Достапни линкови

Страв им е да пријават дека децата им се натепани


Полиција (фотоархива)
Полиција (фотоархива)

Насилства и напади меѓу младите, секојдневно ги полнат полициските билтени. Дел од жртвите, велат дека страв им е и да пријават за да не им се одмаздат. Граѓаните, според анкетите, бараат зголемено присуство на полицијата што, пак, министерот Тошковски вели дека е едно од основните мота на МВР.

„Дајте ни пари“, бил првичниот контакт на група насилници со неколку млади скопјани во Градскиот парк во центарот на Скопје. Откако не добиле пари, ги нападнале и претепале. Нападнатите завршиле со отоци по телото, а некои од нив и со рани на главата.

„Исплашена сум за безбедноста на детето. Тоа се случи викенд навечер во парк, место кое во тој период е фреквентно. Еден час по пријавата кај полиција, таму беше претепано и друго дете што немало да се случи ако била испратена полиција на тоа место“, раскажува мајка на еден од нападнати, чиј идентитет и е познат на редакцијата на Радио Слободна Европа.

Таа вели дека не само што е исплашена за безбедноста на нејзиното дете кога се движи надвор, туку страв им е што пријавиле за насилниците да не ги дознаат имињата и презимињата и да им се одмаздат.

„Запрепастена сум и од третманот на децата од страна на полицајците, кој беше напаѓачки. Инсистираа на тоа дали нашите деца ги удриле насилниците зошто во таков случај тоа би било само тепачка. По сето тоа, единствениот коментар од децата беше дека ако досега размислувале дали да си заминат од државата или не, сега велат сигурно ќе си одиме оттука“, вели мајката.

Вакви случаи на напади и тепачки, каде учесниците се млади, ги има речиси секојдневно во дневните билтени на МВР. Само во последната недела, може да се пронајдат десетина.

Пред два дена, 19-годишник од Бардовци пријавил дека во Аеродром бил нападнат од две лица. Ден претходно, уште еден 19-годишник во полиција раскажал дека додека се движел по улица во Чаир од возило излегло едно лице и со пиштол пукало кон него неколку пати.

Од полицијата велат дека на дневна основа преземаат активности согласно Законот за полиција кои се однесуваат на заштитата на животот, сигурноста и имотот на граѓаните, спречување на кривични дела и прекршоци, одржување на јавниот ред и мир итн.

Конкретно во Скопје, детектирани се неколку „критични точки“.

„Како критични места каде се вршат кривични дела и прекршоци во однос на врсничко насилство, може да се посочат местата во близина на средни училишта, Градски трговски центар, Трговски центар Бисер, Градски парк, плоштади, паркови, автобуски постојки“, велат од МВР за РСЕ.

Зголемено присуство на полицијата ветува министерот

Кога е во прашање перцепцијата на граѓаните, пак, според дел од анкетите спроведени изминатите години, тие истакнуваат дека сакаат да видат повеќе полиција на терен – низ нивното маало, на местата каде се движат, а често има насилства и тепачки.

Од друга страна, првиот полицаец, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, смета дека во првите сто дена од неговиот мандат, граѓаните веќе ги чувствуваат разликите и има подобрување. На прес-конференцијата на 5 октомври на која даваше отчет за сработеното рече дека „зголеменото присуство на полицијата на терен и побезбедни граѓани е едно од основните мота и начела на Министерството за внатрешни работи“.

„Мислам дека особено скопјани осетија подобрување и разлика во изминатите сто дена со зголеменото присуство на полициски службеници на терен. Имавме голем број акции кои ги спроведовме овие сто дена, имавме доста успешни акции, доста констатирани прекршоци од страна на граѓани кои управуваат моторни возила, имавме огромен број на приведени лица во рамки на оваа акција, лица кои беа барани со потерници, кои бегале од затвори, кои сториле кривично дело, а не беа достапни за органите на прогонот. Мислам дека оваа акција даде и тоа како добри резултати“, изјави Тошковски.

Граѓаните сакаат повеќе полицајци во соседството

А, одговорот „зголемен број на полициски патроли“ бил најчестиот што го дале граѓаните на прашањето „Како би сакале полицијата да ве опслужува“ во последното испитување на јавното мислење за работата на полицијата што го спроведе Евротинк – Центар за европски стратегии, во јануари и февруари годинава.

Тоа го одговориле 56,4% од граѓаните во анкетата во која биле земен репрезентативен примерок од 1.001 испитаник. А, повеќе од половина, околу 53% сакаат и да се воведе односно интензивира концептот за маалски полицаец – „позорникар“.

Но, за задоволување на овие барања, како што забележуваат од Евротинк, има одредени пречки.

„Некои од идентификуваните пречки за функционирањето на полицијата во заедницата се: недоволно капацитети, недоволно обуки, недоволна комуникација со општината, недоволно финансиски средства, несоодветно распоредување според потребите на регионот. Потребно е да има подобрени практики на комуникација помеѓу самите колеги, редовен брифинг и дебрифинг на почеток и на крај на смена на полицајците и слично. Притоа, развојот на вештини за ефективна комуникација е клучен за да можат правилно да се интегрираат во заедницата“, вели за РСЕ, Фросина Крушкаровска, која бил дел од овој проект на Евротинк.

За тоа колку се задоволни со моменталното присуство на полицијата во нивното соседство, дури 58% рекле дека таа е малку присутна – помалку од потребното. Доволно, пак, одговориле 35%, додека дека повеќе од потребното е присутна сметаат три отсто од испитаниците.

Околу овие околности, пак, од МВР велат дека полицијата во Скопје функционира по основ на „позорникари“ во урбаните средини, има пешачки и мото патроли и во урбаните и во руралните средини.

На територијата на главниот град, според тврдењата оттаму, функционираат и 10 локални совети за превенција.

„СВР Скопје по тој основ работи во директна комуникација со месните заедници, канцеларии, институции, преку креирање на работилници од областа на безбедноста, јавниот ред и мир, сообраќајот и криминалитетот, се вршат и предавања во училишта и градинки преку проект Безбедни училишта“, појаснуваат од МВР за тоа како полицијата соработува со локалните заедници за да ја подобри јавната безбедност.

Комуникацијата со заедницата, како еден од клучните фактори и за перцепцијата кај граѓаните за работата на полицијата, ја посочуваат и од Евротинк.

Полицајците, посочува Крушкаровска, се гласноговорници на институцијата и тие треба да обрнат внимание тој аспект.

„Важно е дека, согласно концептот на полиција во заедницата, ова присуство треба да подразбира активна интегрираност т.е комуникација со граѓаните, познавање на функционирањето на заедницата, соработка со различните локални актери. За жал, околу половина од испитаниците (49%) квалитетот на односите меѓу полицијата и нивната заедница во однос на соработката во соседството го оценуваат како просечен, а 31% како слаб или многу слаб“, вели Крушкаровска.

Нивното истражување, како што посочува, покажува дека не само кога е во прашање полицијата туку и останатите институции, владее општа недоверба. Полицијата постојано е во првите три или четири кои имаат најдобар рејтинг, но сепак, преовладува негативната перцепција. Дури 43 отсто од испитаниците од последната анкета рекле дека немаат доверба, наспроти 28 што имаат.

Меѓу бројните прашања што од Евротинк ги упатиле кон граѓаните било и тоа дали сметаат дека полицијата ќе ги заштити ако им е загрозена безбедноста, на што половина одговориле потврдно, додека 44% сметале дека нема да бидат заштитени.

Ќе се враќа полициското училиште

За да се промени перцепцијата кај граѓаните за полицијата, според истражувачите од Евротинк, меѓу она што е потребно е и поефикасно да се комуницираат превентивните активности што ги спроведува МВР, кои велат, се бројни, но не се ефикасно претставени иако се забележува подобрување на трендот.

Кога се во прашање, пак, мерките што ги планира власта во однос на полицијата и нејзината професионализација, министерот Панче Тошковски, пред новините најави повторно отворање на полициско училиште по повеќе од две децении. Во него, како што рече Тошковски, идните полицајци би се едуцирале во трета и четврта година од нивното средно образование. Според министерот, искуството покажало дека професионалните капацитети на полицајците кои се едуцирале во средно полициско училиште се далеку повисоки во споредба со останатите.

Во моментов, обуката на полицајци се спроведува во Центарот за обука во Идризово.

Според Евростат, во европските земји просечниот број на полицајци во периодот од 2020-2022 година изнесувал 341 на 100.000 жители. За Северна Македонија нема податок во овој извештај. Од оние држави за кои има, најмал број полицајци има Финска – 137 на 100.000 жители, но во Кипар, Грција и Хрватска, просекот е над 500. Претходните извештаи, пак, ја сместуваа Северна Македонија меѓу земјите со најголем број полицајци.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG