Рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да ги запре нападите врз енергетскиот сектор и инфраструктурата на Украина за 30 дена, како чекор кон постигнување целосен прекин на огнот.
Во соопштенијата од Кремљ и од Белата куќа, за 90 минутниот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин е наведено, дека двете страни се посветени на изнаоѓање долгорочен мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина, најголемата европска копнена војна од крајот на Втората светска војна.
„Лидерите се согласија дека движењето кон мирот ќе започне со енергетски и инфраструктурен прекин на огнот, како и технички преговори за спроведување на поморскиот прекин на огнот во Црното Море, целосен прекин на огнот и постојан мир“, соопшти Белата куќа, додавајќи дека преговорите ќе започнат „веднаш“ на Блискиот Исток.
Кремљ разговорот го опиша како „детална и искрена размена на мислења“.
Во соопштението наведе дека Путин при разговорот „наведел голем број значајни точки кои се однесуваат на обезбедување ефективна контрола врз можниот прекин на огнот долж целата линија на борбен контакт, потребата да се запре присилната мобилизација во Украина и повторно да се вооружат украинските вооружени сили“.
„Беше нагласено дека клучен услов за спречување на ескалација на конфликтот и работа кон негово решавање преку политички и дипломатски средства треба да биде целосно прекинување на странската воена помош и доставување разузнавачки информации за Киев“, соопшти Кремљ.
Во соопштението на Кремљ е наведено дека мировните разговори треба „да ја земат предвид апсолутната потреба да се елиминираат основните причини за кризата и легитимните интереси на Русија во областа на безбедноста“.
Засега нема коментар од Украина за исходот од разговорите Путин-Трамп.
Откако ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Путин неосновано тврдеше дека украинската влада била предводена од неонацисти кои извршиле геноцид врз руското малцинство во источна Украина и дека целта на Русија била да ја „демилитаризира и денацизира“ Украина.
Тој, исто така, ја обвини воената алијанса на НАТО дека се обидува да стекне упориште во Украина, потег што ќе ги доближи нејзините трупи до руските граници.
Трамп го стави крајот на војната што е можно поскоро како главен приоритет за неговата администрација . По одржувањето на разговорите во Саудиска Арабија, украинските и американските власти на 11 март објавија дека Киев се согласил на 30-дневен предлог за прекин на огнот, во зависност од договорот на Русија.
Путин претходно предложи услови за мир, како што е замрзнување на испораките на американско оружје за Киев и Украина да остане „неутрална“.
Киев долго време ги отфрлаше тие услови.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски честопати нагласуваше дека за Киев да прифати каков било мировен договор, тој мора да има безбедносни гаранции за Украина од нејзините западни партнери, вклучително и евентуално членство во НАТО.
„Инсистирав на членството на Украина во НАТО, но знаете кои беа одговорите“, рече тој во февруари, сугерирајќи дека патот кон приклучување кон западната воена алијанса останува попречен.
На 16 март, американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Си-Би-Ес изјави дека конечниот мировен договор „ќе вклучува многу напорна работа, отстапки и од Русија и од Украина“, додавајќи дека би било тешко дури и да се започнат такви разговори „додека тие пукаат еден кон друг“.
Исто така, на 17 март, францускиот претседател Емануел Макрон и новиот канадски премиер Марк Карни се состанаа во Париз и „ја потврдија својата непоколеблива поддршка за Украина додека таа продолжува да се спротивставува на неоправданата руска војна за агресија“, се вели во заедничката изјава.