Достапни линкови

Како ќе изгледа светот во 2025 година?


илустрација
илустрација

Минатата година, предизвикавме 10 новинари од повеќе редакции на Радио Слободна Европа да погледнат во иднината и да предвидат што може да донесе годината што ни претстои. Тие ги споделија своите сознанија за тоа што може да се случува во 2025 година.

Од нивните предвидувања произлегуваат неколку теми кои ќе се повторуваат:

  • Војната во Украина стана глобален конфликт, генерално спротивставувајќи го Западот со блокот на држави кои го предизвикуваат актуелниот светски поредок.
  • Популистичките движења и авторитарните лидери ќе јакнат на глобално ниво, вршејќи притисок врз демократијата и демократските институции.
  • Многу работи ќе зависат од Доналд Трамп. Враќањето на новоизбраниот претседател во Белата куќа во јануари 2025 година веќе ја преобликува меѓународната динамика - од трансатлантската трговија до политиката на Балканот.

Украина

Од Виталиј Портников

На крајот на 2023 година, тврдев дека дури и ако едната страна постигне воена победа во Украина во 2024 година, тоа не мора да нè приближи до политичка резолуција.

Ова беше точно и тогаш и сега, најмногу затоа што нападот на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина е дел од една пошироката агенда, односно од обид да се врати, ако не самата советска империја, тогаш барем нејзината сфера на влијание.

Она што би можело да ја притисне војната во Украина поблиску до резолуција е претстојната промена на власта во Белата куќа. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, продолжува да ја потврдува својата подготвеност да посредува во мировниот договор меѓу Русија и Украина.

Меѓутоа, прашањето е дали намерите и решителноста на Трамп ќе бидат доволни. На крајот на краиштата, промената ќе бара не само посветеност на идниот претседател на САД за ставање на крај на војната, туку и договор во Киев и Москва за прекин на непријателствата.

Ако Владимир Путин се согласи да стави крај на конфликтот и покрај континуираните руски офанзиви на бојното поле и немилосрдните удари врз енергетската инфраструктура на Украина, тоа најверојатно ќе зависи од два клучни фактори.

Првиот е признавањето од рускиот претседател дека економската ситуација на неговата земја не може да издржи долготрајна војна.

Втората е подготвеноста на Путин да се префрли од воениот притисок врз Украина на политичкото влијание и дестабилизација.

Под таков мир, иднината на Украина ќе зависи од безбедносните гаранции обезбедени од нејзините западни партнери и отпорноста на украинското општество да се спротистави на руските обиди за дестабилизација - на пример дезинформациите за време на идните претседателски избори.

Меѓутоа, ако Путин заклучи дека има доволно ресурси да ја продолжи војната, непријателствата ќе продолжат и во 2025 година, па дури и понатаму.

Иран: Предизвикувачка година

Од Хана Кавијани

По ненадејната смрт на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа во мај, поумерениот политичар, Масуд Пезешкијан, беше избран за претседател.

Некои Иранци сметаа дека изборот на Пезешкијан е потенцијален знак дека свештеничките владетели во земјата би можеле да го омекнат својот тврдокорен пристап. Сепак, Пезешкијан допрва треба да ги исполни ветувањата за олеснување на ограничувањата на иранскиот живот.

Ќе има многу работи со кои ќе треба да се справува Пезешкијан: падот на вредноста на валутата, еколошки кризи, стареење на населението и влошување на ситуацијата со одливот на мозоци. Зголемувањето на цените на горивото, кои се од клучно значење за решавање на буџетските дефицити, ризикуваат да предизвикаат протести како оние во 2019 година, кои оставија стотици мртви.

На меѓународен план, Иран може да се соочи со поголеми потешкотии. Со оглед на тоа што сојузниците на Техеран - Хезболах во Либан, Хамас во Појасот Газа и собореното сириско раководство, се соочуваат со значителни неуспеси во 2024 година, а Израел започна напади врз Иран во текот на истата година, иранските политичари, за прв пат по некое време, отворено дискутират за прашањето за развој на нуклеарно оружје како крајна пречка.

Односите на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се во несигурна состојба. Како резултат на тоа, европските сили двапати го критикуваа Техеран во 2024 година и ако западните грижи не се надминат, тогаш процесот на повторно воведување санкции на ОН врз Иран би можел да започне во пролетта 2025 година.

Меѓународниот притисок врз Иран веројатно ќе се зголеми само со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари 2025 година.

ЕУ: Популизмот во „тврдината Европа“

Од Рикард Јозвијак

Идејата за „тврдина Европа“ владееше во 2024 година, при што земјите-членки се сè построги кон миграцијата и бараат креативни начини да го пренасочат ова прашање кон трети земји. (Италија, на пример, направи центри за мигранти во Албанија.)

Но, иако имаше придобивки за екстремно десничарските и популистичките партии на националните избори и изборите за Европскиот парламент во 2024 година, центарот сè уште се одржа, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го освои својот посакуван втор мандат.

Во 2025 година ќе биде речиси исто. Популистичките партии ќе продолжат да ги обликуваат политиките во земјите-членки на ЕУ.

Во Чешка, Андреј Бабиш, популистички милијардер и поранешен премиер, најверојатно ќе се врати на власт на есен, формирајќи уреден евроскептичен триаголник со унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо.

Во Франција, популистичката левица и десница ќе продолжат да му предизвикуваат главоболки на претседателот Емануел Макрон по неговото неуспешно коцкање на парламентарните избори летово. Новите избори најверојатно ќе се одржат во летото 2025 година и Макрон би можел да претрпи уште поголем пораз, при што мнозинството ќе го обезбедат или тврдолевите или тврдодесните.

Германија, исто така, оди на избори, со парламентарни избори во февруари 2025 година. И додека екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија би требало да го добие својот најдобар резултат досега (потенцијално 20 отсто од гласовите) можете да очекувате голема коалиција на центарот - левите социјалдемократи и централно-десничарските демохристијани, а Фридрих Мерц, би требало да стане канцелар.

Доналд Трамп ќе ја обликува европската политика исто како и секој Европеец во текот на годината што следи. Новоизбраниот претседател на САД би можел да ги натера своите европски сојузници да трошат повеќе за одбраната на самитот на НАТО во Холандија во јуни.

И трансатлантските трговски кавги се исто така можни следната година, особено ако Брисел удри по Илон Маск, технолошкиот тајкун и клучниот сојузник на Трамп, и неговата платформа за социјални медиуми X со казни од милијарди евра за непочитување на правилата на социјалните мрежи во блокот.

Белорусија: Лукашенко се плаши да остане сам

Од Валер Карбалевич

Во 2024 година, авторитарниот режим на Александар Лукашенко ја продолжи својата брза еволуција во тоталитарна држава. Политичката репресија дополнително се засили, и беше легитимирана со две изборни кампањи кои само привидно личеа на демократски избори.

На почетокот на годината беа избрани марионетски парламент и локални совети. До крајот на годината, започна претседателската кампања, која требаше да заврши во јануари 2025 година.

Сојузот меѓу Белорусија и Русија се продлабочи, особено во воената сфера, каде Лукашенко се обидува да ја зајакне стратешката позиција на Белорусија со модерно руско оружје. Кулминација на овој процес беше одлуката, објавена во декември, за распоредување на напредниот руски ракетен систем Орешник во Белорусија во втората половина на 2025 година.

Главниот предизвик за режимот на Лукашенко во 2025 година ќе биде навигација во новата геополитичка реалност обликувана од потенцијалните мировни преговори за Украина.

Минск стравува дека неговите интереси ќе бидат занемарени во изградбата на нова безбедносна архитектура за Источна и Централна Европа, која би можела да произлезе од овие преговори.

Ова е причината зошто тој ги предложи претседателските избори за шест години. Неговата цел е да обезбеди обновен легитимитет како потпора за учество во такви преговори.

Меѓутоа, ако конфликтот во Украина остане замрзнат, Белорусија исто така може да остане изолирана со години. Режимот на Лукашенко ќе се консолидира и ќе зајакне додека сите аспекти на белорускиот живот - од економијата до културата полека ќе се деградираат.

Србија: Светот на Вучиќ

Од Милош Теодоровиќ

Односите меѓу Косово и Србија остануваат на историско најниско ниво, барем од почетокот на преговорите со посредство на ЕУ во 2011 година. Напорите за нормализирање на односите се заглавени и сè уште оштетени со повлекувањето на српските претставници од државните институции на Косово во 2022 година, насилните судири во северно Косово следната година и убиството на косовскиот полицаец во септември 2023 година.

И покрај ќорсокакот, Србија го задржа своето балансирано однесување во надворешната политика: на пример, одбива да ја санкционира Русија додека во исто време го поддржува територијалниот интегритет на Украина. Белград, исто така, ги продлабочи врските со Пекинг.

Во регионалната политика, Вучиќ останува клучен играч и е особено влијателен во Босна и Херцеговина. Познато е дека тој владее над прорускиот популистички водач Милорад Додик од Република Српска, еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина.

Вучиќ редовно се позиционира пред ЕУ и САД како умерена сила способна да ги ублажи дестабилизирачките тенденции на балканските екстремисти. Сепак, неговиот двосмислен став често ги остава набљудувачите да се прашуваат дали тој придонесува за стабилноста, нестабилноста или и двете.

Во однос на напредокот во пристапувањето во ЕУ, Србија всушност заостанува зад Црна Гора, откако Подгорица постигна брз напредок во последната година. Некои дипломати на ЕУ дури рекоа дека Црна Гора потенцијално би можела да се приклучи на блокот оваа деценија.

Но, токму промената во Белата куќа е тоа на што сега се фиксирани дипломатите на Балканот. Вучиќ, на пример, секако е надежен. Тој и неговите сојузници изразија оптимизам за враќањето на Доналд Трамп како претседател, надевајќи се на промена на американската политика во „попријателски настроен пристап кон Србија“.

Кавказ: Мирот во Карабах во застој, Грузија експлодира

Од Џошуа Кучера

Пред една година изгледаше како да е на повидок мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан. Азербејџан штотуку ја врати контролата врз Нагорно-Карабах, територијата во срцето на конфликтот меѓу двете страни. Двете страни зборуваа дека се речиси подготвени да потпишат договор, при што се договорија повеќето основни прашања.

И сега, и ние сме повеќе или помалку на истото место, кога Ерменија и Азербејџан сè уште дебатираат за „пофините“ точки од мировниот договор, а понекогаш се чини дека Азербејџан всушност воопшто не сака договор.

Во меѓувреме, вниманието на Кавказ се префрли на Грузија. Нејзините парламентарни избори во октомври требаше да бидат клучни, но кризата што се појави е поопасна отколку што некој можеше да очекува.

Опозицијата и демонстрантите одбија да ги прифатат резултатите од изборите за кои велат дека биле нелегитимни. Репресијата на владата е најтешката во постсоветската историја на Грузија. Претседателката Саломе Зурабишвили, чиј мандат завршува на 29 декември, одбива да се повлече. Во меѓувреме, односите со САД и европските сили, традиционалните главни партнери на Грузија, постојано се влошуваат.

Во моментот на пишување, ниту власта, ниту опозицијата и демонстрантите не покажуваат волја за компромис. Да се прават какви било предвидувања сега би било надвор од памет. Освен што една година од сега, политиката на Грузија ќе изгледа многу поинаку од сега.

Грузиски новинари претепани од маскирани лица на тековните протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Авганистан: мрачна борба за правата на жените

Од Малали Башир

2024 година беше уште една очајна година за правата на жените во Авганистан, која кулминираше во декември кога Талибанците ги проширија ограничувањата во образованието за жените и им забранија на приватните институции да ги учат жените да бидат акушерки, медицински сестри или да работат во лабораторија.

Најновите ограничувања се надоврзуваат на мерките од последниве години кои ги држат авганистанските девојчиња надвор од средните училишта и универзитетското образование.

„Ова не значи само уништување на соништата на оние девојки кои сакаа да учат и да придонесуваат за нивните заедници“, рече Хедер Бар, помошник директор на одделот за правата на жените во Њујоршката организација „Хјуман рајтс воч“.

„Тоа исто така значи дека ова ќе предизвика смрт кај жените кои нема да можат да имаат пристап до медицинска нега“, вели таа.

Во текот на изминатата година, исто така, се изгради невиден светски правен моментум против овие ограничувања.

Шукрија Баракзаи, поранешна авганистанска амбасадорка во Норвешка, го истакна напредокот во 2024 година, посочувајќи на меѓународните напори да се побара одговорност од Талибанците.

Голем пробив следуваше во ноември 2024 година, кога клучниот комитет на Генералното собрание на ОН ги одобри преговорите за првиот договор во историјата, насочен кон злосторствата против човештвото. Овој развој потенцијално би можел да го реши родовиот апартхејд според меѓународното право, клучен чекор за кој долго време се залагаа авганистанските активисти за женски права.

Гледајќи напред кон 2025 година, Баракзаи гледа причина за оптимизам.

„2025 година може да стане година на правдата за Авганистанците, особено за авганистанските жени, бидејќи земјите почнуваат да се мобилизираат против она што се случува внатре во Авганистан“, рече таа.

Сепак, Бар нагласува дека значајните промени бараат постојан меѓународен притисок и застапување.

Централна Азија: Пораст на авторитаризмот

Од Крис Риклтон

Условите изгледаа зрели за ренесанса на руската моќ во Централна Азија во 2024 година и така и се покажа - иако Москва немаше сè.

Државните енергетски компании на Кремљ, Гаспром и Росатом, уживаат во Узбекистан, при што извозот на руски гас приближно тројно се зголеми, а Москва и Ташкент конечно потпишаа договор за мала нуклеарна постројка.

По референдумот за нуклеарна енергија во октомври 2024 година, Казахстан, исто така, треба да изгради поголема нуклеарна централа, и би било шок, ако Росатом не биде некако вклучен.

Во исто време, и Узбекистан и Казахстан се спротивставија на притисокот да се приклучат на блоковите важни за престижот на Москва, додека препукувањата околу рускиот јазик и руското колонијално наследство во регионот не им носат никаква корист на изгледите за мека моќ на Кремљ.

Кина, пак, ќе продолжи да стекнува пријатели во Централна Азија во годината што претстои преку тивка дипломатија и инвестиции од повеќе милијарди долари, особено во новите транспортни и обновливи енергетски сектори во регионот.

Регионот како целина исто така ќе стане уште поавторитарен. Во Таџикистан и Туркменистан тоа би изгледало речиси невозможно, но очекувајте и двете страни да направат напор.

Во меѓувреме, во Казахстан, Киргистан и Узбекистан, на новинарите и на критичарите на режимот постојано им снемува сила благодарение на рестриктивните нови закони, застрашувачките затворски казни и очигледно споделеното чувство на овие влади дека постепеното укинување на слободите е најдоброто решение.

Завршни забелешки: Глобалната војна

Од Сергеј Медведев

Војната во Украина достигна вистински светски размери. И покрај тоа што се одвива во Украина, вклучува десетици земји, што пак влијае на населението дури и во Африка, Јужна Америка и Источна Азија.

Тоа го предизвика најголемото глобално воено засилување од екот на Студената војна, предизвикувајќи го кредибилитетот на меѓународните институции: од НАТО и Европската Унија до ОН и Меѓународниот кривичен суд.

Од една страна, постои западната алијанса предводена од САД и НАТО кои ја поддржуваат Украина.

Од друга страна, се појавува блок на незападни држави кои го предизвикуваат сегашниот светски поредок.

Кина ја предводи оваа неформална група, со Русија како помал партнер, а ја поддржуваат и такви како Иран и Северна Кореја. Овие држави претставуваат алтернатива на глобализацијата, со нивните нови механизми за заобиколување на западните санкции, новите финансиски системи базирани на криптовалути и нивните сопствени меѓународни институции како што се БРИКС и Шангајската организација за соработка.

Борбените линии се во Украина, но војната се одвива насекаде: Русија се меша во изборите ширум светот (со Романија можеби најсвеж пример) и се смета дека спроведува чинови на саботажа во многу западни земји.

Во меѓувреме, Блискиот Исток повторно е зафатен од војна. Венецуела има територијални претензии против својот сосед Гвајана, а Кина внимателно го следи конфликтот во Украина, бидејќи размислува за сопствената операција против Тајван.

Во 2025 година, таа глобална војна ќе земе замав и веројатно ќе се прошири без оглед на ситуацијата на теренот во Украина. Дури и евентуалниот прекин на огнот веројатно нема да ги спречи глобалните превирања, а не пак руската експанзионистичка аспирација или желбата на Кремљ да ја елиминира украинската државност и да ги предизвика НАТО и САД.

Војната во Украина предизвика лавина. Елитите на антиглобализацијата -од исламистите до реваншистите, „намирисуваат крв“ и ќе има нови конфликти на неочекувани места низ светот.

Во оваа смисла, Путин успеа во својот долгорочен план да го претвори овој конфликт во глобален и да го предизвика светскиот поредок.

Правејќи аналогија со Втората светска војна, сега сме некаде во 1938 година, со глобален предизвикувач, неопределен Запад, а се наѕира и нов Минхенски договор. Човек може само да се надева дека ќе живее за да ја види новата 1945 година.

XS
SM
MD
LG