Достапни линкови

Нема гаранции, има закани


Брисел со јасна порака: нема гаранции за Македонија дека ако ги вметне Бугарите во Уставот, ќе нема други пречки на патот кон ЕУ. А и сегашното патување во ЕУ може да биде отежнато доколку стапи во сила новиот механизам за укинување на безвизниот режим за некои држави. Њузлетер 18.04.2025

„Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.

Во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања, поврзани со идентитетот, јазикот или историја, Кос вели дека гаранции не може да има.

Кос истакнува дека најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес и оти Европската комисија работи на тоа да и помогне на земјата да ги започне преговорите по кластери. Потенцира и дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.

Малку контрадикторно, ем да не се мешаат билатерални прашања, ем да се решат билатерални прашања за да се почнат преговорите за членство. Како, кога од Софија постојано доаѓаат пораки дека само внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав не е доволно. Тоа, деновиве го изјави и бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.

Тој оцени дека освен уставните измени, европски консензус има и за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија и протоколите кои произлегуваат од него, како и Акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата.
„Сето тоа треба да биде факт, во спротивно нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците на Советот, а доколку тоа не е факт нема да може да се пристапи кон отворање на првиот Кластер, каде што се човековите права“, изјави Георгиев.

Тој е во право, бидејќи станува збор за таканаречниот „Француски предлог“, кој го прифати претходната македонска влада, предводена од СДСМ и ДУИ, но, не можеше да го спроведе бидејќи за него немаше консензус со тогашната опозиција, ВМРО-ДПМНЕ, која беше против, тврдејќи дека е штетен за државата. Во тоа време, екс премиерот Зоран Заев тврдеше дека Македонија ги почнала преговорите за членство во ЕУ, иако беше одржана само меѓувладина конференција.

Сега, новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, на неодамнешниот состанок на сестринските партии во Брисел, изјави дека е подготвен да ја жртвува сопствената политичка кариера, за да се внесат Бугарите во Уставот и Македонија да продолжи по европскиот пат, обвинувајќи ја сегашната влада за „самонаметнато вето“ и за „откажување од евроинтеграциите“.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ му одговорија: „Прво, апсурдно е токму СДМС, партијата која капитулираше пред секој услов и дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство. Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДСМ.

Така, Македонија сега се најде во ќорсокак. Новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е на став дека внесување на Бугарите во Уставот не е проблем доколку има гаранции дека нема да има други билатерални условувања на патот кон ЕУ. Сега е јасно дека такви гаранции нема, напротив.

Како натаму? Ни власта, ни опозицијата, а ни челниците на ЕУ, немаат ни одговор ни решение.

Македонските граѓани, пак, се изморени од условувањата за почеток на преговорите за членство, особено од оние кои не беа поврзани со критериумите за реформи. Знамето, името на државата...

Последното истражување на Институтот за демократија Социетас Цивилис покажа дека и натаму мнозинството граѓани, или 62 отсто поддржуваат идно членство на Македонија во ЕУ, но од нив, само 20 отсто сметаат дека уставните измени се неопходен чекор. 21 отсто сметаат дека треба да запрат преговорите со ЕУ, а исто толку сметаат дека треба да се промени преговарачката рамка.

Во меѓувреме, ЕУ се подготвува за казнување на „непослушни“

Речиси се при крај подготовките на механизмите за “ремонт“ на патувањето без визи во земјите членки на ЕУ, кои би можеле да стартуваат уште оваа есен.
Брисел ќе може полесно да го укине безвизното патување за граѓаните од 61 земја, кои моментално го уживаат, - вклучувајќи ги и сите земји кои се надеваат на членство во ЕУ од Западен Балкан, како и Грузија, Молдавија и Украина.

Во суштина, Унијата станува многу построга во врска со визната либерализација, што одразува поширока промена: прво, да се бори против секоја форма на илегална миграција во ЕУ; и второ, потенцијално да се користи визната политика како политичка алатка за притисок врз трети земји.
Значи, какви промени се веројатни?
Општо кажано, постојат четири клучни области:
Прво, визната либерализација би можела да биде суспендирана доколку се согледа недостиг на усогласеност меѓу некоја земја и општата визна политика на ЕУ.
Второ, се таканаречените хибридни закани.
Трето, ако некоја земја работи со шема за државјанство на инвеститори - дозволувајќи им на поединци да купуваат државјанство без вистинска врска со таа земја.
Четврто, и најинтересно, бидејќи се однесува на политичките односи на ЕУ со трети земји. Нацрт-законот наведува дека механизмот за суспензија може да се активира во случаи на „сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права“ или „сериозно кршење на меѓународното право и стандарди, и непочитување на меѓународните судски одлуки и пресуди“.

Ако ги прашате претставниците на ЕУ, нивното читање отсекогаш било дека постои „критериум за демократија“ кога станува збор за визната либерализација, но никогаш не било јасно наведено што точно подразбира тоа, потенцира новинарот на РСЕ Рикард Јозвиак.

А, доколку ЕУ стриктно се придржува на овие критериуми, и на некои земји членки на Унијата би требало да им биде укинат безвизниот режим, особено за непочитување на меѓународни судски одлуки. Парадоксално, нели.
--------------------------------

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG