Доволни ли се околу 1.000 евра месечно за едно четиричлено семејство да ги покрие основните трошоци или навистина треба да се преиспита методологијата на синдикатите за пресметка на минималната потрошувачка кошничка?
Прашањето се отвори по коментарите на премиерот Христијан Мицкоски со кои ја доведе во прашање точноста на пресметките на минималната синдикална кошничка и истакна дека е неопходна измена во методологијата.
Според него, спорно е што потрошувачка кошница, освен основните продукти, содржи и цигари, нескафе и сезонско овошје.
„Еве јас во јануари дел од овие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, црешни, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се и цигари бидејќи малку е нелогично да имате цигари во минимална кошничка“, вели Мицкоски.
Тој додаде дека во пресметката треба да бидат вклучени сите засегнати страни, а дека цените за пресметка на кошницата не треба да бидат земени од поексклузивните супермаркети, ниту од најевтините, туку да биде избрана средина.
Коментарите дојдоа по седницата Економско-социјалниот совет на 3 февруари на која се дискутираше за минималната потрошувачка кошничка, а според најавите синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи и министерствата за економија и финансии на следната седница треба да дефинираат официјална потрошувачка кошничка.
Од ССМ за Радио Слободна Европа велат дека немаат намера да ја менуваат нивната кошничка, а дела владата ако сака слободно нека прави друга.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов претходно рече дека потрошувачката кошничка на синдикатот реално ги покажува потребите, но дека стојат на располагање доколку државата има потреба од нивната експертиза во пресметките.
„Доколку целта е да се докажува дека граѓаните можат да преживеат со многу помалку, тогаш би требало да се направи нова пресметка – не минимална, туку просечна кошничка, која би надминувала 2.000 евра и би ги одразувала реалните потреби на граѓаните“, рече Трендафилов.
Адеми: Иронични коментари на премиерот
Точно е дека во минималната потрошувачка кошничка на ССМ се вклучени цигари, како и алкохолни пијалаци: пиво, вино, ракија и нескафе. Во делот за овошја ставени се лубеници и дињи, кајсии и праски, цреши, грозје, круши, јаболка, портокали, лимони и банани.
Но, политичкиот аналитичар Висар Адеми во тоа не гледа проблем, оценувајќи ги коментарите на премиерот Мицкоски како иронични. Ако се погледне колку се е поскапено, вели тој, јасно е дека најголем дел од расходите на граѓаните се насочени кон основните прехранбени продукти, енергенсите и лековите, а сезонското овошје и цигарите претставуваат мал дел од вкупните месечни трошоци.
„Не може пензионер со пензијата што ја прима да излезе на крај да набави основни продукти и лековите. Или едно семејство, со вака скапа храна и енергенси, не може да постигне само за храна, а не пак за сезонско овошје. Ова што го кажува Мицкоски е иронија, бидејќи немаат одговор на економските предизвици и кризата со цените“, вели Адеми.
Владата претходно како одговор на високите цени воведуваше мерки, како „есенска потрошувачка кошничка“, а потоа и новогодишна потрошувачка кошничка“ кои вклучуваа намалување на цените на одредени производи.
Но, граѓаните постојано се жалат на високите цени, а минатиот петок имаше и акција за бојкот на маркетите - иницијатива која започна во Хрватска и БиХ, а се прошири во неколку земји од регионот.
Во минималната кошничката која Сојузот на синдикати на Македонија ја пресметува секој месец, вклучени се и трошоци за домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје (лекови).
Таа, според податоците на ССМ е во постојан раст и од 2022 година трошоците за живот на едно четиричлено семејство се пораснати за скоро 48 отсто.
Ако се оди уште поназад, синдикалната потрошувачка кошничка на ССМ во декември 2020 година изнесувала 33.742 денари, додека во декември 2024 година достигнала 62.861 денари – речиси двојно зголемување.
Последните податоци за јануари 2025 година покажуваат дека потрошувачката кошничка изнесува 63,252 денари (1.028 евра) и има зголемување од 391 денар споредено со декември претходната година.
Ако едно семејство треба да изнајмува стан од 60 квадрати, тогаш трошоците се 78.627 денари (1.278 евра).
Реалните потреби остануваат незабележани
Претседателот на ССМ Трендафилов во насока на критиките на пресметката на минималната кошничка ССМ вели дека за споредба Државниот завод за статистика вклучува околу 230 производи во својата кошничка – меѓу кои ананас, јагоди, ореви и бадеми – што според него е „далеку понереално“ од методологијата на ССМ, која се фокусира на неопходните намирници како сезонско овошје, газиран и густ сок, како и хамбургери за децата.
„Ако најголемата грешка во нашата кошничка се 25 грама цреши, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал, тогаш нека направат нова методологија. Но, со 730 денари дневно, четиричлено семејство не може да купи ни четири бурека со јогурт, а не да преживее цел ден“, изјави Трендафилов.
ССМ ќе продолжи да ја пресметува својата кошничката, која, како што нагласи Трендафилов, е единствен релевантен податок што покажува во која насока треба да се движат владините политики и одлуките на работодавачите за зголемување на платите.
Минималната синдикална кошничка ССМ ја пресметува од 2011 година со цел да ги отслика реално основните потреби за „достоинствен живот на четиричлено семејство во текот на еден месец.“
Тука се вклучени и трошоците семејството да живее во стан од 60 квадрати, да вози кола со ниска кубикажа, едно од децата да добива месечен билет за транспорт од државата, да плаќаат струја во прв блок, да користат пониска тарифа за интернет и телефон, да имаат еден телевизор, да пазаруваат во поевтини маркети, еднаш месечно да одат на фризер но само да се потстрижуваат, да не се хронично болни.
Со овие пари тие два пати месечно можат да си дозволат да јадат хамбургер, а за облека да купуваат по една кошула од член годишно, а за летување во годината да поминат седум ноќи во Дојран во бунгалов.
ССМ прави и споредба на вредноста на синдикалната минимална кошница во Северна Македонија со соседните земји. Во некои држави синдикалната кошница е далеку поголема, додека во други е помала.
Според анализата на ССМ, вредноста на синдикалната минимална кошница во Црна Гора изнесува 1850 евра, во Босна и Херцеговина е 1263 евра, додека во Србија е 425 евра. ССМ напоменува дека во Србија минималната кошница ја изработува министерството за внатрешна и надворешна трговија.