Затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили предупреди на страшни последици доколку владејачката партија Грузиски сон победи на претстојните парламентарни избори во Грузија.
„Очекувам провокации во наредните денови, вклучително и за време на изборите и деновите по нив“, изјави Саакашвили за грузискиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) во интервју од затворот.
На 26 октомври во Грузија ќе се одржат парламентарни избори по кои Грузиски сон може да го продолжи своето владеење. Опозициските партии, вклучително и Обединетото национално движење основано од Саакашвили, рекоа дека тоа би можело да ја попречи демократијата во Грузија, предупредување кое одекна во западните држави.
Грузиски сон донесе закон со кој се ограничува активноста на невладините организации и медиумите кои добиваат странски средства и закон против, како што ја нарекува, „ЛГБТ пропагандата“.
Оваа партија вети и дека ќе ги забрани сите поголеми опозициски партии доколку победи на изборите.
Овие и други потези ги поттикнаа Брисел и Вашингтон да преземат казнени мерки. Европската унија (ЕУ) го замрзна пристапот на Грузија во унијата, додека Вашингтон санкционираше некои од највисоките функционери на Грузија и подготви посебен пакет финансиски санкции против основачот сè уште де факто лидер на партијата, Бидзина Иванишвили.
Грузиски сон ги постави претстојните избори како егзистенцијален избор: меѓу војна и мир. Дел од партиската кампања вклучува постери со црно-бели фотографии на Украина разурната од војната и фотографии во боја на просперитетна, мирна Грузија.
Иванишвили, исто така, предложи Грузија да се извини за војната со Русија во 2008 година.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја пофали владата на Грузија токму за потезите што ги вознемирија западните партнери на Тбилиси, како што се усвојувањето закони за „странски агенти“ и борбата против „ЛГБТ пропагандата“.
Во своето интервју за РСЕ, 56 годишниот Саакашвили рече дека Русија води „хибридна војна“ против Грузија и предвиде мрачна иднина доколку Грузиски сон ја задржи власта.
„Ако ги наместат изборите и ја преземат власта, тогаш Грузија ќе престане да постои како независна земја“, рече Саакашвили.
Тој, сепак, додаде нота на оптимизам, велејќи: „Ние сме собрани околу знамето на отпорот веќе 12 години, доаѓа нова генерација, генерација родена во Грузија која не беше ориентирана кон Русија, туку кон Европа“.
Саакашвили беше уапсен во октомври 2021 година кога се врати во Грузија од Украина, каде живееше и имаше политички улоги од крајот на неговиот втор мандат.
Тој сега отслужува шестгодишна затворска казна за злоупотреба на службената должност, обвинение што тој и поддржувачите велат дека е измислено. Саакашвили и неговите поддржувачи велат дека тој бил отруен додека бил во затвор.
Западните претставници и организации ја повикаа владата на Грузија да го ослободи Саакашвили, вклучувајќи ја и неодамнешната резолуција на Европскиот парламент што поранешниот грузиски претседател ја спомена во интервјуто за РСЕ.
„Тие бараат мое „итно и безусловно ослободување без оглед на мојата здравствена состојба, бидејќи многу добро знаат дека ме држат во заробеништво поради лажни обвиненија“, рече Саакашвили.
„Минатата година бев на работ на животот и смртта неколку месеци. Сè уште имам последици од труење“, додаде тој.
Саакашвили се пожали дека условите во затворот се тешки. „Три години не сум видел сонце, не дишам свеж воздух. Забранети ми се телефонски повици од целосно лажни причини. Со грубо кршење на законот, членови на парламентот не смеат да ме посетат,“ рече тој.
Саакашвили беше прашан и за руската војна против Украина. За време на неговиот престој во Украина, Саакшвили доби државјанство и беше гувернер на регионот Одеса во 2015-2016 година.
„Евентуалниот пораз на Русија во оваа војна е неизбежен заклучок сè додека Европа не подлегне на дефетизмот, а САД на изолационизмот. Додека тоа не се случи, Русија нема никакви шанси,“ рече поранешниот грузиски претседател.