Достапни линкови

Престрелки меѓу познати криминалци, полицијата пасивна


Илустарција. Полиција
Илустарција. Полиција

По пукањето кај населбата Бардовци, од МВР велат дека станува збор за пресметки на криминалните групи и луѓе кои се познати на јавноста. Упатените велат дека поврзаноста со партиите е една од причините што криминалци се шетаат на слобода. Тие додаваат дека нарко бизнисот е многу развиен.

Полицијата ноќеска привела едно лице кое пукало во Борис Мутков кој на јавноста и познат поради неговата поврзаност со криминалното подземје. Кон 40-годишиот Мутков било пукано со автоматско оружје додека се возел со својот автомобил марка „мерцедес“ во скопската населба Бардовци, каде што и живее.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес- конференција изјави дека станува збор за престрелка на криминални групи и потврди дека во неа учествувало лице кое на јавноста и е познато и за насилниот упад во Собранието од 27-ми април, заради учество во толпа.

Во јавноста последното пукање од автоматско оружје кај населбата Бардовци се поврзува со неодамнешниот вооружен напад во хотелот Алексанадар Палас, но Спасовски рече дека тоа треба да го покаже истрагата.

„Факт е дека според првичните сознанија, станува збор за пресметки на криминалните групи. Тоа се луѓе кои се познати на јавноста по тие нивни криминални активности, јас тоа лице го видов и во Собранието на нападот на 27 април, тој влезе со групата да ги нападне пратениците. Станува збор за криминални групи, останува истрагата да покаже дали има поврзаност меѓу криминалните групи и врз основа на тоа да се преземат мерки“, изјави Спасовски.

До пукањето во Бардовци доаѓа откако на почетокот на месецот имаше вооружениот напад во хотелот Александар Палас кога маскирани лица со автоматско оружје пукаа кон пет мажи кои седеле во ресторанот на хотелот.

Стручните лица ја критикуваат зачестеноста на вооружени напади во градот забележувајќи дека и натаму се шетаат на слобода познати нарко дилери и криминалци со дебели досиеја кои тешко се апсат и уште потешко се процесуираат постапки за кривично дело против нив. Дали за ова се виновни безбедносните служби, обвинителство, судството, поврзаноста на дел од лицата од подземјето со партиите или се заедно јасен одговор нема, вели Павле Трајанов кој порано беше министер за внатрешни работи.

„Нарко бизнисот е доста развиен, трговијата со оружје и бизнисот со дрога итн. И внатре и како транзитно подрачје, гледате дека во Шпанија некои од тука нарко групи од Арачиново и Грчец веќе до таму стигнале до Лондон и Холандија итн. Има веројатно пресметка за превласт во овој бизнис. Друга работа е што дел од нив се поврзани со партиите, влијаат врз полицијата, судот, тука се измешани работите затоа што и безбедносните служби се исполитизирани, партиски луѓе работат таму ги провалуваат информациите, за секоја акција што се подготвува се предупредени тие што треба да бидат апсени“, вели Трајанов кој дополнува дека сето ова зборува за слабост на системот за безбедност.

Инаку во изминатите денови во општините Арачиново и Сарај, односно селото Грчец беше спроведена полициска акција во која беа приведени неколкумина. Кои се причините за акцијата како и детали од неа од МВР најавија откако ќе заврши целата акција. Во јавноста оваа полициска акција се поврзуваше со вооружена пресметка што се случи во хотелот „Александар Палас“.

Упатените потсетуваат дека е „итно“ секое криминално дејство да се санкционира затоа што неказнивоста продуцира нов криминал.

Поранешниот разузнавач Стефан Буџаковски вели дека развојот на криминални организации на Балканот доведува до состојби на пресметки заради нерасчистени сметки и влијанија на одредени подрачја и оти во моментов тоа се случува и кај нас.

Но тој укажува дека штом се пука во хотелот Aлексaндар палас со автоматски пушки или пак во движење тоа покажува дека состојбата е доста загрижувачка.

„Во однос на превентивното дејствување се покажува одредена слабост, за толку брзо време за еден ист случај да има брза пресметка тоа укажува на недоволен број на сознанија за делувањето на вакви криминални групи. Се знае некој лесно може да настрада, се случи кај хотел од висок ранг, потоа во населба, утре во дискотека може да се случи и да загине некој кој е најмалку виновен“, вели поранешниот разузнувач Стефан Буџаковски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG