Достапни линкови

Интервју - Љубе Бошкоски


Љубе Бошковски
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:54 0:00

Љубе Бошкоски, претседател на Обединети за Македонија

Обединети за Македонија немаат намера да коалицираат со луѓе кои во овие 20 години ја донесоа Македонија до ова дно, вели претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.







Г-дине Бошкоски, познато е дека во политиката нема емоции. Вас ве пречекаа како херој на скопскиот Аеродом, вклучувајќи го и Никола Груевски, за неколку месеци подоцна да ве прогласат за предавник. Како се случи Љубе Бошкоски и Никола Груевски, кои припаѓаа на иста идеолошка матрица, да станат политички ривали?
Точно е дека во политика нема многу емоции, навистина сфатив дека политиката треба да се води со жешко срце, но со ладна глава, бидејќи кога постои таков спој тогаш навистина имаме сериозен проблем и тогаш се случува тоа што денес го имаме во Македонија од овие би рекол довчерашни колеги. Дали сме биле од иста идеолошка матрица тоа денес го гледаме, го гледаме по масовното преоѓање на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, вистинските вмровци, во единствената опција, Обединети за Македонија.

Има ли некакви шанси да ја видиме вашата партија обединета со некои од десничарските партии, или поконкретно какви се вашите односи со екс-премиерот Љубчо Георгиевски и неговата партија?
Во овој миг не гледам вистинска десница во државата и е големо прашање што во Македонија и кого претставува десницата, што е десницата. Ако сакате да зборуваме за економија, ако сакате да зборуваме за визија, за профилираност на една политичка партија тогаш сигурно ќе ни стане јасно дека во Македонија десницата е крајно лево ориентирана, а левицата е крајно десно ориентирана. Можеби звучи парадоксално, но фактите зборуваат дека 90% од македонската економија е приватизирана во времето на СДСМ, крупниот капитал во државата, фирмите, се во рацете на оние кои треба да промовираат по се поинаква идеологија од идеологијата која денеска според се ја имаме во редовите на СДСМ. Политиката, пак, која ја водат т.н. десничарски партии кои во овој момент не ги гледам на политичката сцена е политика која ја водат левичарските партии во светот според нивната профилираност. Ќе повторам дека денес нема коалицирање со ниту една политичка партија. Обединети за Македонија немаат намера да коалицираат со луѓе кои во овие 20 години ја донесоа Македонија до ова дно, пред нејзината економска смрт, нема коалицирање со луѓето кои имале шанса да донесат вистински промени во Македонија, а не само реторички, со познатите пароли „промени“ кои ги слушавме во овој период. Ние навистина немаме намера да коалицираме со ниту еден премиер кој е одговорен за состојбите во македонската држава, па во тој контекст нема коалицирање ниту со Бранко Црвенковски, ниту со било кој досегашен премиер во Македонија.

Како ги коментирате тогаш обвинувањата од ваши довчерашни сопартијци кои велат дека одржувате тајни врски со Црвенковски, дека вашата партија се претворила во помагач на левицата?
Доколку тие имаат доказ за тоа би го пласирале во нивните таблоиди би рекол, бидејќи веќе не наликуваат на сериозни медиуми. Таа кампања се води подолго време, но една допирна точка со Бранко Црвенковски немам, каде би можел да се најдам со Црвенковски, што имам со него заедничко во минатото и што е тоа што би ме вратило во коалиција со него.

Би биле ли коалиционен партнер во идната влада со ДУИ на чело со Ахмети?
Ние со Али Ахмети сме биле на различни страни и моето мислење за Ахмети не можам да го променам и тука јас нема што повеќе да зборувам. Ако волјата на албанските граѓани, за жал иако зборуваме за европска Македонија, се уште ние сме оптеретени со стереотипите на минатото, се уште сме поделени, па постои некаков албански и некаков македонски блок.... доколку волјата на албанските гласачи е таква, јас не можам да се спротивставам и да ја менувам волјата на граѓаните бидејќи тоа е дел од она што денеска го преживува Македонија, дел од забранетата слободна мисла која ја гледаме на секој чекор.

Г-дине Бошкоски, излеговте со сериозни обвинувања за начинот на кој што семејството Мијалкови ја стекнало финансиската состојба, се споменуваа фирми, станови во Прага па дури и на име на мајката на премиерот Груевски. До каде е тој процес и дали воопшто доказите што ги имавте ги доставивте до надлежните институции?

Да, ги однесовме дел од доказите и прекинавме понатаму да ја оптеретуваме македонската јавност бидејќи видовме дека Антикорупциската комисија посебно сега со новоизбраниот претставник на Комисијата, станува скандалозно и мислам дека тврдењата на Антикорупциската комисија дека овие пола милион евра кои се префрлени не стигнале на сметката за да може г-динот Мијалков да ги пријави во анкетниот лист е повеќе од очигледен притисок и станува збор за партиска Антикорупциска комисија која не се бори со корупцијата туку напротив ја стимулира и ја легализира, ги легализира коруптивните методи во дражавата. За жал и независното судство, кое е независно само на хартија, ако докажат дека тука нема корупција и дека не е секоја фрлена лопата од Груевски во Македонија, никнат објект во Чешка, ние имаме право да се сомневаме, има право секој во оваа држава за своите пари, за својот труд, за она што го дава за државата да побара отчет од функционерите.

Дали приоритет на новата влада треба да биде решавање на спорот за името и дали воопшто тоа прашање може да се реши толку брзо колку што го бара тоа од нас меѓународната заедница?

Ние треба да се растеретиме од тоа дека некој друг нам ќе ни го реши проблемот, 20 години ние во Македонија живееме во еден интересен сон. Ние имаме јасен став, а нашиот став е хармонизирана национална позиција, а тоа би значело сите политички партии без разлика дали се парламентарни, вонпарламентарни, сите претставници на тие партии треба да седнат на маса и да разговараме за овој сериозен проблем. Нема референдум за името, одговорноста мора да ја преземат политичарите, мора да седнат на маса и тоа е нашиот став за хармонизирана позиција. Кога ме прашувате дали може ова прашање кое Европа ни го наметнува, да го решиме така брзо, ви гарантирам како претседател на Обединети за Македнија има решение, решението ќе дојде после нашата победа и ние навистина можеме да ја внесеме Македонија во НАТО, во ЕУ, а притоа да не го менуваме историското име Република Македонија.

Г-дине Бошкоски, на почетокот на интервјуто изјавивте „јас ги поминав сите животни амплитуди, знам како е да се биде на врвот на политичката кариера, но знам како е да се биде на дното“. Нели сте уморен од политиката и што е тоа што ве турка напред после се низ што поминавте?
Во оние мои самувања кога човек е 24 часа на ден соочен сам со себе, кога мора да го победиш времето кое е најголем противник, јас никогаш не престанав да размислувам за Македонија, за она што сакам да го дадам за мојот народ и никогаш верувајте ми не сум помислил дека сум дал доволно за Македонија, и тоа е главниот мотив оној мој национален романтизам за Македонија, сфатив во реалноста во 2001 година колку е сурова македонската реалност и сватив во политиката дека навистина може многу да се направи доколку си искрен, чесен и доколку навистина целосно можеш да се вложиш за својот народ, за граѓаните на државата која премногу ја сакам, повеќе и од сопствениот живот, само тоа е мојот мотив за повторно враќање во политиката свесен за сите проблеми со кои ќе се соочувам во периодот пред мене.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG