во таква ситуација, на пример, се најде Австралија. Таму пратениците во Долниот дом со големо мнозинство изгласаа забрана за социјални мрежи за лицата помали од 16 години. Предлог-законот се очекува да помине и во Сенатот кој е горниот дом на австралискиот парламент.

Меѓутоа, технолошките компании бараа да се почека со гласањето додека да се објават резултатите од направената студија за технологиите за верификација на возраста.

„Во отсуство на такви резултати, ниту индустријата ниту Австралијците нема да ја разберат природата или степенот на верификација на возраста што го бара законот, ниту влијанието на таквите мерки врз Австралијците“, реагираа од компанијата Мета, која управува со Фејсбук и Инстаграм, две од социјалните мрежи кои заедно со Тик-ток и Икс се меѓу оние кои ги опфаќа предлог-законот.

Родителите исплашени, училиштата претпазливи

Додека рестрикциите за социјалните мрежи, се наметнуваат како предизвик за властите, справувањето со актуелните опасни предизвици на Тик-ток предизвикува претпазливост и кај училиштата и кај родителите.

Едно од училиштата каде било забележано ширење на „Супермен“ меѓу децата е основното училиште „Гоце Делчев“ во Илинден, каде како што велат наставниците се претпазливи и им укажуваат на децата, а ги информирале и родителите.

„Кај нас препознавме дека децата виделе таква игра и се обиделе неколку пати да ја играат. Во текот на вчерашниот ден ние одржавме наставнички совет, разговаравме, запознаени се сите наставници дека тоа е опасна игра и не смее да се повторува. Дојдовме до заклучок да ги информираме прво родителите, секој одделенски наставник да ги информира своите родители од паралелката. Така да до тука правиме“, вели директорката Душанка Крстевска.

Сега за сега, додава таа, ситуацијата е под контрола, меѓутоа тоа се деца и никогаш не се знае што може да се случи.

„Ако може некако да се делува со некакво предавање, превентивно укажување или како и да е, ние секако прифаќаме“, вели Крстевска.

Свесни, но и исплашени се и родителите.

„Во училиште кај ќерка ми, меѓу шестоодделенците има дете кое скршило рака при предизвикот и навистина сум загрижена. Зборував со своето дете, ама мислам дека тука треба и од училиштето да се преземат поголеми безбедносни мерки, во тоа што прават децата додека не се на час. Не очекувам полицаец да им седи над глава, ама барем обезбедувањето и дежурен наставник да прошета по ходниците колку да ги искара може да биде доволно“, вели мајка на ученици во основно училиште во Карпош.

Дел од училиштата ги алармирале родителите кои велат дека разговор и поголема контрола врз децата е она што да го направат.

Еден од инцидентите од последниот предизвик „Супермен“ заврши и во полициските билтени. Во Министерството за внатрешни работи на 4 декември татко од Зелениково пријавил дека неговиот осумгодишен се здобил со тешка телесна повреда при игра со учениците.

Властите во Северна Македонија, по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија кога ученик уби девет врсници и еден чувар, во јавноста ја отворија темата за ограничувања во користењето на Тик-ток и други социјални мрежи. Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шаќири тогаш најавуваше и одржуваше состаноци со институции, како министерствата за информатичко општество и за внатрешни работи, Агенцијата за електронски комуникации итн. Меѓутоа, во јавноста не се излезе со официјални предлог-мерки за некакви ограничувања.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG