Се будите едно утро и целиот ваш свет го сочинуваат броеви, вредности на гликемија, јаглехидратни единици, дози на инсулин и слично. Потоа ги осознавате сите слики на дијабетесот и се прилагодувате на тоа. Вака Гордана Јанева од Гевгелија накратко објаснува како е да се живее со дијабет, болест која му била дијагностицирана на нејзиниот помал син кога имал девет години.
Седум години подоцна, таа вели дека семејството поминало низ многу предизвици и периоди на адаптација. Во изјава за Радио Слободна Европа, Јанева посочува дека болеста се одразила не само врз животот на нејзиниот син, туку и на неа и нејзиниот сопруг.
Синот на Гордана е еден од оние 650 пациенти кои од Министерството за здравство добија бесплатни сензори за мерење гликемија, кои значително ја намалуваат потребата од боцкање по прстите за проверка на шеќерот.
„Користењето на сензорите навистина е олеснително и за децата и нас како родители, а и за сите лица со дијабетес. Со нив постојано, 24/7 имате увид во вредностите и аларми за предупредување при високи или ниски нивоа што може да бидат загрозувачки по животот, објаснува таа.
При доделувањето во ноември 2023-та, приоритет имаа децата и младите до 18 години со дијабет тип 1, бремените жени со дијабет тип 1 и слепите лица. Меѓутоа, пациентите сега бараат сензори да има за сите, а паралелно да се набават и поквалитетни ленти и глукомери.
Новите технологии сојузник за подобро „менаџирање“ на дијабетот
Сојузот на здруженија со лица со дијабетес ги достави барањата до Владата, до Министерството за здравство и до Националната комисија за дијабетес. Преку овие барања, Сојузот всушност апелира во јавната набавка за оваа и за следната година, властите да не ја користат најниската цена како главен критериум, туку квалитетот, со што би се превенирале компликации кај пациентите.
Додека се во исчекување дали ќе добијат сензори од Министерството за здравство, пациентите се снаоѓаат како знаат и умеат. Тие сами ги купуваат сензорите чија цена се движи од 60 до 70 евра за 14 дена. Меѓу пациентите кои со свои пари набавиле сензор, е и претседателот на Сојузот, Диме Велев.
Велешанецот кој веќе 11 години живее со оваа хронична болест, во изјава за РСЕ вели дека набавката на сензорите треба да се случи час поскоро, бидејќи тоа е човечка потреба, а не луксуз.
„Претходно се боцкав најмалку по четири пати дневно, а сега си купив CGM сензор. Тој функционира така што го ставате на рака, на меко ткиво. На мобилниот телефон имам апликација и сензорот ја мери гликемијата на пет минути“, објаснува Велев.
Со користењето на новите технологии, смета тој, пациентот може да функционира нормално и да ја регулира гликемијата додека е на предавање, на работа, или додека прави било што друго. Освен сензори, Сојузот бара поквалитетни ленти и глукомери, бидејќи како што велат оттаму, оние кои државата ги набавува сега, во некои земји се искоренети уште во деведесеттите.
„Лентите и глукомерите го штитат нашето здравјето и затоа во јавните набавки за нив, не треба да биде главен критериум најниската цена. Во случајов ние плаќаме многу поскапо, затоа што кога нема квалитет добиваме компликации. Стигнуваме и до терциерно здравство. Така трошиме многу време, а трошиме и пари на државата. Овие апаратчиња и ленти нè уништија“, додава Велев.
Нема Оземпик за над 250 пациенти
Дел од лековите пак, кои ги спречуваат компликациите, се на трошок на самите пациенти. Тука спаѓаат лекови кои може да го заштитат пациентот од кардиоваскуларни заболувања, ретинопатија или бубрежни заболувања. Затоа Сојузот бара и проширување на позитивната листа, за што од Фондот за здравство добиле ветување дека ќе бидат повикани на разговор.
Покрај овие проблеми, во меѓувреме се јави и недостиг на лекот Оземпик. Него го примаат 1300 дијабетичари во државата, но за над 250 од нив, го нема веќе две недели. Според Велев, ова не води кон животозагрозувачка состојба, но сепак не е добро да го нема.
„Се враќаме ретроградно во процесот на третманот, му даваме можност на шеќерот да расте и да прави компликации во тие две недели. Гликемиите нема да бидат во рамки на нормалата“, додава Велев за РСЕ.
Дијабетичарите го добиваат овој лек како терапија од инсулинските аптеки со извештај од специјалист, но некои граѓани го купуваат приватно на своја рака во обид да намалат килограми.
Велев порачува дека тоа може да резултира со сериозни штети по здравјето, на што уште пред две години предупреди и Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Агенцијата тогаш алармираше дека лекот Оземпик кој овде се продава без рецепта е фалсификат и не се знае што впрочем внесуваат луѓето.
МЗ: Оземпик ќе има за 1.800 пациенти
Од Министерството за здравство не одговорија конкретно на прашањето на Радио Слободна Европа, зошто има недостиг на овој лек и кога ќе биде надминат проблемот, но најавуваат дека со новата набавка, Оземпик ќе има за 1.800 пациенти.
Во писмениот одговор до РСЕ, Министерството информира и дека ќе набави поголеми количини на сензори, а исто како и претходниот пат, фокусот ќе биде на деца, бремени жени, слепи лица и пациенти со коморбидитети, согласно препораките на Националната комисија за дијабетес.
На прашањето, дали пациентите со дијабет ќе добијат поквалитетни ленти и глукомери како што бараат, од МЗ тврдат дека тендерската спецификација ќе ја прави посебна експертска комисија.
При тоа, најавуваат дека ќе се земат предвид условите за критериумите за квалитет, пропишани од Европската агенција за лекови (EMA) и Американската агенција за лекови (ADA).
„Врз основа на препораките на Националната комисија за дијабетес, во следниот период ќе се спроведе двегодишна јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шекер и инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија. За таа цел е креирана предлог спецификација со примена на моделот - оптимизирање, со цел обезбедување исулинска и антидијабетска терапија“, додаваат од Министерството за здравство.
Од ресорното Министерство велат и дека се воведува нов лек Дапаглифлозин за спречување компликации и коморбидитети од кардиоваскуларни и други заболувања.
Во прва фаза ќе се набават количини за 100 пациенти, со цел по препораки на Комисијата за дијабетес да се анализираат ефектите од примената на оваа терапија и ќе има можност за натамошно зголемување на кличините на овој нов лек, објаснуваат од Министерството.
Владата ги разгледува барањата
Барањата кои беа испратени до таму, пациентите ги доставија и Националната комисија за дијабетес, но и до Владата од каде велат дека ги разгледуваат сите барања и иницијативи доставени од страна на сите здруженија, вклучително и здруженијата на пациенти.
За оваа годинава веќе е обезбедена инсулинската терапија и сите потребни средства за луѓето со дијабетес. Исто така, се предвидува третман за пациенти со дијабетес и прекумерна тежина, кои се третираат со специфична терапија, велат од Владата за Радио Слободна Европа.
Во однос на пациентите кои треба да добиваат сензори Владата со особено внимание го разгледува барањето за зголемување на бројот на сензори и во соработка со надлежното Министерство, останува посветена на обезбедувањето модерни здравствени услуги – се додава во владиниот одговор.