Достапни линкови

Вести

Грузија предупредува на лажни снимки за предизвикување немири пред изборите

Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.
Предупредувањето за лажни видео и аудио снимки гo нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Грузиските безбедносни претставници во средата издадоа предупредување за наводен план за дистрибуција на лажни видео и аудио снимки со цел да се предизвикаат немири пред парламентарните избори во оваа земја закажани за овој месец.

Грузиската служба за државна безбедност (СУС) соопшти дека политички поврзани групи, кои не ги идентификуваше јавно, се подготвуваат да објават лажни снимки од претставници на грузиската влада направени со помош на вештачка интелигенција и други напредни технологии, пренесе украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Предупредувањето доаѓа во време на засилени политички тензии во Грузија, особено по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ претходно оваа година, а го нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.

Во соопштението на СУС се наведува дека целта на лажните снимки е „да предизвикаат конфронтација меѓу различни гранки на власта и да се влошат нејзините односи со православната црква и западните партнери“.

СУС предупредува дека оние кои стојат зад планот имаат намера да ги прикажат лажни снимки како материјали кои протекле од самата СУС, со цел да ја дискредитираат службата и да сеат раздор во политичката структура на Грузија.

„Оваа провокација е дизајнирана да поттикне протести и да ја дестабилизира земјата заради политичка корист“, соопшти СУС, додавајќи дека внимателно ги следи активностите на инволвираните групи и ќе преземе правни мерки доколку е потребно.

Грузиските власти постојано изразуваат загриженост за потенцијалните обиди да се започне „обоена револуција“ слична на онаа позната како Евромајдан во Украина во 2014 година, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович, иако досега не се дадени конкретни докази во прилог на овие тврдења.

По усвојувањето на законот за „странски агенти“, Тбилиси беше критикуван за сè поблиските врски со Москва, додека Европската унија и САД изразија загриженост за падот на демократијата во Грузија.

Законот за „странски агенти“ беше широко критикуван дека е сличен на рускиот закон што се користи за задушување на слободата на медиумите и неистомислениците.

Во прилог на засилување на тензиите беше и тоа што претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили на 3 октомври потпиша закон за кој групите за човекови права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, наколет кон Русија, инсистира дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции.

Граѓанското општество во Грузија, пак, со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.

види ги сите денешни вести

Илјадници евакуирани во Болоња поради обилните дождови во делови од Италија

илустрација
илустрација

Неколку илјади луѓе се принудени да се евакуираат поради обилните дождови во северна Италија.

Во Болоња и околните области, над 2000 жители ја поминаа ноќта во засолништа за итни случаи или со семејството и пријателите. Неколку улици се потопени, а 20-годишен маж загина во својот автомобил во надојдените води.

Регионот Емилија Ромања, со Болоња како главен град, е погоден од невреме што предизвика штета која се проценува на неколку милиони евра.

Делови од јужна Италија, вклучително и Калабрија и Сицилија, исто така доживеаја поплави во центрите на градовите во изминатите неколку дена.

Во многу области, паркираните автомобили се однесени, а видео снимките покажуваат како скутери ги носи водата низ поплавените улици. Метеоролозите најавуваат ублажување на состојбата во наредните денови.

Хезболах истрела десетици ракети кон Израел

илустрација
илустрација

Борците на либанското милитантно исламистичко движење Хезболах денеска (21 октомври) повторно истрелаа серија ракети кон северен Израел, соопшти израелската војска.

Околу 25 проектили полетаа од Либан кон израелска територија, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ). Некои од проектилите биле пресретнати, додека други паднале на земја.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговотот политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Првично нема извештаи за штети или жртви.

ИДФ во текот на ноќта бомбардираше повеќе цели во Либан, вклучително и околу главниот град Бејрут.

Актуелниот конфликт меѓу Израел и Хезболах апочна пред една година, откако Хезболах почна да лансира ракети врз Израел како поддршка на сојузничката палестинска милитантна терористичка група Хамас.

Оттогаш, во размената на оган меѓу Хезболах и израелската војска загинаа стотици луѓе, а стотици илјади се раселени, повеќето во Либан.

Коцевски: Неосновани се тврдењата за наводно мешање во предмет

Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ
Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ

Како Јавен обвинител на Република Северна Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ, се вели во писмената изјава на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Тој вели дека контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а според него обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немале ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.

„Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам“, вели Коцевски и додава:

„Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! “, се вели во изјавата на обвинителот Коцевски.

Инаку, претходно вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи тврдеше дека државниот обвинител Љупчо Коцевски наводно му рекол да внимава каква одлука ќе се донесе за предметот со бонусите на СЈО бидејќи партијата ВМРО-ДПМНЕ која поднесе жалба за одлуката на обвинителството раководено од Ислам Абази, не била оштетена странка.

Коцевски додава дека до крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение.

Почина Фетула Ѓулен, ривалот на Ердоган

Фетула Ѓулен во својот дом во САД
Фетула Ѓулен во својот дом во САД

Турскиот верски водач Фетула Ѓулен, за кого Анкара тврди дека го организирал неуспешниот пуч во 2016 година, почина во САД на 83-годишна возраст, објавија во понеделник турските медиуми и веб-страницата поврзана со Ѓулен.

Ѓулен изгради влијателно исламско движење во Турција и пошироко, но последните години ги помина обвинет за организирање на обидот за државен удар против турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, што тој го негираше.

Веб-страницата Херкулес која ги објавува предавањата на Ѓулен, на својот профил Х објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болница каде што бил на лекување.

Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но двајцата се разделија.

Ердоган го сметаше за одговорен за обидот за државен удар во 2016 година, во кој одметнати војници подигнаа воени авиони и хеликоптери и лансираа тенкови. Во обидот за преземање на власта загинаа близу 250 луѓе.

Ѓулен живееше во самонаметнат егзил во САД од 1999 година.

Според неговите следбеници, движењето на Ѓулен - познато како „Хизмет“ што значи „услуга“ на турски - има за цел да шири умерен бренд на исламот кој промовира образование во западен стил, слободни пазари и меѓуверска комуникација.

По неуспешниот пуч, неговото движење систематски беше задушено во Турција, а неговото влијание се намали на меѓународно ниво.

Познат меѓу неговите поддржувачи како Хоџафенди, или почитуван учител, Ѓулен е роден во село во источната турска провинција Ерзурум во 1941 година. Син на имам, односно исламски проповедник, од детството го учел Куранот. Во 1959 година, Ѓулен беше назначен за имам на џамија во северозападниот град Едрене и почна да се истакнува како проповедник во 1960-тите во западната провинција Измир, каде што основаше студентски домови и одеше во чајџилници за да проповеда.

Овие студентски куќи го означија почетокот на неформалната мрежа која ќе се прошири низ образованието, бизнисот, медиумите и државните институции во наредните децении, давајќи им на своите поддржувачи големо влијание. Ова влијание се прошири надвор од границите на Турција во турските републики од Централна Азија, Балканот, Африка и Западот преку мрежа на училишта, пишува Ројтерс.

Анкара долго време бара негова екстрадиција од САД.

Остин пристигна во посета на Киев

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска (21 октомври) пристигна во украинскиот главен град Киев, пренесуваат странските агенции, истакнувајќи дека тоа е израз на американската поддршка за Украина нешто повеќе од две недели пред претседателските избори во Соединетите Држави на 5 ноември.

Се очекува министерот детално да разговара за американската помош за Киев во одбраната од руските сили кои напредуваат во источна Украина.

Во меѓувреме, Остин објави дека ветениот ракетен одбранбен систем ТААД (THAAD - Terminal High-Altitude Area Defense) на Израел сега е „испорачан на земјата“.

„Подготвени сме многу брзо да го пуштиме во функција и се оди според нашите очекувања“, изјави Остин.

Грузиската претседателка Зурабашвили даде поддрша за членството на земјата во ЕУ

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили вчера (20 октомври) на собирот на илјадници поддржувачи пред парламентарните избори испрати порака за поддршка за членство во ЕУ.

Таа порача дека собраните на централниот плоштад во Тбилиси ја претставуваат слободна Грузија.

„Овде денеска се општеството и луѓето, Грузијците, кои одат во Европа“, рече Зурабишвили, која ја повика толпата да гласа против партијата Грузиски сон.

Како што јавуваат странските агенции, изборите закажани за 26 октомври може да се сметаат за тест дали Грузија ќе се врати во руската орбита или ќе ја задржи својата прозападна ориентација.

ЕУ минатата година и додели на Грузија кандидатски статус за членство, но односите значително се влошија откако партијата Грузиски сон го усвои законот за „странски агенти“ во мај, што според критичарите е доказ за свртување кон Русија.

Поддржувачите на четирите главни прозападни опозициски групи, кои ќе одат на избори следниот викенд, се собраа вчера на Плоштадот на слободата во грузискиот главен град.

Зурабишвили, која има главно церемонијални овластувања, беше избрана во 2018 година со поддршка на партијата Грузиски сон, но оттогаш стана една од нејзините најжестоки критичари. Таа се обиде да посредува до договори меѓу опозициските групи за да го собори Грузиски сон, за кој критичарите во Грузија велат дека ги нарушува изгледите на земјата за членство во ЕУ.

Анкетите покажуваат дека Грузиски сон сè уште е најпопуларна партија во земјата, иако изгуби одредена поддршка од 2020 година, кога освои речиси 50 отсто од гласовите и тесно парламентарно мнозинство.

Амнести интернешнал бара од европските земји да не му продаваат оружје на Израел

илустрација
илустрација

Меѓународната организација за заштита на човековите права, Амнести интернешнал, изрази загриженост за продолжувањето на продажбата на оружје од европските земји на Израел, повикувајќи на целосно „ембарго на оружје“ поради „сериозно кршење на човековите права“.

Државите треба еднострано да воведат ембарго врз Израел што ќе вклучува не само оружје и системи кои доаѓаат од нивните држави, туку и запирање на учеството во синџирите на снабдување со системи за оружје што на крајот завршуваат во Израел, рече Патрик Вилкен, советник за политика за контрола на оружјето, рече Патрик Вилкен, советник за политика за контрола на оружјето на Амнести интернешенел и истражувач за човекови права.

Европските земји се потписнички на Договорот за трговија со оружје од 2013 година, кој им забранува да дозволуваат трансфер на оружје што би можело да се користи во напади врз цивилни цели.

Вилкен ја истакна важноста од почитување на меѓународните правни обврски, вклучително и Договорот за трговија со оружје, за да се спречи трансферот на оружје во конфликтните зони и да се запазат принципите за заштита на човековите права.

Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), САД се најголемиот снабдувач на оружје за Израел. Германија е најголемиот снабдувач на оружје на Израел во Европа, соопшти СИПРИ.

Најмалку 12 повредени во руски воздушен напад врз Харкив

илустрација
илустрација

Во руски воздушен напад врз украинскиот град Харкив биле повредени 12 лица, соопшти локалната полиција.

„Во 03:00 часот во Харкив се повредени 12 лица во руско гранатирање. Националната служба за безбедност во регионот Харков постојано работи, истражителите добиваат изјави од жртвите за материјална штета“, се наведува во соопштението на полицијата.

Според првичните податоци, руската армија го нападнала Харкив со наведувани воздушни бомби КАБ-250.

Локалната полиција соопшти дека нејзини припадници ќе ги чуваат оштетените куќи додека комуналните служби не ги поправат сите прозорци.

САД ќе истражуваат наводно објавување доверливи планови на Израел за напад на Иран

САД - Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави
САД - Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави

Соединетите Американски Држави (САД) наскоро ќе го истражат протекувањето високо доверливи разузнавачки документи кои ги опишуваат подготовките на Израел за одмазднички напад против Иран, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД на 20 октомври.

Документите со датуми од 15 и 16 октомври, првично беа објавени на апликацијата за пораки Телеграм во петокот(18 октомври), објави редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).

Документите се означени со „строго доверливо“ и имаат ознаки што укажуваат дека можат да ги видат само САД и другите членки на алијансата „Пет очи“ - Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија, пренесе Си-Ен-Ен.

Се чини дека документите ги опишуваат израелските воени подготовки за напад врз Иран.

Во еден од документите се наведува дека материјалот е составен од американската Национална геопросторна разузнавачка агенција (НГА).

Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, потврди за Си-Ен-Ен дека истрагата е во тек и ќе биде информиран за неа за неколку часа.

Пентагон соопшти дека ги истражува извештаите.

Од НГА не се изјаснија за случајот.

„Њујорк тајмс“ објави дека американските власти „се обидуваат да го утврдат изворот на протекувањето, што ги опишува воените вежби и распоредувањето на оружјето и колку тоа може да биде штетно“.

„Документите, кои нудат интерпретација на сателитски снимки, даваат увид во потенцијалниот напад на Израел врз Иран во наредните денови“, пишува „Њујорк Тајмс“.

Владини функционери и набљудувачи ширум светот рекоа дека очекуваат Израел да го нападне Иран како одмазда за иранскиот ракетен напад претходно овој месец - за што Техеран рече дека самото е одмазда за претходниот напад на Израел.

Oфицијални лица изјавија за „Њујорк тајмс“ дека документите не се сеопфатна проценка на она што Вашингтон го знае за плановите на Израел и го претставува само она што може да го утврдат аналитичарите кои гледаат сателитски снимки.

Германската полиција уапси Либиец за планиран напад врз амбасадата на Израел

Германија - Амбасадата на Израел во Берлин, 20 октомври 2024 година.
Германија - Амбасадата на Израел во Берлин, 20 октомври 2024 година.

Во Германија е успсен државјанин на Либија, осомничен за врски со екстремистичката група Исламска држава, кој наводно планирал да ја нападне израелската амбасада со огнено оружје, објавија германските власти.

Полицијата и другите безбедносни сили го приведоа мажот во саботата вечерта во Бернау, мало гратче во близина на Берлин, и извршија претрес во неговиот дом, се вели во соопштението на федералното обвинителство.

Осомничениот е именуван како Омар А.

Во соопштението се наведува дека „обвинетиот разменил информации со припадник на ИСИЛ преку апликација за пораки“.

Безбедносните сили извршиле претрес и во домот на уште едно лице, кое е сведок, а не осомничен, се додава во соопштението.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесар изјави дека германските безбедносни власти „реагирале навреме за да спречат можни планови за напад“ врз израелската амбасада.

„Ова покажува дека заштитата на еврејските и израелските институции во оваа земја е од витално и од клучно значење за нас“, додаде Фезер.

Агенцијата ДПА јави дека израелскиот амбасадор Рон Просор им се заблагодарил на германските безбедносни агенции.

Во известувањето на германските медиуми за случајот, меѓу другото, беше наведено дека дојава за можен напад дошла од разузнавачка агенција.

Значително зголемување на антисемитските инциденти е забележано во Германија по 7 октомври 2023 година, кога Хамас, организација окарактеризирана како терористичка од САД и ЕУ, го нападна Израел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG