Достапни линкови

Обвинувања за шверц на дрога со политичка заштита


Илустрација - Запленета марихуана и македонски пасоши
Илустрација - Запленета марихуана и македонски пасоши

Албанската ТВ Ора објави дека има прислушувања кои покажуваат дека високи функционери од владејачката коалиција во Македонија директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција против шверц со дрога преземена од странска агенција. Телевизијата објавува дека бил вмешан и Трајче Заев, брат на поранешниот премиер. Владејачките партии, но и Заев досега не се огласија.

Досега нема никаква реакција, ниту од владејачките СДСМ и ДУИ, а не се огласи ни бизнисменот Трајче Заев, откако албанската телевизија ОРА од Тирана вчера објави видео прилог во кој го обвини Трајче Заев дека саботирал меѓународна акција против шверц со дрога.

Во Министерството за внатрешни работи велат дека имаат одлична соработка со меѓународни агенции за борба против дрога, меѓу кои и со американската ДЕА, со која имаат спроведено успешни акции.

Во прилог со наслов: „Аудио снимките што го загрижија Трајче Заев: Не ја издавајте книгата!“, албанската ТВ Ора објави дека има прислушувања кои покажуваат дека високи функционери од владејачката коалиција директно интервенирале за да се оневозможи успешна операција преземена од странски агенции.

Дел од македонските медиуми објавија дека се работи за акција на американската агенција за борба против дрога ДЕА.

Телевизијата објави дека лице, кое во моментов нема јавно да го објави својот идентитет бидејќи се очекува да добие заштита од правдата, има неколку аудио снимки на кои се вклучени функционери од највисоките нивоа во Македонија, но и „познати имиња на сините униформи“.

Според лицето, кое наводно поседува аудио снимки поврзани со шверц на наркотици, тој најпрвин му испратил гласовна порака на Трајче Заев, известувајќи го за ситуацијата. Заев, откако ја преслушал пораката, наводно одговорил со шифрирана порака.

„Мислам дека би била многу позната книга кога би била објавена. Според мене оваа книга треба да има што помала публика, но секако дека зависи од вас. Ајде да договориме уште една средба, следната недела“, наводно напишал Трајче Заев.

Од прилогот на албанската телевизија не може да се извлече заклучок кога се случил настанот, каде, ниту пак за која странска агенција се работи.

Во соработка со ДЕА лани уапсен полициски командир

Во акција на Министерството за внатрешни работи и американската агенција ДЕА, во комбе на патот Прилеп – Росоман во близина на Плетвар, во април 2021 година беа запленети 200 килограми марихуана во вредност од 800 илјади евра. Дрогата била наменета за Грција. Тогаш беа приведени шест лица, меѓу кои полицискиот командир од Прилеп, Кире Спиркоски Чипсио, но и Александар Ушликовски, за кого опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека е личен возач на Трајче Заев.

Тој тогаш преку Фејсбук ги негираше овие обвинувања.

„Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти март во Обединетите Арапски Емирати“, напиша тогаш бизнисменот Заев.

Тогашниот премиер Зоран Заев реагираше дека законот важи еднакво за сите.

„Александар може да дружи со мојот прв братучед колку сака, законот важи еднакво за сите. Или некој началник на полиција можел да биде на слика со соработник со Заев, со Спасовски, законот важи еднакво за сите“, рече тогашниот премиер Зоран Заев.

Петмина од уапсените признаа вина и се спогодија со обвинителството за затворски казни од 3,5 до 5 години. Ушликовски доби 5 години затвор. Само командирот Спиркоски не призна и му се судеше, но во септември годинава и тој беше осуден на 4,5 години затвор.

Легална марихуана на нелегалниот пазар

Иако не беше докажано дека марихуаната потекнува од домашни фабрики за производство на медицински канабис, на две фирми „Фарма ЕУ“ и „Медикал 420“ им беа одземени лиценците.

Во неколку наврати во 2020 година беа крадени големи количини марихуана во фабрики за медицински канабис. Во фабрика во село Јосифово во близина на Валандово во декември 2020 беа украдени 2 тони марихуана, а само 231 килограми беа пронајдени во скопско Арачиново. Тогашниот премиер Зоран Заев рече дека дрогата веројатно завршила на Косово.

Потоа беше пронајдени 60 килограми марихуана во крушевско, за кои постоеше сомнеж дека се украдени од фирма за медицински канабис во Крушево.

Пробиена акција, избегаа нароко-босови од Грчец

Единствена голема полициска акција за борба против дрога за која обвинителите се пожалија дека била пробиена е акцијата „Планина“ од март 2021 година. Во две синхронизирани акции во скопското село Грчец и во Гази Баба беа уапсени вкупно 21 лица. Фатени биле само продавачите, но шестемина главни нарко-босови по кои се трагало избегале уште претходно. Биле запленети над 80 илјади евра, 5 килограми марихуана и 600-700 грама кокаин, и тоа најголемиот дел во Гази Баба, а само мал дел во Грчец. Поранешната обвинителка за борба против организираниот криминал и корупција Вилма Русковска тогаш рече дека акцијата била пробиена.

„Имавме сознанија каде се чува дрогата, но сѐ беше исчистено и припадниците на полицијата и инспекторите не успеаја да пронајдат поголема количина“, рече таа.

Русковска тогаш изјави дека немаат сознанија кој ги дал информациите за акцијата да биде пробиена.

Седуммина од уапсените признаа вина и се спогодија со обвинителството за затворски казни од 3 до 4,5 години. МВР објави меѓународни потерници по шестемина избегани нарко-босови.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG