Владата сака да му ја продаде Славија на бизнисмен близок до семејството Заеви за 100 поевтина цена од реалната, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Власта вели дека ВМРО-ДПМНЕ од 2012 до 2017 година го распродало имотот на Славија тајно и на парче, и вредноста на фирмата сега е драстично намалена. Тој што ќе ја купи фирмата ќе ги преземе и нејзините милионски долгови.
Агенцијата за управување со одземен имот пред десетина дена објави оглас за продажба на акциите на АД Славија. Според огласот, се продаваат 98 отсто од акциите на компанијата за 218 илјади евра, односно по почетна цена од 51 евра за акција. Акциите се продаваат во пакет.
Опозицијата тврди дека имотот на Славија чини околу 20 милиони евра.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска обвини дека ова е бескрупулозен грабеж на државен имот. Владата и „криминалниот картел од Струмица“ се подготвува да ја продадат Славија за багателна цена, рече тој.
Арсовски вели дека владата, согласно законот, нема направено нова проценка преку Бирото за судски вештачења, за да се утврди колку чини имотот, објектите и целата фирма Славија.
„Ако се прави проценка со актуелна фактична состојба, ќе се увиди дека АД Славија вреди повеќе од 20 милиони евра. Кога ќе се одбие долгот, којшто според информациите е веројатно помеѓу 4 и 5 милиони евра, сепак фирмата ќе вреди 15 милиони евра и тогаш една акција не би била 51 евро, туку би била неколку илјади евра. Замислете, само управната зграда на Славија, до Универзитетот ФОН, ќе сфатите дека само таа вреди десетина милиони евра, а не пак целата фирма со сите свои пропратни објекти и имоти“, рече Арсовски.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани вели дека Славија пред 10 години навистина вредела 20 милиони евра, но оти токму власта на ВМРО-ДПМНЕ од 2012 до 2017 година „тајно и на парче“ ги распродала најатрактивните имоти на Славија. На таков начин е распродаден над 70 отсто од имотот на Славија и денеска има управна зграда, магацини и земјиште во Кисела Вода, рече тој, нагласувајќи дека тој што ќе ја купи фирмата треба да ги преземе и милионските долгови.
„Вредноста на компанијата денеска е далеку помала затоа што во меѓувреме, во периодот од 2012 до 2017 година, имотот на АД Славија е распродаван на парче и тајно. Потенцирам – на парче и тајно по цени далеку пониски од неговата вредност. На тој начин, по за државата неповолни и ниски цени се распродавани повеќе десетици дуќани и атрактивни локали, некогашни маркети на Славија во Скопје и низ целата држава. Чисто за илустрација, голем дел од тие ексклузивни локации и дуќани денес се сопствеништво на компанијата Тинекс, како и на други приватни компании“, рече Асани.
Тој сепак, признава дека нема извршена нова проценка на имотот и вели дека проценката се прави во моментов.
Фирмата Славија е основана од Општина Кисела Вода во 1953, а почнува со работа во 1954 година. Од 70-тите до првата половина од 80-тите години од минатиот век компанијата доживува експанзија, кога поседува мрежа на околу 200 продавници и 8 супермаркети, со над 1380 вработени, со што е една од најголемите фирми на пазарот за продажбата на прехранбени и други продукти за домаќинствата во Македонија.
Фирмата почнува да пропаѓа по отворањето на приватни продавници на прехранбени производи на почетокот на 90-тите години. Во 1996 година е почната стечајна постапка, но три години подоцна е прекината. Поранешниот директор Кирил Кочевски во 2007 година е осуден на 6 години затвор поради измама и злоупотреба на службена должност, а во 2010 година акциите на Кочевски ги запленува Агенцијата за управување со одземен имот.
Пред десетина години, фирмата заработувала по над 1 милиони евра годишно од кирии. Според извештај на Македонската берза од 2012 година, Славија поседува 31 илјади квадратни метри деловен простор, кои им ги издава на различни фирми меѓу кои и ланците маркети Тинекс, Кам и Тедико. Според тогашниот проспект на Македонската берза, се очекуваше приходите да растат, а расходите да се намалуваат.
Според проценките на Бирото за судски вештачења од 2012 година, имотот на АД „Славија“ што го поседува друштвото изнесува околу 25 милиони евра, додека долговите се околу 17 милиони евра.
Во 2012 година, акциите на Славија беа понудени на продажба по 1715 евра по акција, односно вкупно 7,3 милиони евра, но не се најде заинтересиран купувач.
Во 2015 година, беа понудени продавници, супермаркет и магацински простор на повеќе локации, како Аеродром, Гази Баба, Чаир, Јурумлери и Маврово во вкупна вредност од 1,4 милиони евра. Во неколку наврати беше нуден имот на Славија на продажба, но немаше информации колкав дел од имотот е продаден на тој начин.