Според првите прелиминарни резултати, објавени од страна на изборната комисија по пребројување на околу 70 отсто од избирачките единици, владејачката партија „Грузиски сон“ освои околу 53 отсто од гласовите.
Коалицијата за промени освои нешто повеќе од 11 отсто од гласовите, Единство - За спас на Грузија околу 9,8 отсто, Силна Грузија околу девет отсто и партијата За Грузија околу 8,24 отсто од гласовите.
Според првичните неофицијални податоци, останатите партии не го надминаа изборниот праг од пет проценти.
Излезноста беше речиси 59 отсто, соопшти Централната изборна комисија, односно повеќе отколку на последните два претходни избори во 2020 и 2016 година, но околу два отсто помалку отколку во 2012 година, кога на власт дојде аега актуелната Грузиски сон.
Ривалските излезни анкети дадоа различни проекции.
Едно истражување покажа дека владејачката партија, која неодамна се сврте кон проруска реторика, победува лесно, а две други анкети покажаа дека опозицијата ќе освои мнозинство, наведува Ројтерс.
Излезната анкета на ТВ каналот Имеди, кој го поддржува Грузискиот сон, покажа дека владејачката партија освоила 56 отсто од гласовите. Но, излезните анкети на проопозициските канали Формула и Мтавари Арки покажаа дека прозападните опозициски партии би можеле да формираат мнозинство. Сите три телевизиски канали ги прикажаа кандидатите и позициите и опозицијата како аплаудираат и слават.
Милијардерот Биџина Иванишвили, основач на владејачката партија и поранешен премиер, беше првиот што прогласи победа.
„Редок случај во светот е иста партија да повтори таков успех во ваква тешка ситуација - тоа е добар показател за талентот на грузискиот народ. Ве уверувам дека нашата земја ќе постигне голем успех во следните четири години“, рече Иванишвили само неколку минути по затворањето на гласачките места.
Лидерот на коалицијата „За промени“ , Ника Гварами е убеден во поразот на Грузиски сон.
„Овие излезни анкети не ги земаат предвид гласовите на дијаспората. Нема да бидат неколку гласови, ќе бидат до 100.000 гласови. Руското владеење во Грузија заврши. Се надевам дека Иванишвили го разбира тоа и се надевам дека тој ќе донесе соодветна одлука и нема да го попречува мирот во општеството, тоа е подобро за него“, рече Гварами.
Еден од лидерите на „Единство“, Георгиј Вашадѕе и ја честиташе победата на опозицијата.
„Денес грузискиот народ рече дека нивниот избор е европската интеграција. Ќе формираме коалициска влада што ќе ја внесе Грузија во ЕУ што е можно поскоро. Сите ќе живееме достоинствено во нашата земја“, рече Вашадѕе.
Шефот на грузиското опозициско Обединето национално движење, Тина Бокучава, за Ројтерс изјави дека владејачката партија Грузиски сон „ги загуби парламентарните избори во земјата и треба да го признае поразот и да се повлече“.
Лидерот на опозициската партија „За Грузија“ Георги Гакарија ја повика опозицијата да се фокусира на заштита на гласовите.
„Мораме да престанеме да славиме и да ги заштитиме гласовите од сите избирачки места. Се зависи од гласовите на секое избирачко место, а потоа ќе можеме вистински да славиме“, рече тој.
Грузискиската претседателка Саломе Зурабишвили, поранешен сојузник на владејачката партија, која стана жесток критичар на владејачката партија, рече дека „европска Грузија победува со 52 отсто и покрај обидите за фалсификување на изборите и без гласовите на дијаспората“.
Избирачките места во Грузија беа затворени во 20 часот.
Грузијците избираат 150 претставници меѓу кандидатите од 18 партии. Доколку ниту една партија не ги освои 76-те места потребни за формирање влада, претседателот, според Уставот, ќе ја покани најголемата партија да формира коалиција.
Како помина предизборната кампања
И партијата Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, и опозицијата изјавија дека сакаат да влезат во ЕУ.
Сепак, Брисел претходно оваа година го суспендираше процесот за членство на земјата, која има околу 3,8 милиони жители и граничи со Русија, откако владејачката партија усвои закони кои ја задушуваат слободата на говорот.
Владејачката партија Грузиски сон ги опиша изборите како избор помеѓу мир и војна, велејќи дека ако опозицијата победи, таа ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.
Опозицијата го оквалификуваше гласањето како избор меѓу Западот и Русија и меѓу демократијата и авторитаризмот, наратив што го повторија официјални лица во САД и Европа кои го критикуваа Грузиски сон за демократско назадување.
Пријавени се некои инциденти, иако Натија Хоселиани, портпаролката на изборната комисија, претходно за медиумите изјави дека по „мали технички пропусти“ процесот се одвивал „мирно“ на сите 3111 избирачки места.
Дописникот на Радио Слободна Европа од оваа земја јави за инцидент во јужниот град Марнеули, каде што член на опозициската партија наводно бил претепан од претставник на Грузискиот сон на избирачко место.
Во Рустави, град на дваесетина километри југоисточно од Тбилиси, дописникот на Радио Слободна Европа, Давит Мчедлиџе, бил вербално малтретиран и спречен да ја врши својата работа на гласачкото место од неидентификувани лица кои се обиделе да му го земат телефонот.
Сведокот за РСЕ изјави дека на гласачкото место имало непознати лица, што е спротивно на законот. Иако била повикана полиција, никој не пристигнал, изјави сведокот за РСЕ.
Новиот изборен систем значи дека партиите или коалициите мора да го поминат прагот од пет проценти за да влезат во парламентот. Ова ги мотивираше грузиските опозициски партии да формираат коалиции за да имаат разумни шанси да го поминат изборниот праг.
Партијата Грузиски сон е основана од поранешниот премиер Бидзина Иванишвили, милијардер и најбогат човек во Грузија. Кремљ не крие дека навива за победа на Грузиски сон.
По гласањето, Иванишвили ги повика Грузијците да гласаат што е можно поголем број, додека ја обвини опозицијата дека е во служба на неименувана „странска држава“ која ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.
„Грузија, грузиски народе, грижете се за вашата земја или изберете агент на странска држава кој ќе извршува само наредби од странство“, рече Иванишвили, додавајќи дека Грузија тогаш ќе се соочи со „катастрофа и урнатини“.
Премиерот Иракли Кобакиџе по гласањето рече дека е оптимист оти Грузиски сон ќе освои околу 60 отсто од гласовите, без да го објасни својот оптимизам.
„Ова е референдум меѓу војната и мирот, меѓу неморалната пропаганда и традиционалните вредности. Ова е референдум меѓу темното минато и светлата иднина на земјата“, рече тој.
Кобакиџе одби да одговори на прашањето за трансфер на власта во случај на победа на опозицијата.
Анкетите покажуваат дека повеќето Грузијци го поддржуваат влезот во Европската унија и НАТО, но исто така сакаат да избегнат конфликт со Русија и се длабоко конзервативни за прашања како што се правата на ЛГБТ+припадниците.
Меѓу контроверзните нацрт-закони усвоени од Грузиски сон е нацрт-законот со кој се бара од групите кои добиваат 20 или повеќе проценти од своето финансирање од странство да се регистрираат како „странски агенти“.
Противниците го нарекоа „руски закон“, опишувајќи го како авторитарен и инспириран од слични закони што се користат за потиснување на несогласувањето во Русија.
Донесувањето на законот претходно оваа година предизвика масовни протести и ги поттикна Соединетите Држави да воведат санкции за неколку Грузијци и да се заканат дека ќе ја прекинат помошта за Тбилиси.
Европската Унија може да размисли за привремено суспендирање на својот безвизен режим со Грузија, доколку изборите „не бидат слободни и фер“, рече амбасадорот на ЕУ во Тбилиси во септември.
Други контроверзни закони ги ограничуваат правата на хомосексуалците.
Четирите опозициски партии кои најверојатно ќе го надминат изборниот праг од пет проценти се Единство за спас на Грузија, коалиција предводена од поранешната владејачка Обединето национално движење (ЕНМ), Коалиција за промени, главно составена од поранешни ограноци на ЕНМ, Силна Грузија, идеолошки широка коалиција која се обиде да се позиционира ниту како ЕНМ, ниту како Грузиски сон, и За Грузија, партија која се отцепи од Грузиски сон.
Во кампањата, тие го насочија својот наратив кон владејачката партија, а не меѓу себе, со заедничка цел да се стави крај на 12-годишното владеење на Грузиски сон и да се оживее заостанатиот обид на Грузија за пристапување во Европската Унија.
Тие се согласија дека ако победи опозицијата, ќе му дозволат на претседателката Саломе Зурабишвили да формира технократска влада која ќе ги врати добрите односи со Западот и ќе ги укине најавторитарните закони што Грузискиот сон ги донесе пред кампањата. Зурабишвили, чија улога е главно церемонијална, беше во Грузиски сон, но стана жесток критичар на партијата.
Грузија за прв пат користи нов електронски систем за броење гласови - со хартиена резервна копија.