Достапни линкови

Кога Балканскиот картел „им ја вози“ дрогата на јужноамериканските наркобосови


Илустрација - Фотографија од запленетиот над еден тон кокаин во Мојановиќи, во близина на Подгорица, Црна Гора - август 2021
Илустрација - Фотографија од запленетиот над еден тон кокаин во Мојановиќи, во близина на Подгорица, Црна Гора - август 2021

Според експерт, кој зборуваше за Радио Слободна Европа, важноста на балканскиот картел на нарко-рутата од Јужна Америка се рефлектира во фактот дека голем број луѓе се вклучени во овој бизнис, пред се во транспортот, бидејќи се работи за „многу дрога“. Автор: Соња Гочанин

Неодамнешното апсење на 23 лица, поднесувањето на кривични пријави за 61 лице под сомнение дека се членови на балканскиот наркокартел кој ја снабдува Европа со кокаин, како и запленувањето на 2,6 тони кокаин, се најновите резултати од акциите на агенцијата Европол на Европската унија (ЕУ) во борбата против т.н. балкански наркокартел кој се занимава со шверс на дрога од Јужна Америка.

Според експерт кој зборуваше за фејсбук страницата „Зошто?“ на Радио Слободна Европа, важноста на балканскиот картел на рутата за шверц на дрога од Јужна Америка се рефлектира во фактот дека голем број луѓе се вклучени во овој бизнис, пред се во транспортот, бидејќи се работи за голема количина на дрога со која се тргува.

Во таа операција учествувале осум земји - Шпанија, Хрватска, Србија, Германија, Словенија, Босна и Херцеговина, САД и Колумбија. Уапсени биле 13 лица во Шпанија, десет во Словенија, запленети 2,6 тони кокаин, 324 килограми марихуана, 612.000 евра во готово и девет луксузни возила и пет мотоцикли.

Кои се балканските картели и колку се важни?

Според анализата на невладината Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал, постои широк спектар на играчи од Западен Балкан, пред се од Албанија, Црна Гора и Србија, кои се вклучени во трговијата со кокаин од Латинска Америка.

„Понекогаш тие работат заедно, а повремено, се чини, има несогласувања меѓу нив, но сепак тие генерално функционираат без многу врева и ефикасно“, се вели во извештајот за 2020 година на организацијата „Транснационален октопод“.

ГРУПА АМЕРИКА - Извештајот идентификува неколку групи кои биле вклучени во овие активности од 1990-тите. Една од нив е „Група Америка“, која, според извештајот, е специјализирана за логистика и транспорт на кокаин и хероин помеѓу Колумбија, Северна Америка и Европа. Групата беше предводена од Милета Милјаниќ, која, според извештаите на медиумите, бил уапсена во март во Њујорк поради поседување оружје.

ГРУПА ШАРИЌ - Оваа група, именувана по нејзиниот водач Дарко Шариќ, беше одговорна за транспорт на големи пратки (тони) кокаин од Латинска Америка во Европа преку Балканот. На Дарко Шариќ му се суди во Србија повеќе од десет години за трговија со дрога. Шариќ и неговата група беа осудени на неколку години затвор во 2020 година, но конечната пресуда на Апелациониот суд во Белград беше укината и случајот беше вратен.

ГРУПАТА НА СРЕТЕН ЈОЦИЌ - Според извештајот, „Групата на Сретен Јоциќ“ работи во Западен Балкан, Холандија, Бугарија, Австрија, Турција и Германија и „е задолжена за директна соработка со колумбиските производители и дистрибутери на кокаин во Колумбија за да достават кокаин до европските пристаништа преку Канарскиот Острови". Во извештајот се наведува дека групата се зајакнала по апсењето на Сретен Јоциќ (Јоца Амстердам) во 2009 година поради сомневање дека тој бил вмешан во убиство.

ГРУПА БЕРАНЕ - Во извештајот се споменува и групата „Беране“, чии неколку истакнати членови на кланот беа обвинети во Црна Гора во 2004 година за шверц на 200 килограми кокаин од Венецуела во Србија преку италијанското пристаниште Џоја Тауро и црногорското пристаниште Бар. Исто така, според извештајот, неколку албански организирани криминални групи се дел од трговијата со кокаин од Латинска Америка во Европа и се занимаваат со малопродажба на дрога.

Според белградскиот криминолог Добривоје Радовановиќ, околу една третина од дрогата што доаѓа од Јужна Америка минува низ балканскиот картел и како таква има „некое средно значење“ во синџирот на трговија со дрога.

„Ако сметаме малку пошироко, тогаш можеме да го подигнеме тоа ниво на важност бидејќи луѓето од Балканот служат како превозници и на картели кои не се од оваа област, туку се од Шпанија или од некои други медитерански земји“, вели Радовановиќ.

Тој, исто така, вели дека бројот на луѓе вклучени во транспортот и трговијата со наркотици во Западен Балкан е многу голем бидејќи количината на дрога што се движи од Јужна Америка е голема и затоа што има голем број потрошувачи во Источна Европа. Тој смета дека Западен Балкан е соодветен терен за активностите на таквите групи.

„Постојат две причини за тоа. Првата е способноста на луѓето од Балканот во транспортот, а втората причина е поврзаноста на нарко картелот со земјите на Балканот “, тврди Радовановиќ.

Вук Цвијиќ, новинар во неделникот НИН, кој известува за работата на криминалните групи, смета дека слабите институции во балканските земји влијаат врз развојот на криминалните групи.

„Имаме сомнежи кои не се разјаснуваат. Во Србија нема истрага за поврзаноста помеѓу организираниот криминал и поединците во институциите“, вели Цвијиќ.

Групата на Беливук и клановите од Котор

Во Србија, во тек е постапка против Вељко Беливук и членовите на неговата група, кои се обвинети за тешки убиства, киднапирања, силувања, неовластено производство и трговија со дрога. Опозицијата побара да се испитаат наводните врски на Беливук со највисоките власти во Србија, а службениците во Србија ветија дека ќе бидат испитани неговите врски со поединци од владата и институциите.

Беливук и неговите наводни соработници се идентификувани како блиски до криминалниот клан „Кавач“.

Според извештајот на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал, шпанскиот град Валенсија беше од клучно значење за развојот на првибитниот „Которски картел“, од кој произлегоа „Кавачкиот клан“ и „Шкаљарскиот клан“.

„Во тој град, во 2014 година, околу 200 килограми кокаин исчезнаа од станот на Горан Радоман (црногорски државјанин). Дискусијата за тоа што се случи со дрогата направи кавга во кланот Котор, кој дополнително беше поделен на ривалски кланови - кавачки и шкаљарски“, се наведува во извештајот.

Досега, над 40 луѓе ги загубиле животите во судирите меѓу клановите.

Како функционираат балканските картелски групи?

„Најголемиот дел од кокаинот што се испраќа од Латинска Америка во Европа се чува во контејнери на големи бродови“, се вели во извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал.

Како што е наведено во овој извештај, пратките на кокаин се ставаат во контејнери со свежо овошје и замрзната овошна каша, и бидејќи таквите пратки содржат расиплива стока што мора брзо да се транспортира, има помала контрола на влезните пристаништа.

Во извештајот се посочува дека црногорските морнари имаат „несразмерна улога во екипажите на бродовите кои се дел од трговијата со дрога“. Според извештајот, четворица црногорски морнари биле уапсени во Филаделфија во јуни 2019 година за учество во трговија на речиси 20 тони кокаин од Латинска Америка.

Според извештајот на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал од 2021 година, дрогата потоа се транспортира во помали количини (3-10 килограми) низ Европа во скриени прегради во автомобили и камиони.

Новинарот Цвијиќ вели дека во постапката против Шариќ, било откриено дека неговата група купила кокаин во Јужна Америка без посредници.

„Тие купија директно од производителите, пред се, кокаин како највообичаена дрога што носи најголем профит, а во еден случај дури и го продадоа на холандска група во Јужна Америка“, вели Цвијиќ.

Цвијиќ посочува дека трговијата со дрога се одвива главно по морски пат, со бродови, глисери и едрилици.

„Главните порти на Европа се Шпанија, Холандија и Италија. Имаат огромни пристаништа кои тешко се контролираат“, рече тој.

Според Европол и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, 40 проценти од криминалните групи во Европа се вклучени во трговија со кокаин, што го користеле околу 4,4 милиони луѓе во Европа во 2020 година.

Земјите кои произведуваат кокаин се Бразил, Колумбија, Аргентина, Боливија, Еквадор и Перу. Според извештајот на Европол од 28 септември, нелегалната трговија со оружје е тесно поврзана со трговијата со дрога, особено со кокаин. Во некои случаи, криминалните мрежи разменуваат оружје за дрога, но исто така користат оружје за стекнување и одржување контрола над профитабилните пазари на дрога.

XS
SM
MD
LG