Достапни линкови

Падот на рубљата и „колебливата“ руска економија


илустрација
илустрација

Кога сте руски пензионер кој живее со ограничен приход, доволно е лошо да се борите со вртоглавите цени на основните производи како јајца, компири или путер. Додајте го на тој список на грижи и падот на рубљата чие ниско ниво не е забележано со години назад.

„Ги гледам овие цени, а очите ми се шират“, рече еден пензиониран професор по историја кој живее во Санкт Петербург и се обидува да издржи со месечна пензија од 19100 рубљи (187 долари).

„Што се случува? Цените растат за апсолутно сè“, вели пензионерот.

„Учтиви зборови не ми помагаат, се разбира“, изјави 72-годишна жена за рускиот сервис на Радио Слободна Европа. Таа побара нејзиното име да не се открива за да избегне полициско малтретирање.

„Морам да се пошегувам околу тоа за да го „оладам“ мојот гнев“, додаде таа.

Речиси три години по сеопфатната инвазија на Кремљ на Украина, руската економија ги спротивстави очекувањата и експертите кои предвидуваа дека ќе биде осакатена со опсежните западни санкции наметнати како одговор на воената агресија на Москва.

Поттикнати од поплавата на владини трошоци кои и даваат приоритет на војната пред сè друго, се очекува бруто домашниот производ да достигне раст од 3,6 отсто оваа година, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Но, страшното темпо на трошење ја прегрева економијата. Борејќи се со инфлацијата која се движи над 8 проценти, Централната банка веќе ги зголеми стапките и би можела уште повеќе да ги зголеми во наредните недели.

Тоа за возврат ги зголеми станбените хипотеки, а да не ги спомнуваме деловните заеми, предизвикувајќи поплаки од бизнисмените.

Сега следува уште еден симптом на сè понездрава економија: падот на руската валута, достигнувајќи нивоа невидени од март 2022 година, односно неколку недели откако Москва ја започна својата инвазија на Украина.

На 5 декември, рубљата беше 103 во однос на американскиот долар. Таа беше 85 во септември, а достигна ниво од 113 во последните денови од ноември.

„Правилата на играта ќе бидат променети“

Која е главната, иако не само една, причина за падот?

Новиот сет на санкции што САД ги објавија на 21 ноември, насочени кон десетици руски банки, вклучувајќи ја и најголемата банка за да избегнат санкции до денес. Државната Гаспромбанк го избегна тој „куршум“ главно поради нејзината улога како канал за трансакции поврзани со извозот на нафта и гас.

Вашингтон претходно стравуваше дека нејзиното санкционирање ќе ги наруши светските пазари на нафта и ќе доведе до вртоглаво покачување на цените на нафтата.

„Русите поединци, банки и бизниси, брзаа да вршат трансакции пред 20 декември, кога ќе стапат на сила ограничувањата и тоа го преплави пазарот со рубљи“, рече Сергеј Алексашенко, поранешен висок функционер во Централната банка.

„Ми се чини дека остриот скок на рубљата (или доларот) се објаснува со фактот дека правилата на играта ќе се променат и никој не знае какви ќе бидат новите правила“, изјави тој за рускиот сервис на РСЕ.

Официјални лица, вклучително и претседателот Владимир Путин, се обидоа да ги смират нервозите кај просечните потрошувачи и кај деловните лидери.

„Како што често се случува во такви ситуации, во моментов има прекумерна емоционална компонента на валутниот пазар. Искуството покажува дека, по период на зголемена нестабилност, стапката секогаш се стабилизира“, рече министерот за економски развој Максим Решетников за новинарите на 27 ноември.

Економските вкрстени „ветрови“ им предизвикуваат главоболки на креаторите на политиките, и на големите и на малите.

Обичните Руси - особено оние во посиромашните региони далеку од урбаните центри како Санкт Петербург имаат корист од „поројот“ на готовина во државните трошоци. Вртоглаво високите плати што им се исплаќаат на мажите кои волонтираат да се борат во Украина, да не зборуваме за бонусите и бенефициите што им се исплаќаат на воените вдовици, ги поттикнаа потрошувачите да трошат - па дури и да се расфрлаат.

Зголемена инфлација, раст со пречки

Високите воени плати, сепак, ги принудија цивилните фабрики, особено воените индустриски претпријатија, да ги зголемат платите за да се натпреваруваат и да ги пополнат слободните работни места. Самиот Путин јавно се пожали дека недостигот на работна сила е проблем.

Зголемените плати ја поттикнаа инфлацијата, зголемувајќи ги трошоците за секојдневните производи како на пример путер, компири и јајца. Неколку региони пријавија кражби на путер и други млечни производи, бидејќи нивните цени се зголемуваат. Некои трговци почнаа да ги ставаат млечните производи под клуч за да спречат кражба.

Стапките на станбените хипотеки исто така растат со зголемувањето на каматите на Централната банка, што пак ја задуши продажбата на домови и станови во се поголем број региони.

Падот на рубљата, пак, ќе ги поскапи увозните стоки - во време кога руските потрошувачи ги зголемуваат трошоците за новогодишните и божиќни празници.

Падот на рубљата ги притиска и работниците мигранти, од кои многумина потекнуваат од Централна Азија и испраќаат голем дел од нивните руски плати дома за да ги издржуваат семејствата. Тековниот пад значи помалку пари за испраќање.

„Ако треба да живеете во Русија, тогаш нема разлика. Но, ако треба да работите овде и да испраќате пари назад во Киргистан или Узбекистан, тогаш нема смисла да работите овде. Подобро само да си одам дома“, изјави за РСЕ еден Узбекистанец кој работи како таксист.

Малкумина експерти предвидуваат целосен економски колапс во скоро време. Поверојатно е дека трепкачките предупредувачки светла укажуваат на ладење, што е она што директорката на Централната банка Елвира Набиулина рече дека е целта на неодамнешните зголемувања на каматните стапки.

ММФ предвидува дека економијата следната година ќе забави на околу 1,3 отсто раст.

„Економскиот раст мора да се забави. Но, забавувањето на растот не е знак за економски колапс. Русија може да го одржи тековното ниво на потрошувачка на домаќинствата и војување со актуелното ниво на економска активност“, изјави за РСЕ Лаура Соланко, експерт за руска економија во Институтот за економии во транзиција на финската банка.

Александар Колијандр, истражувач од Центарот за анализа на европската политика, во авторски текст минатиот месец напиша: „станува премногу јасно дека нема добри лекови за лошата состојба на руската економија, освен завршувањето на војната - мајка на проблемите на Русија“.

XS
SM
MD
LG