Достапни линкови

 
Божиновска: МЕПСО ќе биде под Министерството, ЕСМ останува под Влада

Божиновска: МЕПСО ќе биде под Министерството, ЕСМ останува под Влада


Божиновска: Немам никакви долгови кон никого
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:53 0:00

Божиновска: Немам никакви долгови кон никого

Не може под исто министерство да биде производството на струја и дистрибуцијата, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во интервју за РСЕ. Божиновска зборува и за тендерите за РЕК, но и дека таму има поголем криминал од оној што е опфатен со аферата адитив.

Министерке, Северна Македонија е земја која непрекинато е увозно зависна од струја. Со оглед на тоа дека државата доби Министерство за енергетика со кое раководите вие – има ли и план како тоа да се надмине?

Конечно Македонија доби Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и тоа е голем предизвик и енергетиката не е нешто што е краткорочно.

Наследивме големи проблеми во сите енергетски сектори и моментално работиме на изработка на Законот за енергетика и секако тука сме во зимскиот период. Значи најмногу фокусот е на обезбедување на електрична енергија за граѓаните. Правиме стратегии, краткорочни и долгорочни. Краткорочните се фокусирани на рударскиот комбинат РЕК Битола и снабдување на јаглен и ангажирање на сите енергетски капацитети.

Додека долгорочните е правање на нови капацитети. Крајот на минатата година потпишавме скоро 100 мегавати за изградба на зелена енергија и се надеваме дека ќе продолжи ова и понатаму.

Во изменатите години има голема експанзија на изградба на фотоволтаични централи, до сега се поднесени според некои информации кои што беа објавени во јавност околу 8.000 мегавати, што е, речиси, три пати повеќе од оно што мрежата може да го поднесе. Кој е решението за овој проблем?

Се согласувам со вас, меѓутоа не се 8.000 туку 9.500 мегавати. Затоа ова ќе се регулира со новиот Закон за енергетика. Тука ќе воведеме ред и секако со МЕПСО работиме на ова. Се работи на изработка на мастер грид на нашата мрежа, точно е дека ќе има над 1.000 мегавати до крајот на годината обновливи извори. Ние сме секако во согласност со нашите европски партнери за зелена транзиција. И мора да овозможиме нашата мрежа да може да ги прими додатно овие капацитети.

За сето ова е потребно време, меѓутоа и финансиски средства. Работиме со финансиските институции да се прошири нашата мрежа. Минатата година потпишовме со ЕБРД еден проект от 36,5 милиони евра, меѓутоа и понатаму ке работиме за да можеме да ги примеме сите овие мегавати и ке направиме ревизија на овие издадени 9.500 мегавати, кои се реални и што понатаку.

Ревизија во однос на што?

На издадените постапки.

ЕСМ го раскина договорот за Марковски компани, компанија која е под истрага за сомнителни тендери во РЕК Битола. Па склучи договор во четири очи со охридската компанија „Топлина“ која е подизведувач на Марковски во тендерите. ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција силно го критикуваше овој начин на склучување договори, а од позиција на власт продолжува истата пракса. Зошто и дали таа ќе прекине?

Најпрво не се согласувам дека тоа е пракса, само да напоменам, договорот беше раскинат со тој економскиот оператор. За да се направи нов тендер, потребен е долг временски период, Така како што сме во зимскиот период, каде што е многу критично снабдувањето со електрична енергија, беа повикани сите пет подизведувачи кои биле вклучени во предходниот процес, што значи не е договорено само со еден економски оператор. На крајот понудиле само две од економскиот оператор и е одобрано со тоа што има 15% поефтина цена имаме добиено.

Јас се залагам за транспарентност и се залагам за наоѓање на некое системско решение каде што не би се довеле во ситуација да имаме преговори во четири очи. Веќе е распишан тендерот, што значи дека ова е само за да може да ја пребродиме зимата и овој временски период кога го раскинавме договорот со економски оператор, додека трае другиот тендер.

Републичкиот обвинител неодамна на изјави дека има шест предистраги во однос на финансиското работење на РЕК Битола, веќе имаме една јавна позната истрага под името „Адитив“, во кој што се вклучени поранешни директори на РЕК Битола и Осломеј. Дали вие како министерка имате увид какво било работењето во изминатите години?

Јас, со доаѓање на функцијата министер, минатата година разговарав со Државниот ревизор. Побарав оваа година да бидат вклучени сите енергетски објекти во ревизија. Зборувавме за што се случувало во МЕПСО, РЕК Битола, имам сознание дека, на пример, околу 400 милиони евра се потрошени за набавка на електрична енергија.

За адитивот исто знаев и го поздравувам, иако е 6,5 милиони евра. Меѓутоа, добро е што се почна од некаде. Се надавам дека ова нема да биде само еден случај, од медиумите разбрав за овие останати шест. Ја поздравувам нивната работа и се надевам дека ќе има судска разрешница за сите овие неправилности.

Сметате дека има многу поголем криминал од овие шест милиони евра?

Да, сметам.

Неодамна бевте во посета на РЕК Битола, во каква состојба е комбинатот?

Бев неколку пати е во посета на РЕК Битола и ќе се трудам еднаш месечно минимум да одам и да ја видам ситуацијата на теренот. Оно што го видов, можам да кажам дека е катастрофална ситуација, недомаќинско работење, не е водено грижа ниту за блоковите, не е направен никаков ремонт, неквалитетниот јаглен има доведено до многу оштетувања. Меѓутоа, сега сме во зимскиот период и ние направивме, значи со раководството на РЕК, со натчовечки напори беше изготвен во соработка со Рударскиот институт од Штип - рударски проект, значи за до крајот на зимата. А за оваа година ке се работи на зајакнување и нормализирање на блоковите и ке има сериозен ремонт од 1-ви април па натаму.

Морам да ве прашам за одредена информација - дали МЕПСО во некој нареден период во тековната година треба да дојде под капата на Министерството за енергетика?

Работиме на новиот Закон за енергетика и со новиот Закон за енергетика МЕПСО ќе дојде под капата на Министерството, што мислам дека е природно и нормално. Со тоа што мора да внимаваме дека АД ЕСМ ќе остане под Владата, МЕПСО ќе биде под Министерството за енергетика.

Зошто ЕСМ би останало под Влада?

Бидејќи не може да се под исто министерство и производство и дистрибуција. Значи тоа е согласно Европските регулативи.

Во 2025 година, Северна Македонија ќе биде домакин на Глобалниот форум за енергетска иднина. Што тоа би значило за државата?

Минатата година бев во Женева во Обединитите нации и таму имав разговори на исклучиво високо ниво со претставници и еднаш годишно, под покровителство на УНДП се организира енергетски форум. Минатата година, тоа беше во Банкок, разговарав со представниците и се понудив, бидејќи имаме ново основано Министерство за енергетика, се понудив ние да бидеме домакин со сериозно лобирање. На крајот на годината ни беше доделено Скопје да биде домакин на овој значаен енергетски форум за следната година. Тоа значи дека 500-тини учесници на високи ниво можат да има и министри и сериозни извршни улоги од целиот свет ќе дојдат во Скопје. Датумот уште не сме го одредиле, меѓутоа ке биде во втората половина на година.

Тоа значи можеби и потенциални инвеститори во земјава?

Да, секако, ќе бидат приватниот сектор, ќе бидат различни влади, исто така од Обедените нации, од финансиските институции, тоа ке биде еден сериозен настан, тоа е светски настан.

Министерке, кој е ставот на актуелната влада во однос на отворањето на рудниците?

Ние секогаш ќе ги почитуваме ставовите и волјата на граѓаните, што значи дека како ке се изјаснат граѓаните, така ние ке постапуваме, со тоа што ке ги видиме секако и економските бенефиции.

Сега моментално изготвуваме Нов закон за рударство и за минерални суровини. Имав состанок со претставниците на околу 30 невладени организации, ги кажаа нивните барања и ние сме во комуникација, и секако дека со тој закон ќе биде регулирано се според европските регулативи.

Од една страна ги имаме граѓаните, кои што и протестираа одреден временски период против отворање на рудници. Меѓутоа, од друга страна ги имаме компаниите кои што најавуваа милионски тужби против државата. Колку арбитражни постапки во моментот се водат против Северна Македонија во однос на отворањето на рудници?

На ниво на влада, имаме тело за следење на арбитражни постапки, јас сум запознаена дека имаме една, таа е за Казандол и последните активности се од лани 2023 година месец декември. Од тогаш чекаме на некоја информациии и се уште немаме ништо. Значи, постои една за Казандол во енергетскиот сектор.

Колку пари се бараат како обештетување?

Мислам дека е околу 80 милиони евра, меѓутоа, можам да проверам точно со арбитражната тела на ниво на влада и да ја ви дадам точната бројка, се разбира, плус камати.

До каде е постапката за проектот за изградбата на интерконекторот, кој што треба да ги поврзе Северна Македонија и Грција?

Минатата година, во јули, дојдоа претставниците на Европската инвестициона банка и ЕБРД, ми соопштија дека процесот, кој траеше 9 месеци, беше поништен тендерот на наше големо разочарување, бидејќи мислевме дека ќе потпишеме договор за почнување на постапката. Ние секако се ангажиравме и во најбрз временски рок беше објавен нов тендер. Морам да кажам дека цената, оваа што беше постигната е околу 12 милиони евра поевтина од минатата најдобра понуда.

НОМАГАС ја заврши својата постапка, се е испратено во Европската инвестиционна банка. Очекуваме до крајот на месец јануари да се заврши, да се потпиша договорот и да почне со изградба на интерконекторот.

Како ја коментирате изјавата на поранешниот вицепремиер Фатмир Битики кој во интервју за Радио Слободна Европа каже дека Министерството за енергетика ќе биде партиски интерес во ВМРО-ДПМНЕ?

Јас ја немам лично слушнато таа изјава, секој може да коментира како сака. Но во разговор со бизнис заедницата, со стопанските комори, со енергетската заедница од Виена со претставниците од ЕУ сите го поздравија овој чекор дека ќе има ново министерство, а впрочем и во сите соседни држави и во државите на ЕУ има Министерство за енергетика. Тоа е многу битно бидејќи економскиот развој на една држава зависи од енергетскиот развој и капацитети.

Така да, јас не би коментирала нешто од минатата власт, каде што за седум години не беше изграден ниту еден капацитет и беа потрошени 400 милиони евра за набавка на електрична енергија.

Во февруари 2024 година, станавте дел од Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, негде кон крајот на изминатава година бевте сменети од таа позиција во највисокото партиско тело. Зошто бевте тргнати?

Јас и уште неколку членови на Извршниот комитет добивме нови задачи, односно да раководиме со стручните комисии. Конкретно јас ке ја водам Комисијата за енергетика во ВМРО. Јас сум член на Централниот комитет, а тоа според статусот е највисокиот орган на ВМРО меѓу двата конгреси.

Вие сте една од најбогатите министерки, барем според она што успеавме да го видиме во анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата. Цел живот имате работено во приватниот сектор, наеднаш доаѓате на позицијата министерка за енергетика. Зошто се одлучивте на тој чекор?

Јас повеќе пати одговорив нова прашање, анкетниот лист најтранспарентно го пополнив, секој може да види. Мислам дека некој што работел 20 години во странство и што бил успешен, не е некој проблем да може да се заработи. Мислам дека тезата е успешните луѓе кои се реализирани, имаат одлични биографии, би требало да се вклучат и да помогнат на Македонија. Што значи дека јас препорачувам на сите тие што се успешни и во странство и кај нас во државата да се вклучат во политиката, бидејќи тука е место каде што се одлучува и каде што може да се направат чекори за подобра иднина на сите во Македонија.

Сосема за крај, со оглед на тоа што сме медиум кој што ја отвори приказната. Дали вашата поранешна компанија која што ја имавте во Северна Македонија го подмири долгот кон МЕПСО?

Јас бев дел од таа компанија. Јас како Сања Божиновска немам никакви долгови кон никого и сум работела секогаш согласно законите на секоја држава каде што сум работела.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG