Достапни линкови

Во кампањата за реизбор, грузиската владејачка партија игра на карта на Украина


Билборд за владејачката партија Грузиски сон во центарот на Тбилиси. Под левата фотографија пишува „нема војна“. Под фотографијата на десната страна пишува „избери мир“
Билборд за владејачката партија Грузиски сон во центарот на Тбилиси. Под левата фотографија пишува „нема војна“. Под фотографијата на десната страна пишува „избери мир“

Грузиската владејачка партија ги прикажува претстојните избори како егзистенцијален избор: меѓу војна и мир.

Меѓутоа, за владините критичари, она што владата го ветува не е мир, туку капитулација пред нивниот непријател, Русија.

Пред парламентарните избори на 26 октомври, новата рекламна кампања на партјата „Грузиски сон“ ги спојува црно-белите слики на разурнатата од војна Украина со слики во боја на просперитетна, мирна Грузија.

Булевар со урнатини во Украина е прикажан веднаш до неодамна реновираната авенија Чавчавадѕе во Тбилиси. Бомбардираниот украински фудбалски стадион е контраст на една од многуте спортски арени изградени од актуелната владејачка партија во Грузија. Под сликите од Украина стои натписот „Без војна“, а под грузиските „Избери мир“.

Кампањата шокираше многу Грузијци кои почувствуваа дека преку неа се обвинуваат Украинците за инвазијата.

„Никогаш не сум видел нешто толку срамно, толку навредливо за нашата култура, традиции, историја и верувања“, напиша на Фејсбук претседателката Саломе Зурабишвили, остар критичар на Грузиски сон.

Руско-грузиска војна

Руските трупи ја нападнаа Грузија во петдневна војна во 2008 година, и оттогаш Москва воено и дипломатски ги поддржува отцепените власти на грузиските територии Абхазија и Јужна Осетија во, како што велат Грузијците, окупација на нивната територија.

Додека лидерите на Грузиски сон ретко ја спомнуваат темата за Русија експлицитно, еден од нивните аргументи за четврти мандат на власт е дека тие се единствената партија способна да управува со тешките односи со нивниот северен сосед.

„На 26 октомври ќе одлучиме меѓу војна и мир“, рече Биѕина Иванишвили, основач и сè уште де факто лидер на Грузискиот сон, на митингот на 8 септември.

Ветувањето за мир беше централно во пораките на Грузиски сон и Иванишвили откако тие првпат дојдоа на власт по победата на парламентарните избори во октомври 2012 година. Токму за време на претходната влада, предводена од претседателот Михаил Саакашвили, Грузија претрпе пораз во војната за Јужна Осетија во 2008 година.

Внимателен пристап кон Русија

Клучен елемент на пораката на Иванишвили во кампањата во 2012 година беше да го обвини Саакашвили за провокација на руската инвазија. По доаѓањето на власт, Грузиски сон бараше помалку конфронтирачки односи со Кремљ, кој многумина во опозицијата го сметаа за ефективно проруски.

Денот на независноста на Грузија одбележан со масовен протест
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:03 0:00

Мировниот наратив на Грузиски сон се засили по целосната инвазија на Украина од страна на Русија во 2022 година, кога грузиските лидери усвоија длабоко внимателен пристап, одбивајќи да го критикуваат рускиот напад и честопати навлегувајќи во антиукраинската реторика.

Имаше повици од Киев и други места, во кои се бараше Грузија да го преземе својот дел во пошироката борба против Русија, со отворање на „втор фронт“ против руските сили во отцепените грузиски територии Абхазија и Јужна Осетија. Со текот на времето, грузиските власти ги обликуваа тие спорадични апели во светски заговор, кој го нарекоа „глобална воена партија“, чија цел е да ја вовлече Грузија во војна.

Сега, со наближувањето на парламентарните избори, Грузиски сон уште поблиску ги става во центарот на вниманието прашањата за војна и мир.

Партијата навести дека ќе може да ја врати контролата врз нејзините отцепени територии Абхазија и Јужна Осетија.

„Имаме две национални задачи, тоа е да го вратиме територијалниот интегритет и да ја елиминираме сиромаштијата во нашата земја. Целата наша програма е насочена кон исполнување на овие две национални задачи“, рече премиерот Иракли Кобахдиѕе на настанот на 8 октомври за објавување на платформата на партијата.

Иако тој не даде конкретни детали за тоа како територијата ќе биде вратена, тој рече дека тоа ќе биде „остварено во пресрет на промената во регионалната политичка ситуација“.

Ваквата реторика навлегува во широко распространето, но според аналитичарите, нереално верување меѓу Грузијците, дека Москва ќе се откаже од својата поддршка на сепаратистичките де факто држави во замена за Тбилиси да се откаже од својата западна геополитичка ориентација.

Руска поддршка за Грузиски сон

Самиот Иванишвили ги подгреа тие гласини со тоа што неодамна сугерираше дека Грузијците треба да им се извинат на Осетијаните за војната во 2008 година и имплицирајќи дека западните сојузници на Саакашвили биле тие што го турнале да ја започне војната. Токму Обединетото национално движење на Саакашвили останува најголемата опозициска партија во Грузија.

Исто како што Соединетите Држави и Европската Унија јасно ставија до знаење дека се залагаат за пораз на Грузиски сон, Русија отворено се изјасни за победа на владејачката партија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја пофали владата на Грузија токму за потезите што ги вознемирија западните партнери на Тбилиси, како што се усвојувањето закони за „странски агенти“ и борбата против „ЛГБТ пропагандата“.

Сепак, изјавите на Лавров за потезите на Грузија во однос на Абхазија и Јужна Осетија беа нејасни. Додека тој ја пофали понудата на Иванишвили за извинување, тој подоцна му рече на де факто министерот за надворешни работи на Јужна Осетија дека „одлуките од 2008 година нема да се променат“, мислејќи на формалното признавање на независноста на Јужна Осетија и Абхазија од страна на Москва во таа година.

Тешките геополитички влогови на изборите ги поттикнаа стравувањата дека Русија би можела да интервенира во случај на резултат што не и се допаѓа, нешто што постојано го правела низ постсоветскиот свет.

„Срамно“ и „одвратно“

Самата Русија ги поттикна тие стравови. Во август, руската служба за надворешно разузнавање (СВР) објави соопштение во кое предупредува дека Соединетите Држави се обидуваат да предизвикаат сценарио „Мајдан“ во Грузија и да ја инсталираат опозицијата на власт дури и ако Грузиски сон победи на изборите. Веднаш по револуцијата на Мајдан во Украина во 2013-2014 година, Русија го анектираше Крим и го поттикна сепаратизмот во источна Украина.

„Соединетите Држави се обидуваа да не дозволат „здрави, национално ориентирани сили“ да имаат моќ во Грузија“, им рече на новинарите на 3 октомври шефот на СВР Сергеј Наришкин.

Предизборни билборди во Тбилиси
Предизборни билборди во Тбилиси

Но, додаде тој, „сигурен сум дека грузискиот народ ќе го направи вистинскиот избор .

Кога Грузиски сон ги објави рекламите „Без војна“, украинското Министерство за надворешни работи се спротивстави, како и амбасадорот на ЕУ во Грузија, Павел Херчински, кој ги нарече рекламите „безобразни“, „срамни“ и „одвратни“.

Но, рекламите сега се сеприсутни низ Тбилиси: на билбордите, на автобусите и во метрото. Телевизиските реклами, кои ги пренесуваат сликите со драматична музика, се прикажуваат и на провладините станици.

Група проопозициски медиуми, сепак, одбија да ги емитуваат.

„Немаме намера да ја поддржуваме, дури и индиректно, руската пропаганда на Грузиски сон или исмејувањето на украинскиот народ“, се вели во заедничкото соопштение на дел од опозициските медиуми.

XS
SM
MD
LG