Достапни линкови

Тепања и апсења во Грузија, продолжуваат протестите против контроверзниот закон


Протести против законот за „странски агенти“ во Грузија, мај 2024 година
Протести против законот за „странски агенти“ во Грузија, мај 2024 година

Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека е отворена истрага за нападот на тројца демонстранти, од кои еден е опозициски политичар, за време на собирот против таканаречениот закон за „странски агенти“ во Тбилиси доцна на 8 мај.

Министерот за внатрешни работи Вахтанг Гомелаури на 9 мај рече дека нападите на неидентификувани напаѓачи врз специјалистот за меѓународни односи Гиа Јапариѕе, активистот Лаша Гвинианиѕе и Димитри Чиковани, член на опозициската партија Национално движење, ќе бидат целосно истражени и дека ги осудува „сите видови напади“.

Неделните протести против она што критичарите го нарекуваат „рускиот закон“ од законодавството наметнато од владејачката партија Грузиски сон и покрај широко распространетата лутина од поголемиот дел од земјата, беа дочекани со тешки полициски акции за растерување на толпата, додека цел на насилници беа демонстрантите.

„Се случи напад, за жал повредени се луѓе“, рече Гомелаури.

Полицијата пак објави дека шестмина демонстранти кои учествувале во собири против таканаречениот закон за „странски агенти“ се приведени поради наводни прекршоци за вознемирување на јавноста, објави полицијата на брифингот на 9 мај.

Шестмината се обвинети за напад на полицаец и оштетување на приватен имот, изјави на брифингот началникот на полицијата во Тбилиси, Сулхан Тамазашвили.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Десетици илјади Грузијци кои излегоа на улиците во Тбилиси и други градови се соочија со насилни репресии од страна на полицијата за немири, кои вклучија хемиски спреј и солзавец, водени топови и наводна употреба на гумени куршуми врз демонстрантите и новинарите.

Владата негираше употреба на гумени куршуми, но неколку демонстранти покажаа рани во согласност со оние нанесени од такви проектили.

Новинар покажува повреда за која вели дека е од гумен куршум на полицаец за време на протестите во Грузија
Новинар покажува повреда за која вели дека е од гумен куршум на полицаец за време на протестите во Грузија

Тамазашвили за медиумите на 9 мај изјави дека еден од приведените, наводно, фрлил тап предмет врз службеник за спроведување на законот за време на протестот на 16 април, што предизвикало повреда на окото. Тој додаде дека за време на истиот протест на 16 април, еден учесник наводно оштетил полициско возило.

Уште три лица се обвинети дека ги оштетиле надзорните камери за време на митинзите на 1 и 2 мај, додека друго лице наводно ја оштетило влезната врата на парламентот и фрлило камен во дворот на парламентот, при што биле повредени пожарникар и припадник на спасувачките служби.

„Уште три инциденти се под истрага“, рече Тамазашвили, додавајќи дека сè уште нема уапсени во врска со нив.

Во последните протести, Грузијците демонстрираа во градовите низ целата земја на 8 мај. По острата полициска акција на претходните протести во Тбилиси, помалите собири во Зугдиди, Кутаиси и Гори се одржаа без инциденти.

Еден од организаторите на протестот, Звиад Цецхладѕе, рече дека противниците на законот создале група која ќе се обиде да обезбеди финансиска поддршка на поединци, кои се отпуштени од нивните работни места во јавните служби поради нивното противење.

Контроверзниот предлог-закон вели дека медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат како да „ги спроведуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Владата инсистира дека законот е во согласност со стандардите на ЕУ и има за цел само да ја зголеми „транспарентноста“ и да го спречи „штетното странско влијание“ на политичката сцена во земјата.

Хјуман рајтс воч го отфрли тој став на 9 мај, велејќи дека ги загрозува основните права во земјата.

„Грузиските парламентарци и владини претставници формално го бранат нацрт-законот како обезбедување транспарентност, но тие не ја кријат неговата намена“, рече Хју Вилијамсон, директор на организацијата за заштита на правата за Европа и Централна Азија.

„Со етикетирање на независни групи и медиуми дека им служат на странски интереси, тие имаат намера да ги маргинализираат и задушат критичките гласови во земјата кои се основни за секоја функционална демократија“.

Законодавството се очекува да се соочи со третото и последно читање што би можело да дојде веќе на 13 мај, при што владејачката партија Грузиски сон и неговите сојузници навидум доволно гласови за да го носат законот и потенцијално да го отфрлат ветото што го вети претседателот Саломе Зурабишвили.

Водачите на Европската Унија велат дека спроведувањето на законот негативно ќе влијае на надежите на Грузија за евентуално членство во ЕУ, а осуда стигна и од Соединетите Држави - најголемиот поддржувач на поранешната советска република во последниве години.

XS
SM
MD
LG