„Кога ја видов сликата, тоа беше шок - Брза помош, растрчани лекари, крв на главата, не нѐ препозна како родители. Состојбата му беше критична“, вели татко на ученик кој доби тешки телесни повреди од соученик во исто одделение, во инцидент во ноември во основно училиште во внатрешноста.
Кога му јавиле дека детето се повредило во училиште, помислил - спортист е, паднал при игра и скршил рака или нога.
Не било така. Ученикот неколку дена помина во клиничка болница и уште се лекува. Лекарите процениле дека ќе му бидат потребни шест до осум месеци додека да закрепне.
„Апелирам преку грбот на моето дете да се извлече поука за понатаму. Многу зачестија ваквите настани во училиштата, а општеството ги минимализира, почнувајќи од институциите, училиштата и родителите“, изјави родителот кој сакаше да остане анонимен, за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во меѓувреме ученикот не оди во училиште. Допрва ќе се проценува кога ќе може да се врати и како да ја надмине траумата.
Вкупно 155 пријави за меѓуврсничко насилство се пријавени во Министерството за внатрешни работи (МВР) од почетокот на 2024 година.
Половина од нив се случиле во Скопје, се податоците што ги добивме од МВР.
Минатата 2023 година завршила со вкупно 177 пријави.
Страв и кај децата и кај родителите
„Прво ми го скрши телефонот. Ми рече ако кажам на некој, полошо ќе биде. Потоа ми ја фрли јакната од прозорецот на втори кат. На сите од класот им зборува лошо за мене и поради тоа никој не сака да зборува и да седи до мене. Едвај чекам да дојде деветто одделение и да си одам од ова училиште“ - ова ` го рекла седмооделенка на мајката, по долги убедувања да каже зошто не се дружи со никој од училиште.
Но, ваквите случаи се меѓу „полесните“ вознемирувања.
Од Канцеларијата на Народниот правобранител издвоија впечатливи претставки за насилство што ги добиле од септември до сега, а се случиле во основни училишта. Ги поднеле и родители и училиштата.
Меѓу нив е случајот од октомври, кога ученици од прво и второ одделение од скопско училиште „Димитар поп Георгиев Беровски“ се обиделе со шише да напаствуваат соученик - прваче во дворот на училиштето. Едното дете го држело, а другото се обидувало „да му стави инекција“. Детето имало и физички повреди. Настанот го пријавил родителот, а не одговорните во училиштето.
По овој случај, наставникот во одделението беше суспендиран, против четири наставници беа најавени дисциплински постапки, а директорот на училиштето поднесе оставка.
Во друго скопско училиште, дете од седмо одделение две години вознемирувало соученик Ром, со зборовите: „педер“, „Циган“, „оди си во Шутка“, „моливот да го чепнеш ќе поцрни“. На екскурзија, го снимал со мобилен телефон, ја споделувал снимката со други ученици и го исмејувал, па ученикот со плачење се вратил од екскурзија. Се приклучил и друг соученик, вербалното насилство прераснало во физичко, го туркале по скали и го удирале со пластични шишиња. Родителите на ученикот цело време пријавувале во училиштето, но незадоволни од таму, помош побарале и кај Народен правобранител.
Пријава има и за ученик во деветто одделение кој две години бил жртва на малтретирање и понижување од соученик. Почнало со исмејување. Следно, насилниот ученик монтирал видео-клип во кој од машко го направил женско и го споделувал во вибер-групи со други ученици. Потоа пред цело одделение му ги соблекол панталоните и детето пред одделението останало во гаќи. Претходно имало и физички напад врз детето-жртва, споделија од канцеларијата на Народниот правобранител.
Случајот е пријавен во полиција.
Друг пример покажува дека и стручни лица во училиште, наместо да заштитат дете - жртва, постапиле обратно. Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека четири девојчиња во трето одделение од ООУ „Александар Македонски“ во општина Аеродром принудувале соученик со забавен моторички развој да бакнува веце-шолја. Според Комисијата, наставничката и училишниот психолог знаеле за случајот, но не реагирале - рекле дека детето е проблематично и го изложиле на дополнителен срам и потсмев.
Комисијата утврдила дека одделенската наставничка и училишниот педагог го вознемирувале ученикот и им наложи да се воздржат од дејства кои дискриминираат или вознемируваат кој било ученик - во спротивно, им најави прекршочна постапка пред суд.
Закони и упатства има, но синџирот затајува
Во март 2023 година, Министерството за образование и наука (МОН) ја објави електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk на која може да се пријави насилство во училиштата.
На оваа адреса од почетокот на учебната 2024-2025 година има 15 пријави. Најчесто се од родители на ученици кои биле малтретирани и ги има и за деца од пониските одделенија.
„При секоја пријава, Педагошката служба во МОН постапува согласно законските процедури, дискутира со службите во училиштето и дава насоки за понатамошно делување. По потреба, на разговор се повикуваат и родителите на учениците со цел да се добие попрецизна претстава и правилно да се постапи“, велат од МОН.
Но, родители сведочат дека системот затајува затоа што училишта ги буткаат проблемите „под тепих“. Такво искуство имала скопјанката Виолета Б., кога пријавила дека соученик секој ден ја навредувал нејзината ќерка од осмо одделение со „кучка“, “грдосија“, „шугава“, но и со вулгарни зборови.
„Педагогот го викнала проблематичниот ученик, разговарала со него и толку. Неговите родители не верувале дека нивниот син така би се однесувал. Што може наставничката да направи? Не е лесно да се истера пријава за насилство низ процедурите. Потребни се многу труд, време и поддршка. Недозволиво е по секоја цена да се толерираат проблематични и насилни деца во училиштата и за тоа да молчиме,“ вели Виолета за РСЕ.
МОН во 2020 година објави Упатство за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување. Секое училиште има и интерен акт за заштита од насилство. Предвидени се педагошки мерки, советувања, работилници...По потреба, можат да се вклучат и социјални служби, МВР, Педагошката служба и други институции.
Но, клучно е да соработуваат и родителите на деца кои се однесуваат насилно. Ако кај нив има отпор, често и службите го игнорираат проблемот и многу од мерките напишани на хартија не ни можат да се спроведат.
Деспина Стојановска, психолог и системски семеен психотерапевт вели дека кога состојбата е алармантна, се покренуваат повеќе системи на нозе - семејниот, образовниот, за труд и социјална политика и за внатрешни работи, за во еден заеднички врзан синџир да можат да помогнат.
„Однесувањето на децата е резултат на затајување на синџирот. Дете кое е среќно, задоволно, има самодоверба, нема потреба да прави врсничко насилство. Во спротивно, корените ги бараме дома. Ако се појави непосакувано однесување во училиште, и училиштето затајува ако не преземе нешто. Но, ако родителите и училиштето индивидуално преземаат мерки, пак нема да има резултат. Затоа велам дека тоа е врзан систем во кој секој мора да има соработка со секого“, вели Стојановска за РСЕ.
Бојкот во две училишта
Проблем се појавува особено ако за дете со насилно однесување има препорака од стручни служби да се премести во друго училиште. Поради таков случај денеска, 5 декември, нема настава во две скопски училишта - ООУ „11 Октомври“ во општина Центар и ООУ „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром.
Родителите и наставниците и во двете училишта ја бојкотираат наставата - едните не дозволија кај нив да се премести ученик со историја на насилно однесување, а другите не дозволуваат да продолжи да учи во неговото досегашно училиште.
Министерката за образование Весна Јаневска повика на разум и рече дека ако училиштата, стручните служби, општините не најдат решение, проблемот ќе го решава МОН.
Според неа, случајот доби преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем.
Основното образование е задолжително во Северна Македонија.
„Системот на државата е должен да му овозможи на било кое дете да поминува низ образовен процес. Училиштето од каде што потекнува детето, на располагање има психолог, педагог и директор и цел систем за да го реши проблемот. Ист таков систем има и училиштето во кое што оди сега детето. Тоа не смее да остане на улица“, изјави Јаневска.
Огромна група деца гледа насилство - што со нив?
Според психологот Стојановска, распространетоста на насилство во училиштата е резултат на изгубени семејни вредности - разговори, блискост на родителите со децата, контакт во кој детето ќе може да каже што му се случува. Од друга страна, борбата за моќ е присутна се повеќе кај родителите и тоа се пресликува и на децата, вели таа.
Во таква ситуација, последици трпат и жртвите и сторителите на насилство. Кај едните се појавува анксиозност, повлекување, намален успех во училиште, а кај вторите судир со законот, отфрлање од средината, злоупотреба на психотропни супстанци.
„Но, има и една огромна група деца кои се сведоци на тоа насилно однесување. Тие од страв да не бидат утре жртва, ќе влезат во друга улога - ќе покажуваат сила и моќ, ќе малтретираат други за да се заштитат себе оти гледаат дека така се функционира. Така се шири насилството. Ним треба да им кажуваме дека тоа не е во ред, дека така не се однесуваме едни со други“, вели психологот Стојановска.
МОН ја отвори електронската адреса за пријавување врсничко насилство минатата 2023 година, откако во соседна Србија ученик пукаше и уби соученици и чувар во школо во Белград.