Достапни линкови

„Платата е многу подобра“: Илјадници работници од Казахстан на печалба во Јужна Кореја


илустрација
илустрација

Пред пет години Бактибаи Кузахметов го напушти своето село Талдибулак во југоисточен Казахстан и замина на печалба во Јужна Кореја за да се грижи за своето семејство.

Триесет и петгодишниот Казахстанец вели дека секој месец дома испраќа околу 2570 долари, средства значително повисоки од просечната месечна плата која во оваа централноазиска земја изнесува 720 долари. Со парите, неговото семејство веќе купило куќа и автомобил.

Остатокот од платата на Кузахметов оди за кирија, храна и други трошоци за живот во Јужна Кореја. Тој вели дека не било тешко да најде добро платена работа во оваа земја, иако признава дека честопати работата била тешка и физички напорна.

„Прво работев градежништво, а потоа транспортирав лубеници во стаклени градини. Една од моите неодамнешни чудни работи беше носење вреќи со цемент до врвот на планина. Ми платија околу 150 долари за три часа работа“, раскажува Кузахметов.

Овој работник тврди дека неквалифицираните мигранти, како него, можат да заработат помеѓу 100 и 320 долари дневно во Јужна Кореја.

Јужна Кореја е една од најпопуларните дестинации за работниците мигранти од Казахстан, каде сиромаштијата останува широко распространета и покрај изобилството на енергетски ресурси во земјата.

Властите во Сеул проценуваат дека има најмалку 9000 казахстански државјани кои работат илегално во Јужна Кореја. Други велат дека бројката е всушност многу поголема, или околу 20 000. Многу мигранти велат дека го напуштиле Казахстан поради ниските плати.

Договорот потпишан меѓу Астана и Сеул во 2014 година им овозможува на граѓаните на Казахстан да влезат во Јужна Кореја без визи и да останат во земјата како туристи до 30 дена. Многумина го надминаа тој период и незаконски се вработија во градежништвото, земјоделството или услужната индустрија, меѓу другото.

Многу мигранти кои зборуваа за РСЕ велат дека се задоволни со релативно високите плати што ги заработуваат во Јужна Кореја. Сепак признаваат дека илегалните мигранти немаат права или законска заштита и често стануваат жртви на експлоатација.

Кузахметов вели дека неговиот брат, кој отишол со него во Јужна Кореја во мај 2018 година, бил приведен и депортиран од јужнокорејските власти само две недели по истекот на неговиот безвизен престој.

Нема правна заштита

„Илегалните работници мигранти не можат да добијат здравствено осигурување и кога ќе се повредат, лекувањето е многу скапо. Некои од нив не бараат медицински третман кога ќе се разболат бидејќи без осигурување е прескапо и одзема премногу време“, вели Лазат Курбаналикизи, мигрантка од Казахстан.

Taa ги предупредува луѓето внимателно да ја проучат реалноста пред да го напуштат Казахстан и да станат илегални мигранти и да не се намамат со погрешни видеа на социјалните мрежи за правење „лесни пари“ во Јужна Кореја.

Технолог по професија, Курбаналикизи пристигна во Јужна Кореја пред три години, оставајќи ја својата престижна, но ниско платена работа како универзитетски професор во јужниот град Тараз.

Курбаналикизи рече дека причина за нејзината одлука била мизерната плата, која како што вели била „едвај доволна да се врзе крај со крај“.

Педесет и двегодишната поранешна професорка сега работи во градежништво и се занимава со физичка работа.

Вообичаени стапици

Но, наоѓањето работа не е секогаш лесно во Јужна Кореја, особено за жените, рече таа.

„Овде на почетокот ми беше тешко. Првиот месец не можев да најдам работа. Имаше луѓе кои ветија дека ќе помогнат, но наместо тоа ме измамија. Често слушам слични приказни и од други луѓе“, признава Курбаналикизи.

Имаше случаи во кои казахстанските работници не можеа да ги бараат своите плати од јужнокорејските работодавци кои едноставно одбиле да им ги исплатат по неколкумесечна работа, искористувајќи ја чувствителната ситуација на илегалните мигранти. Плашејќи се од затвор или депортација, илегалните работници не се жалат во полиција.

Некои работници и политичари ја повикаа владата во Астана да се обиде да обезбеди договор со Сеул кој ќе им дозволи на Казахстанците да добијат легални работни дозволи во Јужна Кореја.

Во април, Илјас Испанов, тогашен вршител на должноста претседател на Државниот комитет за миграција, рече дека Јужна Кореја предложила Казахстан да се приклучи на системот за дозволи за вработување, за да се справи со проблемот со илегалната работна сила од оваа централноазиска земја која е во пораст.

Системот на дозволи е програма за нискоквалификувани странски работници кои работат во Јужна Кореја во сектори како што се земјоделството, градежништвото и производството.

Казахстанското Министерство за труд за Радио Слободна Европа изјави дека сѐ уште се водат преговори меѓу двете влади, иако земјите сѐ уште не постигнале договор. Во меѓувреме, илјадници Казахстанци продолжуваат да работат илегално во Јужна Кореја.

„Сумата на пари што ја заработив само за четири дена во Јужна Кореја во Казахстан ја добивав за цел месец“, ни рече 27-годишниот Абзал Сматула.

Дипломиран на Евроазискиот национален универзитет во Астана, Сматула работи како заварувач и градинар откако пристигнал во Јужна Кореја во 2019 година.

Сматула рече дека меѓу илегалните работници од Казахстан во Јужна Кореја има многу со високо образование, има лекари и наставници.

Многумина од нив велат дека во одреден момент планираат да се вратат во Казахстан.

XS
SM
MD
LG