Во постапокалиптичната сцена на изгорената шалтер-сала во главната пошта во Скопје беше одржана промоција на нова јубилејна поштенска марка по повод 30-годишнината од независноста на Македонија.
Премиерот Зоран Заев рече дека новата поштенска марка, „по повод 30 години од независноста, е доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна држава“.
Поштата изгоре во 2013 година, а тоа што и по речиси цела деценија не е обновена е најдобра илустрација за тоа каде бевме и каде стигнавме од независноста досега, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.
На едни им олесна што овојпат има вести во медиумите за поштата, а тие не се дека е ограбена.
На други, пак, им олесна што барем поштенската марка не е згрешена. Минатата година, за да ѝ ја искаже својата благодарност на Хрватска за помошта во евроинтеграциите на Македонија, Македонска пошта со серија поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ го одбележува 9 Мај, Денот на Европа. Ама, на марката ја стави картата на усташка „голема Хрватска“ која ги опфаќа и териториите на Босна и Херцеговина, и дел од Црна Гора и од Србија. Српското МНР реагираше со протестна нота.
Зградата на Македонски пошти е еден од најкарактеристичните објекти од бруталистичката архитектура во постземјотресно Скопје. Изградена е по проектот на македонскиот архитект Јанко Константинов во 1974 година. Во пожарот во 2013 година изгореа муралите на Борко Лазески со кои беше насликана внатрешноста на шалтерската сала, како и голем дел од мебелот и осветлувањето кои беа дизајнирани специјално за поштата.
Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициoна Банка, во април ја објавија Листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021 меѓу кои спаѓа и поштата во Скопје.
Во образложението се наведува дека иднината на поштата е неизвесна поради степенот на оштетување и тоа што зградите со ваква форма и конструкција се многу сложени за обнова.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија кон крајот на минатата година покрена иницијатива за обнова на поштата.
Пред десетина дена во изгорената сала на поштата се одржа концерт на пијанистот Лубомир Мелник. Концертот го организираше МКЦ.
Некои граѓани сметаат дека поштата треба да стане концертна сала.
Како решение на проблемите со Поштата, која таложи загуби, владата минатата година најави продажба или приватизација по принципот на јавно-приватно партнерство што предизвика остри реакции во јавноста.