Две престрелки на отворено во Скопје за помалку од 24 часа – една на улица и една на паркинг, еден ранет и еден убиен. Какафонија од информации за мотивите, за жртвите и за сторители, како и политички обвинувања од тоа дека државата се претворила во Див Запад до смирувачки пораки дека нема потреба за загриженост.
На граѓаните, пак, очекувано е дека нема да им биде сеедно, но нема простор за некоја голема грижа за безбедноста, сметаат дел од безбедносните експерти по последните две престрелки во главниот град што се случија ноќта на 19 август во населбата Ченто и утрото на 20 август во близина на трговскиот центар „Мавровка“.
Криминално досие и на инволвираните во убиството кај „Мавровка“
Професорот од областа на безбедносни науки и кривично право, Стефан Буџаковски, нагласува дека клучна е превенцијата и ако не се преземат мерки, ваквите случаи ќе продолжат.
„Јас многу информации за суштината на видовите и појавните облици на криминалитет немам, но ова што се случува е како резултат на одредени пресметки поради одредени влијателни, долгови, нерасчистени работи помеѓу криминалните групи и структури. Тоа се случуваше и со случаите во ’Шиша бар‘, во ’Ист гејт‘ – неколку такви последователни слични настани“, вели Буџаковски за Слободна Европа (РСЕ).
За вчерашното убиство кај „Мавровка“, МВР соопшти дека привела две лица, а по трет осомничен се трага. Мотивите засега официјално не се познати, но инволвираните имаат досие од претходно.
„Во возилото не беше пронајдено злато, извршено е вештачење на сите предмети кои се од интерес на истрагата. Лицата кои беа инволвирани во убиството извршено на паркинг простор пред ТЦ ’Мавровка‘, каде беше застрелан В.Е.(59), се со криминално досие. Лицето било застрелано пред неговата сопругата. Останатите детали за жртвата не сме во можност да ги соопштиме во интерес на истрагата“, велат од МВР.
Истрага отвори и Јавното обвинителство кое наведе дека едно лице е осомничено за кривични дела убиство, обид за убиство и недозволено држење оружје. Оттаму велат дека осомничениот со умисла и од користољубие лишил од слобода едно лице. Потоа, од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со „ауди“ без регистарски ознаки.
„На местото пристигнало и второ возило ’Цитроен’ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило. ‘Цитроенoт’ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот ‘ауди’. Продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат“, соопштија од обвинителството.
Полицајците, додаваат, во самоодбрана испукале неколку проектили во воздух и успеале да го совладаат и приведат осомничениот, додека второто лице избегало и по него се трага.
Бандите се пресметуваат меѓусебно
Кога има престрелки меѓу криминални групи, смета Буџаковски, оние што ги извршуваат овие акти вообичаено „внимаваат да не дојде до извршување повреда или вознемирување на присутните“.
„Меѓутоа, од друга страна гледано ова создава и одредена несигурност“, додава Буџаковски.
Самиот начин на извршување на ова и на другите слични убиства, очекувано укажува на одредена загриженост за безбедноста, согласен е и професорот по кривично право, Ќебир Абзиу.
„Меѓутоа, сметам дека [загриженоста] не е од толку висок степен и дека граѓаните може да настрадаат така од криминалните бандите. Мислам дека има некои банди кои меѓу себе се пресметуваат. Граѓаните може да се загрижат ако случајно се најдат во погрешно место и време. Инаку мислам дека безбедносната ситуација не е до тој степен што навистина би требало да бидеме многу загрижени“, вели Абзиу за РСЕ.
Географско профилирање на криминалитетот и реално информирање
Кога станува збор за превенцијата, која се нагласува како клучна во справувањето со вакви криминалитет, професорот Буџаковски го нагласува „географското профилирање на криминалитетот“. Тој забележува дека последниот период често вакви криминални активности има во регионот кон Чаир, Шуто Оризари, Ченто, Арачиново…
Полицијата, нагласува тој треба реално да информира, но и да ја увери јавноста дека ќе преземе посериозни активности за превенција во регионите што би се детектирале со т.н. географско профилирање на криминалитетот.
„Потребни се плански, систематски и континуирани мерки во вакви региони, кои ќе бидат соодветни за она што се случува таму. Како на пример, треба да имаме засилена оперативна активност, понатаму врз основа на информациите да се преземаат континуирани мерки кон одредени лица – претреси, прегледи, засилена контрола во однос на криминални активности и ефикасноста да се зголеми. Така, ваквите региони полека ќе се одбегнува за такви криминални активности“, вели Буџаковски.
Комуникацијата на полицијата и на останатите надлежни органи, посочува и професорот Ќебир Абзиу треба да е транспаретна и отворена што, пак, ќе придонесе и граѓаните да бидат помирни.
„Полицијата мислам дека повеќе треба да ги информира граѓани за да бидат помирни и поспокојни бидејќи самото немање информации предизвикува загриженост во однос на безбедноста“, смета професорот.
Кога е во прашање справувањето со ваквите ситуации, дел од безбедносните експерти го отвораат и прашањето за целосна трансформација на безбедносниот систем и решавањето на проблемите со човечките ресурси. Овие служби, нагласува професорот Буџаковски, не може да се третираат како социјални служби за вработување на секакви кадри. За оние кои ги има, додава тој, треба да се преземат мерки за нивна доедукација, специјализација и професионализација.
„Прво треба визија и план и тие да се усогласат затоа што не е само да направиме план и да дејствуваме. Обично се случува некои работи да ги копираме од земјите на ЕУ, но секој проблем си има своја генеза. Ние треба прво да ги утврдиме тие работи и после врз основа на нив да дејствуваме“, коментира Буџаковски.
Власта најавува жесток одговор на бандите, опозицијата бара оставка од министерот
Темата со престрелките и убиствата, по последните два настапи, изминативе денови е висока и на агендата на политичарите. СДСМ ја обвинува власта за неспособност бидејќи „пресметките стануваат секојдневие“, а МВР и министерот Панче Тошковски „не успеваат да ги најдат сторителите и да ги расчистат случаите.
„Неспособноста на власта на Мицкоски Македонија ја претвори во Див Запад. Криминалните банди буквално хараат, криминалците бегаат од затворите кои се како хотел Промаја, а граѓаните стравуваат за својата безбедност. Нема скандал во изминатите 3 месеци а да не е поврзан со Тошковски и МВР“, рекоа од СДСМ во една од своите реакции барајќи оставка од министерот за внатрешни работи.
Власта, пак, смирува. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека криминални структури имало и ќе има, но ветува „жестоко спротивставување“. На граѓаните им порачува да се чувствуваат безбедни.
„Во овој период на транзиција поединци земаат замав. Некои се охрабрени од некои центри на моќ, но ние ќе се бориме и ќе ги победиме. Да знаете дека жестоко ќе се спротивставиме како држава и ќе ги победиме. Граѓаните да се чувствуваат безбедно и слободно. Ваков тип на криминални битанги ќе завршат онаму каде што им е местото и јас ве уверувам во тоа“, изјави Мицкоски на 20 август.
Слични пораки упати и новиот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, Александар Јанев, кој преку социјалните мрежи порача дека нема да дозволат „градот и државата да се претворат во полигон на пресметки на криминални групи“.
Инаку, покрај потрагата по третиот осомничен за убиството кај „Мавровка“ на 20 август, полицијата работи и на расчистување на престрелката во населбата Ченто од ноќта на 19 август за која информираше преку дневните полициски билтени.
Тогаш, според она што е официјално познато, беше пукано од возило во движење кон автомобил „фолксваген пасат“ со австриски регистрации. Со автомобилот управувал 43-годишен жител на Австрија, кој има привремен престој во Скопје, а негов сопатник му бил 30-годишен скопјанец. 43-годишникот со рани заврши во Клиничкиот центар во Скопје, а МВР информираше дека било пукано од огнено оружје со калибар од 9 милиметри и оти „се преземаат мерки за расчистување на случајот“.