Грузиските гласачи ќе излезат да гласаат на парламентарните избори на 26 октомври, избори кои сите страни ги гледаат како крстопат во модерната историја на земјата. Тензиите се високи пред гласањето и без доверливи анкети. А резултатите од изборите, може само да се нагаѓаат.
Владејачката партија Грузиски сон е на власт од 2012 година и бара уште еден четиригодишен мандат. Таа ги претстави изборите како избор помеѓу мир или војна. Во пораките на кампањата на партијата доминираше аргументот дека ако опозицијата дојде на власт, тоа ќе ја вовлече Грузија во војна против Русија.
Русија против Западот
За опозицијата, гласањето претставува избор меѓу Запад или Русија и меѓу демократија и авторитаризам. Тој наратив го повторија и официјални лица во САД и Европа.
Изборите „ќе бидат моментот на вистината и грузискиот народ ќе треба да одлучи по кој пат сака да оди: кон Европа или да се одвои од Европа“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
„Влогот е иднината на земјата “, додаде Борел.
Дeмократско назадување
Гласањето ќе се одржи по невообичаено бурен период дури и според грузиските политички стандарди. Грузиски сон ја прифати сè повеќе антизападната реторика и усвои контроверзни закони што тие ги оправдуваат како средство за борба против странското влијание во земјата.
Тие вклучуваат закони со кои се забранува „ЛГБТ пропагандата“ и се бара од невладините организации и медиумите кои добиваат средства од странство да се регистрираат како „странски агенти“.
Повторното воведување на вториот закон предизвика масовни протести оваа пролет.
Предизвик за опозицијата
Гласањето ќе се одржи според новиот изборен систем во кој партиите или коалициите треба да постигнат праг од 5 отсто за да влезат во парламентот. Тоа ги мотивираше бројните грузиски опозициски партии да соработуваат до одреден степен, односно да формираат коалиции кои имаат разумни шанси да го надминат потребниот праг.
На крајот, се појавија четири опозициски сили кои веројатно можат да имаат влијание:
- Единство за спас на Грузија, коалиција предводена од поранешната владејачка партија Обединето национално движење (ЕНМ), на чие чело некогаш беше сега затворениот поранешен претседател Михаил Саакашвили
- Коалиција за промени, главно составена од други поранешни фигури поврзани со ЕНМ;
- Силна Грузија, идеолошки широка коалиција која се обиде да не се позиционира ниту како ЕНМ, ниту како Грузиски сон;
- За Грузија, партија предводена од Ѓорѓи Гахарија, кој беше премиер од 2019 до 2021 година, но потоа ја напушти партијата.
Иако четирите партии манифестираат некои разлики во нивните предизборни ветувања, тие во голема мера се обединети за нивниот главен приоритет за соборување на Грузиски сон и, во најголем дел, ја напаѓаа владејачката партија, а не едни со други.
Сите тие потпишаа „Грузиска повелба“ предложена од претседатеката Саломе Зурабишвили, во која се согласуваат, во случај на победа на опозицијата, да и дозволат да формира технократска влада која ќе ги врати добрите односи со Западот и ќе ги укине најавторитарните закони кои Грузиски сон помина во пресрет на кампањата.
Зурабишвили, чиј мандат завршува оваа година, беше избрана за претседателка како независен кандидат во 2018 година, но беше поддржан од Грузиски сон. Оттогаш таа се огради од партијата.
Предност на владејачката партија
Владејачките партии во Грузија традиционално имаат изборна предност со тоа што можат да ги натераат владините службеници и нивните семејства да гласаат за нив. Западните набљудувачи ги оценија минатите грузиски избори како погрешни, но легитимни.
Но, авторитарниот пресврт на Грузиски сон и нивното означување на набњудувачките организации на изборите како „странски агенти“ ги зголеми стравувањата дека овојпат може да има повеќе отворени измами.
Водачите на Грузиски сон рекоа дека нивната цел е да освојат не само мнозинство, туку и уставно мнозинство (113 од 150 места), што ќе им овозможи да владеат повеќе еднострано.
Тие ветија дека, со уставно мнозинство, ќе ги зајакнат анти-ЛГБТ законите и ќе ги забранат сите големи опозициски партии, сметајќи ги за одговорни за предизвикување војна против Русија во 2008 година и обид да ја вовлечат земјата повторно во војна.
Со оглед на високите влогови и неизвесноста околу резултатите, многумина се загрижени за изгледите за евентуални немири по изборите.
За прв пат Грузија ќе користи нов електронски систем за броење на гласачките ливчиња (со хартиена резервна копија), а резултатите се очекуваат еден до два часа по затворањето на гласачките места во 20 часот по грузиско време.