Стотици милиони евра тежи нелегалниот бизнис со дрога која минува низ Северна Македонија како транзитна земја од балканската шверцерска рута. Само во полициските акции од овој месец запленетите се неколку стотини килограми дрога која била дел од меѓународни канали за шверц на дрога.
Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека низ земјава минуваат неколку меѓународни канали за шверц со дрога. Од македонските криминални групи кои се дел од меѓународниот транзит на шверц на дрога активни се три банди.
„Во Македонија на ниво на држава ни се појавува и еден трет канал, тоа е оној македонскиот канал струмичко – битолската линија која зазема доминантно место во недозволената трговија со марихуаната. Додека делот со кокаинот и хероинот го делат арачиновско- чаирската група и групата Сарај- Грчец, значи ја делат и државата по тие основи, на зони на интерес, па често пати знае да дојде до меѓусебни судири со оружје, кога има нарушување на тие хиерарски непишани договори меѓу мафијашките групи, затоа што истите тие канали дел контролираат и од европските пазари, штитејќи го балканскиот канал кој минува низ Македонија. Особено групата од Грчец која според сите мои сознанија од терен е доминантна“, вели Ѓурчески.
Македонската марихуана барана на пазарите
Според него, шверцот на дрога се дели на два дела, првиот е по профитабилен и се однесува на нелегален бизнис со кокаин и хероин кој минува низ балканската маршрута од Авганистан преку Турција низ Балканот до Западните европски земји. Вториот, пак е нелегалниот бизнис со марихуана кој носи помали профити од шверцот на кокаин и хероин.
„Тие се интерни канали на релација Македонија, Албанија и Косово, и тоа се криминални групи кои меѓу себе поставиле и хиерархиски однос и добра соработка и со оглед дека целата таа дрога преку Грција завршува на пазарите во Западна Европа, претежно во Германија, Холандија и Белгија. Мора да се има в предвид дека македонското производство на марихуана е едно од најквалитетните и затоа е таа така барана на пазарите“, вели Ѓурчевски.
По легализацијата на производство на канабис во земјава за медицински цели, во полициските билтени се појавија информации дека дел од легално произведениот канабис завршува и на „црниот пазар“.
Извештајот „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“ кој беше објавен во мај годинава покажува дека марихуаната е меѓу најупотребуваните дроги на Западен Балкан.
Во него се посочуваат три клучни рути. Дел од нелегалната трговија со марихуана се превезува од албанските градови Валона, Фиер, Химара и Лежа со брод до Италија. Другата популарна рута оди на југ преку Охрид и Битола во Северна Македонија кон Грција. Третата рута е од Албанија директно до Грција или со брод или преку планинските премини.
Полицајци и цариници дел од организираниот нелегален транспорт на дрога
Според извештајот „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“во овој криминален бизнис се инволвирани и луѓе од институциите.
„Оваа „економија на заштита“ се движи од корумпирани граничари кои се отсутни на граничните премини или гледаат на друга страна на клучните гранични премини, до игнорирање од страна на полицијата и нивна вклученост во шверцот. Таа може да вклучува и политичари кои ги штитат клучните играчи за дел од бизнисот“, се вели во извештајот.
Таквите информациите се потврдени и од полициските билтени кои сугерираат корупција меѓу органите за спроведување на редот, бидејќи во акциите неретко се приведени полицајци или цариници.
Само пред три дена беа уапсени тројца полицајци и петмина цариници за шверц и трговија со наркотици во полициска акција во Куманово, Скопје и Тетово. Полицајците нелегално ја пренесувале дрогата од Меѓународниот аеродром Скопје до границата со Косово, а цариниците не извршиле соодветна контрола. Царинскиот тим кој бил повикан да ја провери стоката на аеродромот во суштина соработувал со осомничените полицајци.
„Клучното прашање е поврзаноста на луѓето во институциите и полициски и царински службеници. Оваа истрага ја докажа таа поврзаност. Со самиот факт што одредена група на царински службеници доаѓаат не го потврдува тоа што е фактичка состојба туку едноставно ја потврдуваат декларацијата на стоката која не е вистинита, туку станува збор за декларација за наводно галантерија за мобилни телефони. Тие тоа така го потврдуваат затоа што се дел од организираната група. МВР со сериозна истрага ги утврди сите овие факти и ги изведе пред лицето на правдата“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вчерашната прес-конференција.
Некои инспектори поблиски до криминалците или до законот?
Ѓурчески ја оценува како лоша битката на МВР против нелегалната трговија со дрога токму поради фактот дека полициски службеници се инволвирани во шверц на дрога. Причина за тоа ја гледа во кадровската политика во МВР, со која, како што вели се создало ситуација на немоќ на службите.
„Ја растурија групата на искусни инспектори кои си ја познаваа добро работата во делот на недозволената трговија со дрога, си донесеа друга група на инспектори за кои постојат основани сомненија дека се поблиски до организираните криминални групи отколку до спроведувањето на законот во борбата против незаконската трговија со дрога. Мене тоа лично, како поранешен припадник на полицијата многу ме загрижува. Особено што со жалење можам да констатирам дека некој како да се труди во МВР да врши таков притисок врз полициските службеници да едноставно е трагедија кога началници од СВР-а се инволвирани во нелегална трговија со дрога“, вели тој.
Ова е само еден од последните случаи. Претходно овој месец, МВР информираше за пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога од Косово и запленети околу 200 килограми марихуана во вредност од 600 илјади евра. Во ноември беше запленета 200 килограми марихуана вредна 500 илјади евра во дебарското село Аме, во близина на границата со Албанија. Во истата акција полицијата уапси Албанец со 100 килограми марихуана во општина Дебарца вредна 350 илјади евра кој бил дел од меѓународен канал за шверц на марихуана од Албанија во Македонија.
Информации за вакви случаи имаше во текот на целата година.
Речиси два тона марихуана и 1,2 килограм хероин запленети годинава
Во април годинава во дел од акциите за заплена на марихуана учествуваше и американската Служба за борба против трговија со дрога ДЕА кога беа приведени шест лица со марихуана од 200 килограми во вредност од 800 илјади евра. Во оваа акција биле правени претреси и во фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола, а претрес бил вршен и кај полициски службеник.
Од МВР побаравме статистички податоци за нивните акции во борбата против нелегалната трговија со дрога за изминатава година. Според нивните податоци, од почетокот на годинава до ноември запленета е 1,8 тони марихуана, околу 20 илјади стебла марихуана, околу 1.500 таблети, 8 кг хашиш, околу 1,2 кг хероин. По извршени 400 претреси на домови за нелегална продажба на дрога преземени се соодветни мерки кон 941 лице.
„Воедно, откриени се и три насади со марихуана на подрачјето на Охрид, Струмица и Тетово, две лаборатории за марихуана во станови во Скопје и една во Катланово, пресечени 16 меѓународни транспорти на дрога“, се вели во одговорот на МВР за Радио Слободна Европа.
Од почетокот на годинава до сега се поднесени кривични пријави против 287 сторители за 215 кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, како и шест дела „овозможување на употреба наркотични дроги“ а кривично пријавени се и 12 странски државјани.
Минатата година била поплодоносна за полицијата во однос на заплената на дрога. Само во април 2020 година македонската полиција откри 1,2 тони канабис во магацин во близина на Скопје. Во акција кон крајот на 2020 година беше украдена легално произведена марихуана од магацин близу Валандово. Потоа полицијата најде само дел од дрогата во скопско Арачиново. Беа украдени и 60 килограми марихуана од погон за канабис во Крушево, а од фабрика од кочанско Урларци вработени во фабрика нелегално изнесуваа марихуана и ја продаваа на црниот пазар.
Според полицискиот годишен извештај во 2020 година МВР успеала да пресече 13 канали на меѓународен нелегален транспорт на хероин набавен од Косово со крајна дестинација ЕУ. Во заплената на дрога за европскиот пазар спаѓа и килограм кокаин сокриен во пакет со банани за кој полицијата била известена од меѓународните институции дека доаѓа од Колумбија.
Од другите наркотични средства кои македонската полиција ги запленила при пресекување на девет меѓународните канали е 500 килограми марихуана, потоа два транспорти на речиси сто килограми хашиш и 1,8 литри хашиш во масло од кои дел набавени во Албанија, дел од Косово. Крајната дестинација на запленетата дрога била Турција и Бугарија, се вели во годишниот извештај на МВР.
Македонската полиција учествувала и во пет меѓународни истраги на службите за борба против дрогата. Во нив се запленети пет килограми кокаин, во Австрија се запленети пет килограми хероин, во Србија се запленети седум килограми хероин, во Црна Гора се запленети 12,5 килограми хероин и реализиран е контролиран транспорт на територијата на Италија запленети се над еден тон кокаин, а на територијата на Северна Македонија запленето е еден килограм кокаин.